1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две нови фабрики за вакцини во ЕУ 

Бернд Ригерт
29 март 2021

ЕУ се надева дека две нови фабрики, во Холандија и Германија, ќе го забрзаат снабдувањето со вакцини. Можеби е дојдено време и за воведување извозни ограничувања во однос на Велика Британија.

Corona Impfstoff Pfizer
Фотографија: Robin Utrecht/picture alliance

Фабриката за вакцини „Халикс” во петокот го доби нужното и нестрпливо очекувано одобрение од Европската агенција за лекови, ЕМА. Во Лајден производителот АстраЗенека веќе со недели работи со полна пареа, но барањето за одобрение шведско-британскиот концерн во ЕМА го поднесе со мало задоцнување. Зошто било така, не можат да објаснат ниту дипломати од Брисел. Сега веќе произведените дози на вакцината на АстраЗенека брзо ќе може да бидат испорачани од фабриката во Лајден. Не се знае точно колку дози се веќе произведени. Еврокомесарката за здравство Стела Кирјакидес изјави дека компанијата сега брзо мора да ги исполни своите договрни обврски. „Очекуваме дека вакцините кои се произведуваат тука во следните денови брзо ќе бидат испорачани во земјите членки на ЕУ како дел од договорните обврски и ветувањата на АстраЗенека на народот во Европа", вели Кирјакидес.

Во фабриката „Халикс“ треба да бидат произведени милиони дози вакциниФотографија: Robin Utrecht/dpa/picture alliance

Проблемот со АстраЗенека

Европската комисија на компанијата и префрла дека не го исполнува договорот што го има со ЕУ. Во првата половина од 2021 фирмата требаше да испорача 300 милиони дози во 27-те земји членки. По голема расправија со Брисел, АстраЗенека потврди дека ќе испорача само третина од нив. Фактички до сега има испорачано пак само 13 милиони дози од долго очекуваната вакцина. Во Брисел се бесни бидејќи АстраЗенека наспроти таквата ситуација со ЕУ, очигледно беспрекорно го исполнува својот договор со Велика Британија. Дел од следната пратка од АстраЗенека би можеле да бидат и 29-те милиони дози кои минатата недела беа пронајдени во хангар во Рим, а за кои компанијата тврди дека биле произведени во Лајден и испратени во Италија за полнење и контрола на квалитетот. Испораката сега би можела да се одвива брзо, бидејќи производниот капацитет „Халикс” веќе ги има сите потребни европски дозволи. Околу 16 од 29 милиони дози според информации од компанијата треба да бидат наменети за ЕУ. Останатите се за „Ковакс" системот на ООН, со кој 92 посиромашни држави треба да бидат снабдени со вакцини. ЕМА, која има седиште во Амстердам, смета дека производството и распределбата на АстраЗенека вакцините во ЕУ ќе може значително да бидат зголемени. До сега АстраЗенека имаше договори со три фабрики, една во Белгија, една во Велика Британија и една во САД. 

Со новите правила за ограничување на извозот на вакцини Европската комисија би можела да спречи вакцините од континентално-европските фабрики на АстраЗенека да бидат извезувани во Велика Британија и Северна Ирска. Обединетото кралство изминатите месеци обезбеди 21 милиони дози од европско производство, иако вакцини се произведуваат и на островот, а АстраЗенека не го исполнува својот договор со ЕУ. Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ синоќа го усвоија заклучокот да се стави крај на таквата пракса. Се додека АстраЗенека не го исполни договорот со ЕУ, нема да смее да извезува вакцини освен за Ковакс кампањата. Покрај Велика Британија, од европските фабрики се снабдуваа и Саудиска Арабија, Канада и Австралија. 

Нова фабрика за Бионтек/Фајзер 

 ЕМА во петокот даде одобрение и за друг производен капацитет на компанијата „Комирнати” за вакцината на Бионтек/Фајзер во германскиот град Марбург. Со тоа и Бионтек може да го зголеми своето производство. Но, Бионтек/Фајзер не би требало да бидат погодени од ограничувањата за извоз, бидејќи до сега ги исполнуваат договорените количини со ЕК. ЕМА сега препорачува дека дозите на Бионтек/Фајзер не мора да се чуваат на минус 70 степени, како што досега се мислеше, туку за период од една до две недели може да се складираат и на  минус 15 до минус 25 степени Целзиусови. Тоа би го олеснило ракувањето со вакцината во пракса и би го забрзало процесот на вакцинации, тврдат од ЕМА. Медицински експерти во Брисел одамна бараа да се воведе таквата препорака, бидејќи тоа во САД одамна така се прави. Со фабриката во Марбург, Бионтек сега има вкупно четири во ЕУ. Компанијата планира до крајот на годината да произведе минимум 500 милиони дози за членките на ЕУ. 

Новиот погон на Бионтек во МарбургФотографија: Thomas Lohnes/AFP/Getty Images

Минатата недела ЕМА сертифицираше и нова фабрика за вакцината на „Модерна” во Швајцарија. На тој начин и овој производител ќе може да ги зголеми количините за ЕУ, се вели од Агенцијата за лекови. 

„Џонсон & Џонсон“ произведува во Шпанија 

 Еврокомесарот Тиери Бретон ја посети фабриката во шпанскиот град Жоан Деспи, во која се произведува вакцината на четврт производител во ЕУ, „Џонсон & Џонсон“. Бретон, кој раководи со работната група на Комисијата, најави дека од оваа фабрика во следните три месеци ќе излезат 55 милиони дози вакцини. Во третиот квартал од годината пак треба да се произведат дополнителни 120 милиони дози. Вакцината на „Џонсон & Џонсон“ ја има таа предност што од неа е доволна само една доза. Според Бретон, 52 фармацевтски компании во ЕУ сега произведуваат различни веќе одобрени вакцини. До крајот на годинава само во Унијата треба да се произведат две до три милијарди дози, со што тоа овој регион ќе стане најголемиот производител на вакцини во светот. 

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан продолжи да ја „задева“ Велика Британија. Британците се многу горди што вакцинираа толку многу луѓе со првата доза. „Но, сега имаат проблем со втората доза“, изјави Ле Дриан во едно радио интервју. Тој алудираше на фактот дека може да имаат недостаток на вакцини за ревакцинација поради можните ограничувања за извоз од ЕУ за поранешната членка Велика Британија. Британскиот премиер Борис Џонсон пак го обвини шефот на француската дипломатија за „уцена“ поради изјавата дека британската економија на извозните ограничувања најверојатно ќе возврати со намалување на инвестициите во ЕУ. 

Британските весници неделава ја обвинија ЕУ за „вакцинациски национализам“ и „вакцинациска војна“ со Велика Британија. 

Европската Агенција за лекови, ЕМА во моментов ја анализира руската вакцина Спутник V и нејзиното барање за одобрение. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека доколку биде одобрена и оваа вакцина, ќе се нарача преку Европската комисија и ќе се користи и во Германија. Владиниот портпарол отфрла секаква политичка или идеолошка заднина. За Меркел е единствено важно: „вакцинирање, вакцинирање, вакцинирање."

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми