Да се запре дискриминацијата на малцинствата во БиХ
13 април 2012Босна и Херцеговина треба да ја укине дискриминацијата насочена против националните малцинства од својот устав, законите и јавните институции, се наведува во последниот извештај на меѓународната организација за човекови права Хјуман Рајтс Воч (ХРВ). Под наслов „Граѓани од втор ред“ експертите за прашањето на човековите права на Балканот наведуваат дека во БиХ, кога се во прашање националните малцинства, постои „директна дискриминација“, заснована на самиот устав на земјата, која се рефлектира како на национално, така и на ниво на ентитетите.
„Ситуацијата е таква што постојат три конституитивни народи во БиХ и ако не му припаѓате на ниту еден од нив, автоматски сте исклучени од учеството во политичкиот живот, односно не можете да се кандидирате за претседателството, националниот парламент“, вели во разговор за ДВ, Лидија Гал, аналитичар за Европа и за централна Азија во ХРВ.
Граѓани од втор ред
Во извештајот кој посебно се фокусира на ситуацијата на ромската популација во БиХ, се наведува дека иако Ромите во цела Европа се соочени со сериозни проблеми во областа на човековите права, она што ја прави БиХ да отскокнува се директно дискриминирачките прописи во уставот, кои натамошно се одразуваат и се засилуваат преку индиректната дискриминација во многу области од секојдневниот живот, како на пример вработувањето, образованието или здравствената заштита. Затоа, покрај укинувањето на етнички дискриминирачките одредби од Уставот, Хјуман Рајтс Воч наведува уште две клучни препораки за властите во БиХ.
„Здравственото осигурување е поврзано со работата, што исклучува многу Роми (само мал број од нив се вработени, а уште помалку се пријавени во службите за вработување), така што препорачуваме промена на легислативата, за сите, без оглед на вработувањето или етничката припадност, да имаат пристап до осигурувањето. Во случајот на условите за живот многу Роми во земјата живеат во ’неформални населби’, без инфраструктура и под постојана закана дека ќе бидат насилно истерани без обезбедена локација за преселување“, објаснува Лидија Гал.
Итно се неопходни реформи
Во ХРВ наведуваат дека во Босна и Херцеговина имало ветувања од „високи позиции“ за решавање на проблемите на Ромите, но оти во пракса е малку сторено. Притоа, во организацијата потсетуваат на пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот на Сејдиќ - Финци, која се’ уште не е применета во БиХ и порачуваат дека во модерна европска земја нема место за политичка дискриминација на малцинствата и оти е крајно време за реформи во БиХ.
„Доколку не се усогласат со стандардите на Советот на Европа, нема да се квалификуваат за членство во ЕУ. Унијата мора да изврши притисок врз БиХ, што е можно побргу да ја примени оваа одлука и да ги исполни европските стандарди во областа на човековите права“, заклучува Гал.
И највисоките европски претствници порачуваат дека за наредниот чекор на БиХ на патот на евроинтеграциите е неопходно земјата да преземе мерки во насока на усогласување на уставот со одлуката на Европскиот суд за човекови права во случајот Сејдиќ - Финци.