1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две децении самостојност

7 јануари 2011

Референдум, прогласена самостојност, прием во ОН, спогодба со Грција... Македонија оваа година одбележува 20 години од прогласувањето независност. Воедно, годинава се одбележува и десетгодишнината од Охридскиот договор.

Фотографија: Petr Stojanovski

Првата декада од независноста заврши со внатрешен воен конфликт, што ОВК, преку своите коминикеа, прво го третираше како борба за територија, но потоа го објаснуваше како борба за човекови права. Следуваше охридското примирје со нов уставен концепт на мултиетничко општество. Веќе петта година државата има кандидатски статус во ЕУ, во предворјето е на НАТО, со континуирана блокада од јужниот сосед се‘ додека нема разврска за спорот околу името.

Македонија во 1999 година се соочи со огромен бегалски бран од КосовоФотографија: picture-alliance/dpa

За мала европска земја ова е уште време на зреење на државата во меѓународната заедница по дисолуцијата на југо-федерацијата:

„Ние направивме херојски од на создавање, на маркирање независна македонска држава, прво со еден мек, процедурален излез од распадот и крвавата војна врзана за распадот на Југославија, епохален исчекор, со мека дисолуција од распаднатата федерација и имавме во 1992 година, за мене, клучен момент - влезот на Американците во Македонија и инсталирање на нивните служби овде. Тоа е многу важен момент“, вели професор Љубомир Фрчковски, еден од авторите на Уставот, екс министер за внатрешни и надворешни работи во владите на СДСМ.

Услов да се биде самостоен

По референдумот и Бадентеровата арбитража дека Македонија ги исполнува условите да биде самостојна држава, следуваше период на меѓународно етаблирање:

„Периодот од 1990 до 1996 година беше фундаментален период, втемелувачки внатре и во регионот, и на меѓународен план. По 1996 година доаѓа периодот кога Македонија се обидува да биде видлива, внатрешно, демократски, мултикултурно општество во демократија, со сите проблеми и тежини“, вели Фрчковски, додавајќи дека во тоа време се решаваат и спорните и отворени прашања со соседите.

Љубомир ФрчковскиФотографија: Petr Stojanovski

На 8 април 1993 година, со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција за промена на уставното име, зачленувањето во ОН беше направено под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија.

На наредната страница:

Соседи

Првото признавање на државата дојде од Бугарија. Нејзиниот тогашен претседател Жељу Желев, изврши влијание и врз Москва за да ја признае независноста на Македонија.

Жељу ЖелевФотографија: dpa

„Не е логично, дури е и скандалозно, еден сосед да определува како ќе се нарекува друга држава“, вели за ДВ Желев, сега претседател на Балканскиот клуб на екс-претседатели, кој се залага сите земји од регионот да бидат членки на ЕУ и НАТО.

По грчките економски блокади на Македонија, потпишувањето на Времената спогодба со јужниот сосед, на 13 септември 1995 година, требаше го отвори патот на Македонија кон меѓународните организации. Кон крајот на деведесетите години, Грција стана еден од најголемите инвеститори во македонската економија и приватизација.

„Грција е наш сосед и основен интерес на македонскиот народ и на македонската држава е Грција да ни‘ биде пријател, а потоа Грција да ја претвориме и во сојузник. Ако се прикажуваш како губитник никој не сака сериозно да разговара со тебе“, кажа за ДВ Стојан Андов првиот спикер и пратеник-ветеран во сите досегашни состави на парламентот.

Пред вратите на ЕУ и НАТО

Македонија пет години има кандидатски статус за ЕУ и отворени врати за НАТО, доколку се реши проблемот со името. Големата шанса, сепак, е испуштена пред и во текот на самитот на Алијансата во 2008 година, во Букурешт.

„Тогаш, во таква ситуација, не истрчавме заедно претседател-премиер-министер и да речеме: ’Во ред, ова е момент за примена на Времената спогодба, дајте да ја примениме’. Никој во Букурешт немаше смелост тоа да го стори. Да го сторевме тоа, сега ќе бевме членка на НАТО, како ПЈРМ“, оценува Слободан Чашуле, поранешен министер за надворешни работи.

Вратите за НАТО се отворени, но...Фотографија: AP

Клучен фактор за опстанувањето на земјата и таа од јаболко на раздорот да стане фактор на стабилност во регионот, беше решавањето на спорните релации со соседите -разграничување со Србија, демаркација на границата со Косово, признавање на територијалниот суверенитет од страна на Албанија:

„Јас говорам тука за македонскиот државен интерес. Македонски национален интерес е да ги штити малцинствата во Албанија, Бугарија, Грција и.т.н. “, вели Абдурахман Алити, пратеник и лидер на ПДП, кој како активен учесник во процесот на креирање на Уставот, сепак не успеа да обезбеди поддршка од албанскиот фактор за него, ниту пак Албанците гласаа на референдумот. Алити и денес смета дека “немаше да дојде до воен конфликт ако пред се‘ владите на СДСМ имаа поголемо разбирање за етничкиот корпус на права на Албанците“.

На наредната страница:

Интеграција без асимилација

Албанците во Македонија станаа клучен институционален фактор по воениот конфликт во 2001 година, потпишувањето на Рамковниот договор и креирањето нов уставен концепт на мултиетничко општество.

„Македонскиот модел подразбира интеграција без асимилација. Некои му се восхитуваат, некои се плашат. Ние сме најсветлиот пример за тоа како на Балканот може да има соживот и толеранција. Нашиот Устав, Рамковниот договор, се гарантите на овој модел“, кажа претседателот Ѓорге Иванов во една дебата за Македонија, деценија по Рамковниот договор.

Водачот на ОНА и лидер на владеачката ДУИ, Али Ахмети, стана кохезивен фактор во владите на СДСМ, а посебна лојалност има кон актуелниот премиер Груевски и македонскиот евро-атлантски пат и аспирации. Според Ахмети, во евро-аталанските приоритети подеднакво веруваат и Македонците и Албанците. „Не смееме да дозволиме Македонија да биде некаква оаза опкружена со членки на ЕУ и НАТО, а самата да биде изолирана од таквите асоцијации“, рече неодамна Ахмети во интервју за Алсат, првата приватна телевизија на двата официјални јазици - македонски и албански.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Промоција

Идеите за самостоен македонски денар, свое знаме, химна, грб, како национални државни симболи, во овие две децении беа главно поттикнувани од ВМРО-ДПМНЕ. Од четворицата претседатели на државата, првиот, Киро Глигоров, преживеа атентат во октомври 1995 година, три дена откако во Белград се сретна со Слободон Милошевиќ. „Македонија е се‘ што имаме“ беше првото негово мото од инаугуративниот говор по изборот во Парламентот, откако во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ не му ја даде поддршката. Наследникот на Глигоров, големиот верник Борис Трајковски, беше гарант на Охридското примирје во 2001 година и не дозволи да се развива и реализира идејата за т.н. внатрешни етнички граници меѓу Македонците и Албанците во земјата. Трајковски загина во авионска несреќа кај Мостар, а на погребот присуствуваше светската лидерска елита.

Во овие две децении самостојност, првата, експертска влада на академик Никола Кљусев, е таа која со многу ентузијазам ја оцртуваше, градеше и бранеше македонската независност.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми