1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две обвиненија од СЈО, двојно повеќе од власта

Катерина Блажевска16 септември 2016

Со грубо извртување на фактите, владејачката ВМРО-ДПМНЕ се обиде првите две обвиненија од СЈО да ги смести на верски терен. Од друга страна, во јавноста е зголемена надежта за достапност до правдата.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Расте оптимизмот во јавноста дека правдата во Македонија може да стане достижна, откако Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) вчера ги поднесе првите две обвиненија. Иако не се однесуваат на најтешките кривични дела за кои јавноста слушна бројни индиции од „бомбите“, сепак, првите „две ластовички“ од СЈО благо ја навестија правната пролет, односно крајот на политиката на неказнивост и на привилегирани пред законот, за што сведочат имињата на високи политички и полициски функционери кои може да се препознаат во обвинителните акти.

Во првите обвинителни предлози три месеци пред избори, дел од аналитичарите гледаат значаен импулс за превенирање на девијантните изборни практики. Таков став дели и политичкиот аналитичар, Сашо Клековски, кој смета дека тие се во насока на јакнење на фер и демократски политички натпревар.

Сашо КлековскиФотографија: Sveto Toevski

„Неколку пати претходно коментирав дека СЈО треба да се фокусира на само еден предмет, најдобро поврзан со наводни изборни нерегуларности, наместо да работи на сите преземени случаи. Тоа поради фактот дека клучна цел на СЈО е да демонстрира дека не постои неказнивост на главните политичари, а тоа може да се постигне и со еден случај. И дека тоа е најдобро да биде предмет поврзан со избори, за да се обесхрабрат какви било незаконски дејства за изборите и со тоа да зајакне довербата во изборниот процес. За потсетување, по осудата на Красниќи за изборно насилство, на изборите што следеа не се случи насилство. Истовремено ваквите предмети се поедноставни, отколку на пример за корупција, за кои се потребни повеќе докази, вештачења и потешко се докажуваат. Изборот на двата први предмети се чини се во насока на јакнење на фер и демократски политички натпревар, со обвинение за насилство насочено против политички ривал, и на зголемување на контролата врз УБК, еден од приоритетите од извештајот на Прибе,“ оценува Клековски.

Парламентот на потег

Според податоците од шестмесечниот извештај за работата на СЈО, ова е само почеток. Во новите простории на СЈО досега биле пренесени 30 кубни метри доказен материјал, а во неговата статистика се нотирани четири истраги против 40 лица, два обвинителни предлози против 21 лице, сослушани 264 сведоци, 60 осомничени лица, поднесени 27 барања за заштита на законитоста и шест барања за меѓународна правна помош.

„Вчерашната прес-конфереција на СЈО е враќање на големата врата на надежта за можноста за достигнување на правдата во Македонија“, вели аналитичарот Рамадан Рамадани.

Катица Јанева апелира да се донесат од нејзе поднесените измени на Законот за заштита на сведоциФотографија: DW/P. Stojanovski

„Симболичното во неа е што СЈО се обрати од сега новото, 'нивно' седиште, а изненадувањето - од фактот дека се очекуваше СЈО да даде само извештај за сработеното. Двете предлог обвиненија според објавеното изгледаат мали, но личат на готови. Скратената постапка и небарањето на мерка притвор оддаваат јасна намера на СЈО да добие на брзина и време, кое не е поврзано со изборите, туку со роковите предвидени во законот со кој е формирано СЈО“, вели Рамадани, оценувајќи го како значајно навестеното покренување на големите случаи - за масакрот кај Смилковско Езеро и за убиството на Мартин Нешковски.

Но, за ефикасна работа на овие случаи, свој придонес треба да даде и парламентот. „Апелирам Собранието да ги донесе измените на Законот за заштита на сведоци кои ги поднесов јас како Специјален јавен обвинител, за да влезе ова јавно обвинителство во сржта на предметите за Мартин Нешковски, Монструм и Сопот“, рече вчера специјалната обвинителка, Катица Јанева.

Иницијативата за измена за законот таа ја поденесе до Собранието на 1-ви април годинава, со укажување за нејзината итност. Но, на 7- ми април Собранието донесе одлука за самораспуштање поради закажаните избори на 5 јуни, па иницијативата остана во пратеничките фиоки. Откако изборите по вторпат се одложија и пратениците повторно се вратија во собраниските клупи, Јанева неколку пати апелираше да се донесат измените, но досега без резултат.

На следната страница: Игра со верските чувства

Игра со верските чувства

ВМРО-ДПМНЕ веста за првите две обвиненија ја супституира со груби напади врз СЈОФотографија: DW/P. Stojanovsk

Политичките аналитичари во ваквиот чин гледаат уште една од многуте форми на опструкции врз работата на СЈО од страна на владејачкото мнозинство, чии функционери се најмногу засегнати од истрагите на оваа институција. Еклатантен пример за тоа е и вчерашниот однос на власта и нејзината медиумска логистика, кога веста за првите две обвиненија ја супституираа со груби напади врз СЈО.

„Обвинителката Фатиме Фетаи тргна отворено против сите граѓани кои одлучија да излезат на протест против спречување на изградба на црквата во Општина Центар, откако и претставници на МПЦ и здружението на граѓани 'Веритас' се спротивставија на намерите на Андреј Жерновски и советниците на СДСМ да не дозволат да се гради црквата 'Свети Константин и Елена'“, обини вчера владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Притоа потенцира дека обвинителките Фетаи и Јанева имале само една цел - неосновано да го оцрнуваат раководството на ВМРО-ДПМНЕ само заради тоа што било и ќе биде на страна на народот.

„Фатиме Фетаи и Катица Јанева не го познаваат ВМРО. ВМРО издржало многу покритични напади од нивните. ВМРО ќе ги издржи и овие нарачани политички случаи и ќе остане со народот“, им порача владејачката партија.

Иако градоначалникот на општина Центар во 2013 година неколкупати соопшти дека не постои никаква намера да се спречи изградбата на црквата, извртувањето на вистината од страна на ВМРО-ДПМНЕ расте од тогаш до денес, многу повисоко и од верскиот објект чија изградба е веќе завршена.

Портпаролот на Светиот синод на МПЦ, владиката Тимотеј, вели дека не е во тек што било кажано на прес-конференцијата на СЈО, ни кој што изјавил потоа, но во едно е сигурен.

„Не знам дека имало некој што сакал да ја спречи изградбата или да ја руши црквата 'Св. Константин и Елена'. Тоа е апсолутно неточно. Некои структури, политички или странични, се обидуваат да ја инволвираат Црквата во нешто што е надвор од реалноста“, вели владиката Тимотеј.

Дека вистината е многу далеку од ваквите тврдења на ВМРО-ДПМНЕ и наводната НВО „Веритас“, која тогаш се јави како организатор на протестите, соопшти и градоначалникот Жерновски пред три години, потенцирајќи дека таа воопшто не е регистрирана како невладина организација.

„Парадоксално, но политизацијата на овие и следни обвиненија на СЈО и нивната можност за политичка употреба поврзана со претстојните избори, може да биде само последица на политичките напади кои ги упатуваат кон ова институција дел од владејачките партии во Мaкедонија“, вели Рамадани.

А тие обвиненија засега се далеку побројни од оние кои излегуваат од СЈО.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми