1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две децении пријателство: Од Скопје до Берлин - и обратно!

Катерина Блажевска 20 февруари 2014

Пријателството не може да се квантифицира, но можат годините кои сведочат за него: Зад Друштво за македонското-германско пријателство и соработка денес стојат 20 години посветени на посилни врски меѓу двете земји

Фотографија: DW/S. Padori

Иако Скопје и Берлин се одалечени повеќе од 1.600 километри, таа дистанца стана многу мала и премостлива, благодарение на еден збор - Freundschaft (Пријателство). Точно пред две децении значењето на искреното и неусловено пријателство меѓу граѓаните на Македонија и Германија беше оживотворено преку Здружението Друштво за македонското-германско пријателство и соработка (www.zdmgps.org.mk). Формирано е во 1994 година, во време кога Република Македонија се уште водеше битка за нејзино меѓународно признавање. Во тој турбулентен политички период од првите години на нејзиното осамостојување, Друштвото го основаа група ентузијасти, интелектуалци, кои низ својата професионална кариера имаа фреквентни контакти со универзитетската, истражувачката и бизнис - заедницата во Германија. Прв претседател на Друштвото беше д-р Илија Џонов, професор на Медицинскиот факултет во Скопје, а прв секретар Олга Тројачанец, професорка по германски јазик. Петнаесет години подоцна, во 2009 година, двајцата станаа носители на Сојузниот крст за заслуги, највисокото одликување за странци кое го доделува претседателот на СР Германија. По две децени Друштвото може да се пофали со стотици активности и пријателства кои далечината меѓу Берлин и Скопје ја сведоа на „нула“.

Сите на stammtisch

Во светот на пријателството не постојат граници, вели актуелниот претседател на Друштвото, Сашо Андреевски.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски со поранешниот германски министер за надворешни работи Гидо ВестервелеФотографија: MIA

„Тоа пријателство, во изминативе 20 години континуирано ни даваше можност за средби меѓу уметници, писатели, сликари, музичари и режисери од двете земји. Соработката помеѓу врвни професионалци во нивните области, ги пробива сите дистанци. Мислам дека токму тука се гледа колку како народи имаме заеднички нешта и колку работи не соединуваат. Впрочем, културните работници секогаш се најдобрите амбасадори на една земја. Ние како Друштво ја претставуваме германската култура пред македонската публика, но благодарение на добрата соработка со Германско-македонското друштво во Берлин, ја претставуваме и македонската култура во Германија. Таков пример е заедничката изложба на фотографии која се одржа и во Скопје и во Берлин. Публиката со задоволство ги прифаќа ваквите настани. Верувам дека за овие 20 години придонесовме за поголемо меѓусебно запознавање, а од тие гостувања произлегоа многу контакти и пријателства. Така ќе продолжиме и во иднина“, вели Андреевски.

Повеќето од членовите добро го владеат германскиот јазик, но тоа не е услов за членство во Друштвото. Таму доаѓаат сите кои сакаат подобро ја запознаат германската култура. Низ разговор и средби учат по некој германски збор. Секој од нив го знае значењето на зборот Freundschaft, а Stammtisch им е синоним за вечерно дружење, секоја последна среда во месецот.

Референтна организација

Од 2008 година Друштвото остварува континуирана соработка со Канцеларијата за врски на Гете Институтот во Скопје. Заедно со Институтот и други локални организации, партнерски реализираа низа проекти зa промоцијата на германскиот јазик и културните вредности во Македонија - концерти, литературни читања, промоции на книги, изложби. Друштвото помогна и во отворањето на германската читална во рамките на Народната и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски“, а во еден период редовно ја издаваше и Македонско-германската книга на културни настани. Иако со скромни ресурси, Друштвото 20 години претставува референтна организација за сите пријатели на германската култура и јазик, но и за македонско-германската соработка и стратегиско пријателство, вели неговиот поранешен претседател, Александар Спасов.

Фотографија: DW

„Обединува поединци од различни професии и со различни интереси и делува во различни области. Иако примарен фокус на Друштвото се културата и јазикот, настаните во наша организација не се наменети само за стручната јавност, туку многу повеќе за општата јавност која покажува интерес за германската култура и за македонско-германската културна соработка. Како поранешен претседател и секретар, се гордеам што во текот на неколку години Друштвото беше дел од мојот секојдневен ангажман и се надевам дека во наредните години големиот број ентузијасти ќе продолжат да ја остваруваат неговата основна мисија - трајното пријателство меѓу двете земји и нивните граѓани, особено на патот на европска интеграција на Република Македонија“, вели Спасов.

Ова Друштво е едно од ретките што е континуирано активно, за разлика од многу други од овој тип, кои во меѓувреме згаснаа.

На јазикот на Гете

Благодарение на активностите на Друштво, на македонската културна сцена во изминатите години гостуваа членови на Минхенскиот камерен оркестар, германски фотографи, писатели, уметници, публицисти, лекари, архитекти... Како резултат на таа соработка можат да се прочитаат стиховите на Рацин и делата на многу македонски писатели препеани и преведени на германски. Таква чест му беше укажана и на универзитетскиот професор и писател, Владимир Мартиновски. Минатата пролет, Друштвото во соработка со Гете Институтот во Скопје, организираше преведувачка работилница, во која студенти од катедрите за Превод и толкување и Германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, работеа на превод на неговата книга песни во проза „Побрзај и почекај“.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов со градоначалникот на Берлин, Клаус Воверајт пред Бранденбуршката портаФотографија: DW

„Ми беше извонредно возбудливо да бидам сведок како моите песни пишувани на македонски јазик постепено се трансформираат во поетски текстови на јазикот на Гете, Хелдерлин и Енцесбергер. Преводот, а особено препевот е исклучително макотрпна, но и благородна дејност. По два дена интензивна работа, со помош на неколку наставници од Катедрата за германски јазик и книжевност и германски лектори - целата беше преведена и стана читлива за сите говорители на германскиот јазик. Имајќи предвид дека преводот е витален фактор во меѓулитературните комуникации, вложувањето во овој домен е одлична инвестиција во продлабочувањето на македонско-германските културни врски“, вели Мартиновски.

По две децении, во архивите на Друштвото остануваат документирани неброени средби, пријателства, активности, но и отворени страници за идни проекти. И како што велат -таму каде што се вкрстуваат пријателските патишта, целиот свет за момент почнува да изгледа како роден крај. Денес, оваа успешна „фабрика“ за пријателство и сороботка меѓу луѓето од двете земји, може да се пофали со големи резултати, кои не можат да се изразат во бројки. Пријателството не може да се квантифицира, но можат годините кои сведочат за него. Точно 20.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми