1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двоен агент: Берлин огорчен на американската НСА

ЖА/дпа/аафп/ртре5 јули 2014

Дали била шпионирана и Истражната комисија на Бундестагот за НСА? Случајот на двоен агент во германската тајна служба во Берлин предизвика вознемиреност. Американскиот амбасадор повикан на разговор.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Ако се докаже дека соработникот на БНД со години работел како двоен агент за американската амбасада, тогаш се работи за огромен удар врз довербата во трансатлантските односи. Во ионака фрагилна ситуација, овој шпионски случај ќе биде натамошен тест за оптоварените германско-американски односи“, изјави портпаролот на пратеничката група на партиите на Унијата, ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Штефан Мајер.

„Целата работа сега треба детално да биде разјаснета“, изјави тој за весникот „Билд“.

Според информации на весникот, уапсениот соработник на германската служба за разузнавање, БНД, меѓу 2012 и 2014 година украл вкупно 218 тајни документи и ги зачувал на мобилна мемориска картичка. Посебно тешки се обвинувањата според кои 31-годишниот агент проследил до Американците тајни и доверливи материјали со кои располага Истражната комисија во германскиот парламенет, Бундестагот, која го испитува делувањето на странските разузнавачки агенции на територијата на Германија. Комисијата веќе три месеци се обидува да ги разјасни активностите на американската тајна служба НСА во Германија. Аферата НСА минатата година предизвика турбуленции во односите меѓу Берлин и Вашингтон. Германската политичка јавност гневно реагираше на откритијата на американскиот бегалец Едвард Сноуден, поранешен соработник на НСА, кој сега како азилант престојува во Русија, за тоа дека Американците го надгледувале и мобилниот телефон на канцеларката Ангела Меркел.

„Напад врз германскиот парламент“

Претставникот на Социјалдемократската партија во Истражната комисија на Бундестагот за НСА, Кристијан Флисек изјави дека доколку сомнението се потврди, тогаш станува збор за „напад врз германскиот парламент“. Тој ги минира сите напори за повторно воспоставување на загубената доверба меѓу Германија и САД, истакна Флисек.

Соработникот на БНД, обвинет за шпионирање, на средба со американски тајни агенти во Австрија добил 25.000 евра. Наводно, тој инструкциите ги добивал директно од американската амбасада во Берлин. Нејзиниот шеф Џон Емерсон вчера беше повикан на разговор во германското министерство за надворешни работи. Германските власти побараа од американскиот амбасадор во Берлин, како и од персоналот на американската национална агенција НСА, да соработуваат и да и‘ помогнат на истрагата во овој случај.

Германското јавно обвинителство го потврди само апсењето на соработникот на БНД, но не соопшти детали. Портпаролката на Агенцијата за национална сигурност на САД, Кетлин Хајден не сакаше да даде никаква изјава.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми