1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се сузбиваат причините за отселувањето од Западен Балкан

Роберт Шварц/превод: Зоран Јордановски 16 февруари 2015

Во изминатите месеци десетици илјади луѓе си заминаа од Косово. Масовниот егзодус, не само од таму, не може да се запре без голема помош од ЕУ и САД, смета Роберт Шварц.

Фотографија: Reuters/M. Djurica

Југоисточниот раб на Европа се чувствува запоставен од ЕУ. Повторно. И, како и толку често досега, играта е иста: обземени од европските идеи, народите се стремат кон демократија, независност и благосостојба. Но, политичките промени, економските и социјални реформи во поранешните социјалистички држави не можат да се реализираат сами од себе. Тоа е познато и во Брисел и во Берлин, посебно од пред 25 години, по падот на „железната завеса“. Германија и ЕУ ветија помоши повеќе или помалку ги поддржуваат државите во Југоисточна Европа.

По војната во поранешна Југославија, со временски ограничениот Пакт за стабилност на Југоисточна Европа, требаше од ЕУ финансиски да биде поддржан преминот кон демократија и пазарно стопанство во регионот. Но, од тоа не стигна многу до луѓето. Не само затоа што и онака парите не беа ни приближно доволни, туку и затоа што многу од нив, поради површната контрола од страна на донаторите, исчезнаа во мрачни канали. Лошото стопанисување и корупцијата во земјите од регионот од една страна, и колебливите инвестиции од богатиот Запад од друга, како и високата невработеност, многу луѓе турнаа во сиромаштија. И, ги принудија на ислување.

Косово е најновиот пример. Целата дискусија на министрите за внатрешни работи на ЕУ околу либерализацијата на визната политика и таканаречените „сигурни трети држави“ е излишна. Животот на Косово е исто толку сигурен или несигурен, колку и во Србија, Македонија или Албанија. Сиромаштијата е она што Косовците веќе не можат да го поднесат. Прво одат најслабите во општеството, често пати тоа се Роми, за да побегнат од маката. Но набргу потоа желбата за подобар живот води и добро образовани млади луѓе во некоја земја на ЕУ. Притоа, тие знаат дека шансите за признавање на барањето за азил се еднакви на нула и најголемиот дел повторно ќе бидат протерани.

За ЕУ, но и за САД, актуелниов бран од бегалци од Косово треба да биде нов аларм. Кој по ред?! Со огромна западна помош таму е востановена држава, чии шанси за опстанок, без континуирана и долгорочна економска и политичка подршка, од самиот почеток беа минимални. Брисел и Вашингтон и натаму ја имаат одговорноста да не ја препуштат сама на себе најмладата држава во Европа.

Но, Косово ни оддалеку не е единствениот пример на погрешна развојна политика среде Европа. Приближувањето на Бугарија и Романија, подоцна и на целиот Западен Балкан, одеше според слично сценарио: колебливо и често пати со огромни пречки. Некој Пакт за солидарност, сличен како западногерманскиот во полза на некогашната Источна Германија, сигурно ќе беше поефективен за луѓето во Југоисточна Европа.

Роберт ШварцФотографија: DW

Во никој случај не ги разубавуваме работите: и од истокот на Германија имаше значителна миграција во насока кон побогатиот Запад. Но, никогаш не дојде до масовно бегство. А подемот во новите сојузни покраини (некогашната Источна Германија, н.з.), кој бргу стана видлив, доведе до засилено инвестирање, невработеноста остана под контрола, животниот стандард и приходите можат да се споредуваат со оние во западниот дел.

Луѓето во Југоисточна Европа не се ни осмелуваат да сонуваат за таков развој. Се’ што сакаат е живот достоен за човека во својата сопствена татковина. Се’ додека таков среднорочно не е на повидок, тоа многумина ќе тера на иселување. Најголемиот дел од барателите на азил ќе се обидат, по одбиеното барање, да останат во земјите за кои се определиле и ќе се издржуваат со работа „на црно“. Од нивна перспектива, неспоредливо е полесно да се поднесе таков живот отколку сиромаштијата дома.

ЕУ мора конечно отворено да признае дека нејзината политика на југоистокот на Европа беше погрешна. За тоа е потребна смелост и политичка одговорност. Секако и волја, и покрај акутните кризни жаришта во Украина и Грција, сосем поинаку да и’ пријде на темата миграција поради сиромаштија. Повикот за „Маршалов план“ (како за СР Германија по Втората светска војна) или за „Пакт за солидарност“ (како за некогашната Германска Демократска Република) за државите од регионот не е нов. Само, се чини дека него речиси никој во ЕУ или САД не го слушнал. Или не сакал да го слушне. Се’ додека не е на повидок прагматично решение постојано во Европа ќе има луѓе, кои ќе и’ го завртат грбот на својата земја - за да побегнат од немаштината и себе си и првенствено на своите деца да обезбедат достоинствена иднина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми