1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се скратат процедурите, не да се враќаат визите

Марија Максимовиќ/ Александра Трајковска 25 март 2014

Бројот на баратели на азил од Западниот Балкан во земјите на Шенген повторно расте. За да се сочува безвизниот режим и да се намали притисокот врз системот на азил во ЕУ се скратуваат процедурите и се укинува помошта.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Во годината зад нас од Западниот Балкан во Европската унија стигнаа околу 50.000 баратели на азил, што е речиси една шестина од сите барања за азил во ЕУ. И додека во Европа доаѓаат голем број луѓе од Сирија, Чеченија или Авганистан, на кои таков вид на заштита и помош им е неопходна поради прогонот и состојбата во нивните матични земји, поголемиот број на барањата за азил на граѓаните на Србија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се одбива како неосновани. Поради таквата „злоупотреба на безвизниот режим“ внатре во ЕУ повеќепати се споменуваше прашањето за повторно воведување на визниот режим за граѓаните на западниот Балкан.

„Би било лошо поради барателите на азил повторно да се воведат визи. Многу е подобро законски да се решава тој проблем, а да остане безвизниот режим, кој претставува големо достигнување на евроинтеграциониот процес на Западниот Балкан“, повторуваат од Центарот за европска стабилност. Во тој случај се поздравува и намерата на Германија, како и некои други членки на Шенген, на државите од Западен Балкан, на кои им е одобрена визна либерализација да ги стави на листите на „земји со безбедно потекло“, со што за нив би се скратиле процедурите за обработка на барањата за азил.

„Лажните барања за азил ги поднесуваат оние кои не се гонети или изложени на опасност во своите татковини, туку оние за кои обработката на тоа барање во ЕУ значи неколку месеци бесплатен престој, храна и здравствена заштита, што е најчесто и повеќе и подобро од она што го имаат дома“, вели во разговор за ДВ Александра Штиглмајер од Центарот за европска стабилност. Истовремено Штиглмајер нагласува дека секој и натаму ќе има прилика да го „изнесе својот случај“ и врз основа на фактите да му се одобри или одбие барањето за азил, но дека сето тоа ќе трае неспоредливо пократко.

Семејството Ибрахимовиќ од Србија во прифатилиште во Германија во 2012 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

„Земјите кои ја скратија процедурата за барање за азил имаа и помал број барања. Швајцарија така го намали бројот на десет проценти во однос на претходните години, Шведска го преполови, а бројот на барањата за азил опадна и во Белгија. Кога процедурата за добивање азил трае неколку недели, таа е помалку интересна за оние кои знаат дека шансите за добивање азил се мали. Тие нема да минат толкав пат за две недели да минат во колективните центри и да бидат вратени дома“, заклучува Штиглмајер.

Заеднички систем на ниво на ЕУ

Европската унија уште во 1999. година почна да работи на заеднички систем за азил кој би ги ускладил законодавствата и процедурите во земјите членки кога станува збор за барателите на азил. Педнаесет години подоцна, ситуацијата е далеку од идеална. Пристапот е похармонизиран, се усвоија заеднички стандарди во областа на барателите на азил, како и критериуми неопходни за добивање на статус азилант, но секоја држава членка на Шенген и натаму има различен систем на одбрана за барањата на азил.

„Ново усогласување на правилата ќе води кон поправедно, побрзо и поквалитетно донесување на одлуки за потенцијалните азиланти“, најави комесарката на ЕУ за внатрешни прашања Сесилија Малмстром.

Додека договорот за „европскиот пакет за азил“ не се се примени во пракса ширум Унијата, земјите членки, на прво место оние најпогодените од приливот на т.н „лажни“ барања за азил ќе се обидуваат со поединечни измени на законодавствата да го решат проблемот. Така Белгија пред две години земјите од Западен Балкан ги стави на листата „безбедни земји“. Процедурите за испитување на барањата за азил за граѓаните на овие земји сега траат најмногу три недели, а целосно е укината и финансиска и секакава друга помош на оние кои по одбиено барање за азил се враќаат во земјите на потекло по итна постапка. Во Германија тој процес минатата година траеше околу три месеци. Во тој период, германските власти одбиле 130.000 барања за азил, од кои дури 34.000 биле поднесени од страна на граѓаните на земјите на Западниот Балкан, а за само 40 е утврдено право на азил.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми