Двете лица на договорот за трговија со оружје
24 декември 2014Производителите на оружје и воена опрема би требало всушност да се накострешат кога се регулира светската трговија со овие смртоносни производи. Но германската индустрија за оружје зборува со поинаков тон: „Сметаме дека договорот на ОН за трговија за оружје, кој стои зад поимот АТТ, е важен, светски признат договор, кој се надеваме ќе води до ограничување на неконтролираното тргување со оружје.“
Раководителот на Сојузот на германската индустрија за безбедност и одбрана, Георг Вилхелм Адамович, во интервју за ДВ е полн со пофалби за „Arms Trade Treaty“ (ATT). Сепак, тој е убеден дека овој договор нема да има директно влијание врз германските производители. Имено, германските закони за извоз на оружје и воена опрема се значително построги од правилата на АТТ.
Ваквите проценки ги дели и еден од најголемите критичари на германската политика на извоз на оружје, пратеникот на Левицата, Јан ван Акен. „Стандардите на АТТ се толку ниски, што нема да има ниту еден извоз на оружје кој би бил со тоа ограничен“, вели тој. Сепак, додава дека договорот е во секој случај добар чекор: „Со него првпат имаме воопшто некакво регулирање што се однесува до трансферот на оружје“. Според Акен, и натаму мора да се преговара за „да се стегнат стандардите“ на АТТ.
Славје по гласањето во ОН
Кога договорот беше донесен со огромно мнозинство гласови од земјите членки на ОН, она што за него се слушаше беше далеку поеуфорично. Тогаш се зборуваше за „историски“ договор. Критичарите, меѓутоа, забележаа дека договорот не предвидува казни за оние што нема да го почитуваат. Освен тоа, извози на оружје може да бидат и премолчани ако е тоа во интерес на националната безбедност.
Од друга страна, договорот има неколку цврсти правила. Државите кои го имаат потпишано АТТ не смеат да извезуваат оружје, муниција или определени компоненти од оружје доколку ОН вовеле ембарго за оружје против државата која сака да купи оружје или доколку оружјето се користи за геноцид или злосторства против човештвото. Меѓутоа, по овие јасни правила на забрана, договорот станува помалку остар: ако со доставеното оружје се поткопуваат мирот, меѓународното хуманитарно право или основните човекови права, тогаш планираниот извоз треба строго да се преиспита. Истото важи и за опасноста - оружјето да падне во раце на терористи или криминалци кои оперираат прекугранично. Меѓутоа, ваквиот извоз на оружје не е забранет.
Има многу примери за тоа дека вакво преиспитување всушност е невозможно. Голем проблем, на пример, е долготрајноста на оружјето и муницијата. Кога во 1970-тите германско-француските ракети за противтенковска одбрана беа продадени во Сирија, не можеше да се предвиди дека речиси 40 години подоцна тие ќе паднат во рацете на џихадистите и дека ќе бидат употребени во граѓанската војна против западните сојузници.
Нема важни земји
Оттука, не е за чудење што лобистот за оружје Адамович и критичарот на извозот на оружје Ван Акен имаат ист став, имено дека АТТ нема да има директно влијание врз германскиот извоз на оружје. Но додека Адамович не гледа ограничувања за својата бранша, Ван Акен бара поостри правила за ограничување на извозот. Двајцата посакуваат повеќе држави да станат дел од одговорот. Тој досега е меѓународноправно обврзувачки за само 57 земји во светот, меѓу кои и Германија. Големи извозници на оружје, како Русија или Кина, не го имаат потпишано договорот.
Дали германската индустрија за оружје индиректно профитира?
Експертот Михаел Ашкенази од Бонскиот меѓународен центар за конверзија (БИЦЦ) смета дека во тој дел се допираат интересите на германската, односно западната индустрија за оружје: „Некои западни држави сакаат еднакви конкурентски услови со земји како Кина, Русија, Украина и.т.н. Тие продаваат во цел свет без да поднесат сметка за тоа или да ја земат предвид хуманитарната состојба.“
Во текот на преговорите за АТТ, на масата седеа претставници на германското Министерство за надворешни работи. Но, не преговараа дипломатите од одделот за контрола на оружје, туку од одделот за економија. „АТТ е договор за регулирање на меѓународната трговија со конвенционално оружје преку создавање правно обврзувачки, во светски рамки еднакви, минимални стандарди. Затоа, соодветно е економскиот оддел да ги води работите за прашања на извоз на оружје“, соопшти германското Министерство за надворешни работи на барање на ДВ. Германската влада, значи, смета дека во прв план се економските интереси.
Човекот кој зборува во име на индустријата за оружје, Адамович, негира директен економски интерес на Германија во врска со АТТ. Индиректно, меѓутоа, германската индустрија за оружје би можела да профитира од договорот. Сомнителни земји увозници на оружје досега го купуваа своето оружје кај лиферанти на кои им е речиси сеедно за какви цели се употребува оружјето. Но ако се‘ повеќе земји увозници на оружје ги применуваат стандардите на АТТ, тогаш тие можат да купуваат и од други држави, можеби и од Германија. „Добро е што со овој договор се создава основа и токму земјите во забрзан подем со него имаат правен урнек за сопствените политички одлуки во делот на извозот и увозот на оружје. Тоа на сите држави им дава поголема правна сигурност и да се надеваме дека ќе доведе до тоа да се избегнува особено злоупотреба на извозот на оружје.“