1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Да се бориме за отворена Европа!

31 август 2019

Во Полска викендов се одбележува 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна. Обврската да се крене гласот против противниците на демократијата е голема пред сѐ за Германците, оценува Јенс Турау.

Symbolbild EU Erweiterung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пред 80 години Германија ја нападна Полска. Оттогаш помина долго време. Пред 80 години со нападот започна и Втората светска војна. И, со оглед на тоа што таа остави многу последици, на многумина честопати им се чини како војната да била неодамна.

Генерацијата која учествуваше во војната, потоа главно молчеше. Децата и внуците прашуваа, тешко и често многу доцна се зборуваше за стравотиите кои Германците им ги сториле на соседните народи. Многу работи од минатото се обработени, но сѐ уште, до ден-денес, има дупки, повреди, дистанци. И, тие ќе останат уште долго, можеби дури и засекогаш.

Мировниот проект е во опасност

Политички времето по војната, глобално погледнато, не беше мирно. Додека во Европа оружјето веќе молчеше, САД фрлија атомска бомба во Јапонија. Потоа дојдоа Корејската и Виетнамската војна, војните на Блискиот Исток, воените режими во Јужна Америка. И во Европа имаше нови конфликти во непосредна близина: Југославија се распадна крваво, нападот врз САД на 11 септември 2001 година ја погоди и Европа во сржта. Но, големото мнозинство и по многу години по завршувањето на војната, сакаше пред сѐ едно - никогаш да не се повторат такви разурнувања, никогаш повеќе национализам!

Јенс Турау

Германија се помири со Франција и останатите западни соседи, Вили Брант падна на колена во Варшава. Европската унија се зглемуваше и зголемуваше - мировен проект, така офанзивно го нарекуваа политичарите. Ѕидот падна, Студената војна беше завршена и еден краток момент се чинеше како навистина да може да се создаде нов, мултилатерален свет. Нелсон Мандела стана претседател на Јужноафриканската Република. Бил Клинтон во 1994 дојде во Берлин и порача: „Сѐ е можно!“ Да, работите изгледаа така. Државите од Источна Европа станаа дел од ЕУ, нешто што се подразира само по себе. Тие се исто толку европски како и државите од западот на континентот.

Во 2019 година, 80 години по почетокот на Втората светска војна, има многу исплашени лица, пред сѐ на постари луѓе. Национализмот е повторно тука, има хушкање против луѓето кои доаѓаат од други земји или кои изгледаат поинаку. Во Белата куќа седи популист, друг таков владее во Лондон. Присебните политичари се борат за мировниот проект на ЕУ. Ретко кој се осмелува сѐ уште како аргумент во расправата да го стави едно од главните образложенија за заедницата на држави - безграничната, поврзана Европа. Брзо младата генерација (доколку евентуално не се случи чудо) ќе доживее што значи кога една земја како Велика Британија крева нови ѕидови.

Разумните не смеат да молчат

Затоа, одбележувања на годишнини, како сега во Полска, стануваат сѐ поважни. Но, уште поважен е разговорот со малкуте сѐ уште живи сведоци на тоа време, кои со свои очи морале да гледаат неверојатна свирепост. Граѓанскиот центар во Европа, пред сѐ во Германија, мора да биде подготвен да се бори за постигнувањата по 1945., да се бори за демократија, човечност, интернационалност. Онака како што во 1989 година тоа го сторија храбрите луѓе во ГДР. Повторно има доволно непријатели на демократијата. Тие нема да дојдат со тенкови, како тогаш. За модерните сајбер-војни веќе не се потребни војници, барем не во Европа. Но, демократијата може да се брани само одвнатре, од срцето на општеството. Не е точно дека популистите, врескалата, хушкачите се насекаде во мнозинство. Проблемот е што разумните молчат. Поуката 80 години по крајот на војната гласи - на молкот да му стави крај. Дел од тоа е и јавното сеќавање на стравотиите од тоа време.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми