Двоен бомбашки напад во Дагестан
4 мај 2012Во нападот во градот Махачкала биле ранети околу 80 лица, јавуваат московските медиуми, повикувајќи се на информации од тамошното министерство за внатрешни работи.
Првата експлозија се случила кога полициска патрола запрела едно возило поради рутинска контрола. По запирањето, напаѓачот го активирал експлозивот што се наоѓал во возилото.
Втората експлозија, која однесла и најголем дел од жртвите, се случила кога на местото на настанот пристигнале амбулантини и противпожарни возила и се собрале голем број лица. Оваа експлозија била предизвикана од паркиран автомобил.
Според непотврдени информации, што ги пренесе еден исламистички интернет сајт, при експлозиите е оштетен и гасовод што минувал покрај местото на нападите.
Истражните органи на Дагестен соопштија дека за случајот е започната истражна постапка за терористички акт.
Радикалните исламисти во Дагестан, слично како во Чеченија, се борат за воспоставување независен Кавкаски емират. Регионот се наоѓа во близина на рускиот град Сочи, каде во 2014-та ќе се одржат зимските олимписки игри.