1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Да не се заборави за да не се повтори“

10 март 2010

Шестипол децении по крајот на ужасите во нацистичките логори на смртта, во Македонија егзистира мала еврејска заедница. Треблинка беше кобна за сите депортирани Евреи од земјата.

Фотографија: AP/DW

Еврејската заедница во Република Македонија одбележува 67 години од депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор Треблинка. Годишнината од трагичниот настан денеска се одбележува во Штип и во Битола, со полагање цвеќе пред спомениците на депортираните Евреи и на паднатите борци во НОВ од страна на делегации од Еврејската заедница, а ќе бидат потпишани и меморандуми за соработка со двете општини.

Шеесет и седумте години од депортацијата утре ќе бидат одбележани и во Скопје, со полагање цвеќе пред споменикот на македонските Евреи пред Тутунскиот комбинат и со посета на гробиштата во Бутел, каде што ќе биде отпеана еврејската молитва за мртвите - кадиш.

Во рамки на активностите за одбележување на 67-години од погромот на македонските Евреи, синоќа (09.03.2010) во галеријата Даут-пашин амам беше промовирана книгата „Евреите од Монастир, Македонија“, дело на Шломо Албохер, иселеник од Битола во Израел.

Ниту еден не ја преживеал Треблинка

Во Македонија има неколкумина живи луѓе, припадници на еврејската заедница кои се сведоци на ужасите на Втората светска војна. Ниту еден од нив не може да сведочи за ужасите во концентрационите логори, бидејќи ја имале таа среќа да се спасат од депортација во нацистичките логори на смртта.

Од 7200 македонски Евреи кои за време на Втората светска војна биле депортирани во логорот Треблинка, ниту еден не преживеал. Шестипол децении подоцна, во Македонија егзистира мала еврејска заедница во која членуваат 250 луѓе, објаснува за Дојче веле, Жаклина Мучева, генерален секретар на Заедницата на Евреите во Македонија.

Треблинка - овој пат водеше во смртФотографија: picture-alliance / dpa

Малкумината Евреи во Македонија се спасиле од нацистите со учество во Народно ослободителната војна. По крајот на Втората светска војна, во земјата останале, или се вратиле, само стотина од нив. Нивните потомци денеска се активни и ценети во општествениот живот. Сите членуваат во заедницата која можеби е мала, но доста активна во меѓународни рамки. Мучева објаснува дека постојано одржуваат контакти со еврејските заедници во светот. Задоволни се од реализирните проекти од кои добар дел со поддршка на македонската влада.

„Простивме, но не заборавивме“

Една од позначајните активности на Еврејската заедница во Македонија е едукацијата на младите генерации. Оттаму велат дека сите чинители во општеството треба да се трудат за постојана едукација. „ Можеби простивме, но секако не заборавивме“, вели Мучева, која нагласува дека е многу важно на Холокаустот да се гледа како појава која не смее да се повтори во иднина, или пак, да служи како пример за други несакани случувања.

Автор: Костадин Делимитов / миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми