1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двесте години од раѓањето на Линколн

Кристина Бергман12 февруари 2009

Граѓанската војна во Америка, во периодот од 1861 до 1865 година, е едно од најтрауматичните доживувања на американската нација. Но, благодарение на Абрахам Линколн, земјата не се распадна, туку се редефинираше.

Портрет на Абрахам Линколн од 1863 годинаФотографија: AP

Осми февруари 2009 година. Сончев ден во Анаполис, мало гратче источно од Вашингтон. Речиси 200 луѓе се туркаат во еден хотел во градот. Сакаат да слушнат и да доживеат што се случувало овде во времето на американската граѓанска војна. Во тоа време, на 2 февруари 1865 година, било влажно и непријатно, а Абрахам Линколн морал да оди низ градот пеш затоа што пругата не можела да биде расчистена навреме. Претседателот Линколн дури изутрината донел решение да учествува на една мировна конференција во Форт Монро во Вирџинија, објаснува воениот историчар, професор Крег Симондс. Со оглед на тоа што пратениците на претседателот за јужните држави, Дејвис Џеферсон, имале налог да опстојуваат на барањето за независност и да не прават отстапки по прашањето на ропството, Линколн знаел дека неговата мисија ќе биде попуста: „Тој всушност не сакал да се сретне со нив. Од друга страна, знаел дека не може да излезе пред јавноста и да каже: ’Одбив да преговарам за завршување на војната иако вашите деца умираат’.“

Кога во 1860 година Линколн бил избран за претседател, не можело да се предвиди дека за време на неговата функција ќе доминира војната. Но, тој и онака немал можност да ја спречи војната: „Мислам дека прашањето на ропството во Америка било Гордиев јазол кој порано или подоцна морало да биде одврзан само преку криза. Мислам дека оваа војна била неопходна.“

Фотографија на еден роб кој пребегал во 1863 година на територија на СеверотФотографија: AP

Вистинскиот човек

Историчарите се единствени во ставот дека Абрахам Линколн бил вистинскиот човек во вистинско време и на вистинско место. Ниту еден од претседателите пред или по Линколн, според Симондс, не би можел да излезе на крај со ситуацијата подобро од него. Линколн веќе знаел да чита и пишува, имал добиено дозвола за адвокатура, како политичар бил избран во Конгресот и конечно станал претседател. Во тоа време тој одел во библиотека и проучувал книги за водење војна. Во прво време не можел да се потпре врз своите генерали, зашто ниту Винфрид Скот, ни Џорџ Меклилан не ги постигнале посакуваните успеси. Претседателот морал самиот да се зафати со раководење на војната и тоа повеќе отколку што на почетокот очекувал. Дури откако Линколн му ја предал командата на генерал Улисес С. Грант, дошло до пресврт.

Значи, без Абрахам Линколн граѓанската војна сигурно би се одвивала поинаку. Југот на почетокот не само што имал подобри генерали, туку имал и предност да се бори на своја територија, вели историчарката Киарнс Гудвин, која се занимава со Линколн и неговата политика: „Важно било што тој веднаш на почетокот сфатил дека мора временски да ги испланира мерките што треба да бидат преземени, доколку сака да го одржи воениот морал на Северот. Во првата битка кај Бал Ран, во која победил Југот, Линколн ги испратил своите војници премногу брзо и тоа подоцна го сфатил. Затоа наредната битка ја одолговолекувал, за да има доволно време да ги обучи војниците.“

Бронзена маска на Линколн што е изложена во АнаполисФотографија: DW/Christina Bergmann

Без Линколн веројатно немало да има моќни САД

Линколн го одложил и објавувањето на Повелбата за еманципација. Тој не сакал да ризикува да ги загуби државите кои политички биле на страната на Северот, но кои дозволувале ропство. Сметката на Линколн се исполнила - Југот не можел да ја издржи граѓанската војна долго време. На 9. април 1865 година генерал Роберт Ли, командант на трупите на Југот, капитулирал. Војната завршила, иако последните војници се предале дури по неколку недели. Тоа е првата модерна масовна војна во светската историја, во која имало 620 000 загинати. Но, Абрахам Линколн, вели Гудвин, успеал да го задржи единството на нацијата: „На секого може да му се каже следново - доколку САД во тоа време навистина се поделеле, доколку Северот и Југот основале сопствени држави, тогаш немало да се создаде вакво моќно здание, какви што се денеска САД, обединети на север, југ, запад и исток. Тогаш би имало можеби 4 или 5 држави во Северна Америка и САД никогаш немало да станат светска сила каква што се денес.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми