Двојна победа на Ферари на стартот на Ф1 циркусот
14 март 2010Шпанецот Фернандо Алонсо со болидот на Ферари победи на премиерната трка во новата сезона на Формула 1, која се возеше на патеката во Бахреин. „Нема подобар начин за почеток на една врска. Јас сум во најдобриот тим во светот“, изјави Алонсо за кого ова беше прва трка во тимот на Ферари.
Триумфот на Ферари беше комплетен откако на второто место на пиедесталот се искачи и вториот возач на славниот италијански тим, Фелипе Маса. За Бразилецот ова беше прв настап по несреќата која ја доживеа на трката за Големата награда на Унгарија во јули минатата година.
На подиумот им се придружи и светскиот првак од 2008 година, британецот Луис Хамилтон на Мекларен, кој заврши на третото место.
Фетел- херој на денот
Голема победа за тимот на Ферари на стартот на новата сезона во Формула 1 циркусот. Фернандо Алонзо и Фелипе Маса го засенија враќањето на седумкратниот првак, Михаел Шумахер на патеките и најавија дека годинава ќе атакуваат на титулата.
Херој на трката беше германецот Себастијан Фетел кој успеа да стигне до чевртата позиција, иако поголемиот дел од трката го возеше, практично со уништен болид. Фетел стартуваше од пол-позицијата, но откажувањето на електрониката го спречи да направи подобар резултат.
Двојната победа на Ферари го засени и долго очекуваниот камбек на патеките на 41-годишниот Михаел Шумахер. На премиерата, седумкратниот светски првак, кој се врати по тригодишна пауза со тимот на Мерцедес, заврши на шестата позиција. По трката, Шумахер изјави дека возел најдобро што можел, но ја критикуваше и новата стратегија која забранува дополнување гориво.
Актуелниот светски првак, Џенсон Батон немаше многу успешно деби за Мекларен. Тој трката ја заврши на седмата позиција.
Од трите нови тима кои годинава дебитираат во натпреварувањето, најуспешен беше Лотус, чии болиди единствени ја завршија трката.
Aвтор: БГ/ројтерс
Редактор: Александра Трајковска