1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двосмисленоста на Хан

Зоран Јордановски
15 октомври 2016

Еврокомесарот остана доследен во давањето изјави кои треба да се дообјаснуваат, оти оставаат простор за различни толкувања. Од тоа произлегува дилемата - што му беше целта на посетата? Колумна на Зоран Јордановски.

Johannes Hahn Ankunft
Фотографија: Getty Images/AFP/J.Thys

„Веќе видено“ би било најкраткото можно резиме за неколкучасовната посета на Јоханес Хан на македонската престолнина. Откако ги ислуша сите клучни фактори во актуелниот миг на долготрајната политичка криза во Македонија, еврокомесарот надлежен за проширувањето на ЕУ даде изјава во стилот на оние од неговите претходни посети и си замина не оставајќи простор за повеќе од две новинарски прашања. А има толку многу прашања што можеа и мораа да му се постават.
Каква е воопшто неговата улога во процесот за надминување на кризата, откако „шефицата“ за надворешна политика на ЕУ, Могерини, најави дека ги презема работите во врска со Македонија во свои раце? Или откако во процесот беше вклучен германскиот дипломат Рајнхард Прибе за да постави прецизна и сеопфатна дијагноза на „македонската болка“, а работите на лицеместо ги туркаат амбасадорите од неколку водечки западни земји на чело со САД? За да може да ја подготви формулацијата во извештајот за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, не мораше воопшто да доаѓа, оти некакви побитни промени во однос на состојбата од пред шест или 12 месеци нема, во секој случај не на подобро. Извештајот секако ќе доцни, а ако биде објавен пред изборите може да биде депласиран по нивното одржување во зависност од начинот на кој ќе бидат изведени, а и од исходот. Значи, останува прашањето што беше целта на неговата посета?

Зоран Јордановски



Кој го злоупотребува СЈО?

Дилемата ја поттикнаа и зборовите на Хан пред да си замине. Ќе беше ненормално да не им дадеше подршка на изборите и на процесот за демократизација на земјата преку спроведување на препораките од извештајот Прибе (патем, зошто тој самиот како надлежен еврокомесар не направи таква анализа на состојбата?). Но, залудни беа барањата на претставниците на граѓанското општество Хан да биде конкретен со именувањето на „кочничарите“ на процесот за надминување на кризата и очекувањата за подршка за востановување специјално судско одделение кое би било надлежно само за процесите иницирани од Специјалното јавно обвинителство. Подршка, барем не јавна, не доби ни барањето на СЈО за законско регулирање на положбата на заштитените сведоци и за временско продолжување на мандатот на тоа обвинителство.
Наместо тоа, Хан гласно побара да не се злоупотребува СЈО?! Оваа формулација остава простор за различни толкувања. Доследен на себе, тој не само што не кажа, туку ни не навести како и од кого се злоупотребува тоа обвинителство. Случајно ли е совпаѓањето на поимот што го употреби тој со вокабуларот на партиите од власта, првенствено на ВМРО ДПМНЕ? Како во владеачката партија го сфатија и протолкуваа еврокомесарот покажа еден нејзин медиумски курир (уште додека Хан можеби не беше ни влезен во авионот со кој брзаше да го напушти Скопје) објавувајќи дека Јанева и нејзиниот тим „ги заливаат со квалитетно виски ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ од кариерата како специјални обвинители“. За разлика од зборовите на Хан, од овие крајно недвосмислено произлегува што ќе претстои во случај на изборна победа на актуелната власт.



Како Хан гоодбрани“ СЈО

Има уште едно совпаѓање кое наведува на размислување и буди сомнеж околу мотивите на еврокомесарот. Тој во наводната подршка на СЈО зборува и за тоа дека обвинителството треба професионално да си ја врши работата. Треба ли да потсетувам колку во отровните критики од владејачката партија беше ставена под прашање токму професионалноста на Катица Јанева и нејзиниот тим?
Затоа начинот на кој Хан го „одбрани“ СЈО на прес-конференцијата и неспомнувањето на неопходноста од продолжување на неговиот мандат, востановување специјално судско одделение и донесување закон за заштитените сведоци беше се`, само не и вистинска подршка. Покрај сите можни владини и првенствено правосудни институции, и времето неумоливо работи против СЈО. Огромната задача бара многу време, а на СЈО му беа пропишани само 18 месеци, од кои веројатно ниту еден ден не помина без тоа да се соочи со некаква пречка. Сега СЈО ќе работи со врзани раце најмалку уште во наредните два месеца до предвремените избори, ако во меѓувреме власта не ја одигра и последната карта – да го укине преку решение во врска со неговата (не-)уставност од страна на Уставниот суд (ако таму воопшто има мнозинство за такво решение).

Што не му е јасно на еврокомесарот?

Не сакам да кажам, ниту да претпоставувам дека еврокомесарот сака да го штити криминалот, но не можам да го избегнам впечатокот како тој да сака во Македонија да ги заштити оние кои се обвинети за криминални дејствија. Истиот тој Хан се залагаше за избори со оние партии кои ќе излезат на нив уште во време додека за опозицијата беше актуелен бојкот на изборите! Не ли му е јасно дека во Македонија ќе нема разврска на кризата, туку само нејзино заострување и продолжување на агонијата ако нема и објективна судска разврска на сомничењата и обвиненијата за тешки злоупотреби на власта и организиран криминал? Не ли му е јасно дека нема регуларни и фер избори ако на нив учествуваат сите кои биле вмешани во криминалните дејствија – меѓу нив токму и фалсификување на избори? Не верувам дека не му е јасно. И тоа пак ме враќа на основната дилема: каква цел има еврокомесарот, што и кого брани? Принципите на кои се повикува и се темели ЕУ – сигурно не.
Се` на се`, сметам дека за разврската на кризата Хан би ѝ направил поголема услуга на Македонија ако се држи понастрана, како во изминатите месеци.

Користењето на оваа содржина е дозволено единствено со согласност на редакцијата на ДВ. За условите за користење информирајте се тука

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми