1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двоен удар - Ердоган во војна против Курдите и новинарите

Баха Гингер
24 јануари 2018

Турција во Сирија води војна против Курдите. Новинарите кои го критикуваат нападот врз Африн се апсат. НАТО и Русија пак ги чуваат главите в песок, критикува Баха Гингер.

Bonn Protest von Kurden gegen türkische Militäroffensive in Syrien
Фотографија: DW/C. Winter

Речиси до ден точно пред 25 години во напад со автомобил бомба во Анкара загина најистакнатиот истражувачки новинар во турската медиумска историја Угур Мумџу. Експлозивот под неговиот автомобил го поставија исламистички терористи. Мумџу со своите колумни и книги се бореше против верскиот фанатизам, против корупцијта, но и за слобода на печатот во својата земја. Негова е реченицата: „Слободата на печатот не е подарок од државата.“

Мумџу е само еден од многуте новинари убиени во Турција поради тоа што ја бранеле вистината. Турските или курдските репортери, коментатори, известувачи или блогери, упорни бранители на правото на јавноста на информација за настаните и нивната позадина, ја делат судбината со своите колеги во многу диктатури во светот. Кога истражуваат, известуваат и коментираат тие го ризикуваат животот и својата слобода. Затоа не е изненадување што обвинителството во Дијарбакир на југоистокот на Анатолија објави дека се уапсени 30-тина новинари поради нивните критички текстови на социјалните мрежи. Властите во Истанбул водат истрага против околу 70 новинари и блогери поради нивните критички текстови против воените дејства на турските безбедносни сили во Сирија.

Баха Гингер

„Национални интереси“ наместо слобода на печат

Доказ за тоа дека претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата влада на слободата на печатот гледаат како на подарок од државата даде премиерот Бинали Јилдирим. Тој ги покани претставниците на медиумите блиски до владата и - какво изненадување - неколкумина внимателно одбрани опозициски новинари, за да им ги објасни „очекувањата“ на државното раководство. Единствена цел на средбата, како и секогаш, беше медиумите да бидат потсетени на својата „одговорност за државата“ и на зачувување на „националните интереси“. Апсолутниот владетел Ердоган и натаму упорно не согледува дека не се новинарите тие кои се одговорни за заштита на државата, туку државата е должна да ја штити слободата на печатот.

Повеќе: 

Турција: Можно проширување на офанзивата во Сирија

Со германски тенкови на Курдите

Турска инвазија во Сирија: Напад врз најсилното оружје против ИД

Во вакви услови да се истражува зошто Ердоган во Сирија се нафати на танцување по јаже без заштитна мрежа би значело само да се шпекулира. „Операцијата маслиново гранче“ може да се покаже како бумеранг за Турција доколку таа верува дека може сама да се погрижи за мирот и редот на своите граници.

Загатка останува зошто САД и Германија како досегашни поддржувачи на сириските Курди сега ја кријат главата в песок. И Русија, наместо да објасни зошто се остава на цедило сириско-курдската ИПГ, се крие зад флоскули. Не беше тајна дека ИПГ е продолжена рака на ПКК, која од страна на ЕУ и САД е означена како терористичка организација. Но (привремениот) успех во борбата против Исламска држава без ИПГ не би била можен. Значи „црнецот“ си ја заврши работата и сега може да си оди.

Непровиден партнер на Турција

Сега „Слободната сириска армија“ е партнер на Турција во заедничката борба против сирискиот диктатор Башар ал-Асад. Меѓутоа, никој со сигурност не знае какви радикални, па дури и терористички сили се кријат зад оваа непровидна група. Што ќе се случи ако Курдите бидат протерани од Африн, а „Слободната сириска армија“ ја преземе власта во досега релативно мирниот град и регион? Досега сигурно е само дека десетици илјади луѓе кои бегаа од Алепо најдоа сигурно засолниште во Африн. Меѓутоа, сега се заканува ново масовно бегство од Сирија во насока на Турција. Тоа и за Европа нема да остане без последици.

Ова е уште една причина зошто токму Берлин сега би требало да упати јасна порака во насока на Анкара, наместо само да испраќа завиени опомени. Меѓу другото и затоа што турската армија и ИПГ беа вооружувани и обучувани од Западот како негови сојузници. А во единиците на двете страни оружјето до Германија игра одлучувачка улога.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми