1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Да сум јас НАТО, би бил многу загрижен“

Тери Шулц / Е.М. Фиданоска24 јуни 2015

НАТО ја подига својата борбена готовност, со различни воени вежби и маневри и‘ испраќа сигнали на Москва. Но, неуспехот на т.н. „јавна дипломатија“ би можел да биде пречка за брзо распоредување сили.

Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Министрите за одбрана на НАТО во Брисел расправаат за зголемените воени капацитети со кои сега располагаат. Но, веројатно ќе разговараат и за нешто друго што не се наоѓа на официјалната агенда на дводневниот состанок. Имено, за тоа дека и покрај демонстрациите на „солидарност“ меѓу членките на НАТО, во јавноста опаѓа разбирањето за потезите на воениот сојуз. Таканаречениот public support упорно изостанува, посебно кога се работи за разместување на трупите во источните членки на алијансата.

Новата анкета на истражувачкиот центар Пју покажа дека повеќе од половината Французи, Германци и Италијанци, не поддржуваат употреба на воена сила во хипотетички судир со Русија. Притоа, членот 5 од НАТО-договорот бара сите членки на алијансата воено да и‘ помогнат на онаа членка која ќе биде нападната. Досега само една земја се повика на тој член, и тоа САД по терористичките напади од 11 септември. Развојот на кризата во Украина си става членот 5 на врвот на јазикот на многу политичари во Полска или на Балтикот.

Но, наспроти тоа, нема јавна поддршка за каков било воен судир. „Да сум јас НАТО, би бил многу загрижен“, вели сликовито Брус Стоукс, директор во истражувачкиот центар Пју од Вашингтон. Стоукс вели дека повеќемина европски и американски официјални претставници му рекле дека не ни очекувале подобри резултати од истражувањето на јавното мислење за поддршка на стратегијата на НАТО. Еден претставник, според Стоукс, се надевал дека ттлку неповолните резултати за „солидарноста во Алијансата“ нема да бидат објавени.

Нема јавна поддршка за каков било воен судир, покажа истражувањето на центарот ПјуФотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert

Загрижениот полковник

Еден германски офицер не го криел своето разочарување. Кога дознал дека дури 58% од неговите сонародници не би поддржале Германци да заминат во војна во случај Русија да ја нападне,да речеме Летонија или некоја друга членка на НАТО, бил тукушто вратен од Полска, каде со стотици други војници разработувал нови капацитети на НАТО за брзо дејствување.

Но, слабата поддршка меѓу германските граѓани не е некое изненадување, со оглед на воената историја на таа земја. Повеќе изненадува што 38% од Германците сметаат дека НАТО треба да биде испратен за заштита на загрозена земја членка. Изненадување исто така е што само 47% од Французите поддржуваат воена солидарност со други членки на НАТО, додека во Италија таа поддршка изнесува само 40%. Во Шпанија јавното мислење е поделено. Германскиот полковник со кого разговаравме има само едно објаснување: многу од 11.000 луѓе кои учествувале во анкетата не разбрале какви се денешните потреби на европската безбедност. А, тоа загрижува, вели полковникот, зашто законите во Германија и голем број други земји бараат парламентите да донесат конечна одлука за испраќање војници.

Вежби на НАТО во ПолскаФотографија: DW/B. Wesel

Сите за еден, еден за сите

Истражувањето доаѓа токму во време кога НАТО ја демонстрира новоформираната „ударна тупаница“, односно трупите кои во рок од еден или два дена би можеле да бидат борбено подготвени на надворешните граници на НАТО. Обиколувајќи ги воените вежби во Полска и на Балтикот, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека се работи за „силно изразување на обврската на сојузниците да се штитат едни со други“, што е „основна задача на НАТО“. За да биде јасно, Столтенберг повтори: „Сите за еден, еден за сите.“

Полскиот министер за одбрана Томаш Симонијак, меѓутоа, не беше толку убеден. Стоејќи покрај Столтенберг ,Полјакот рече дека резултатите од центарот Пју треба да се сфатат многу сериозно. Тој додаде дека политичарите и јавноста треба да и‘ објаснат на јавноста дека „мина мирниот период по Втората светска војна“, наведувајќи ги како закани и Исламска држава и безбедносните предизвици во северна Африка. „Не можеме да го одбраниме европскиот начин на живот доколку не направиме повеќе, а тоа вклучува и подготвеност да се жртвуваме за сојузниците. И мислам дека наша задача е да ја убедиме јавноста да биде подготвена да направи повеќе, пред да биде предоцна.“

Јерг Форбирг, берлински соработник на Германскиот маршалов фонд, оценува: „Политичарите мораат подобро да објаснат и да одлучат какви одговори ќе понудат на новите закани. Мнозинството смета дека под членот 5 потпаѓа само воен судир, но не е јасно дека, да кажеме, хакерски напади или хибродно водење војна спаѓаат под членот 5.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми