Дебакл без крај?
16 мај 2014Влезот кон новиот аеродром Берлин-Бранденбург во главниот град на Германија. Без луѓе - место од сеништата.
Се објавуваат термини за пуштање во употреба - и повторно се одлагаат.
Кризна седница. Шефот на аеродромот треба да соопшти уште колку долго ќе се гради и кога конечно ќе започне воздушниот сообраќај.
Хартмунт Медорн, раководител на аеродромот Берлин-Бранденбург: „Ви велам сосем отворено: она што секојдневно доживувам на аеродромот е дека секогаш има многу изненадувања. Секој ден таму се случува нешто ново. И, за првпат би било сѐ да тече мазно, според планот. Може да очекуваме натамошни интерни мали поместувања и нарушувања. Исто така постои опасност од повторно одлагање на терминот.“
Новиот аеродром во Берлин го следеа серија незгоди: планирањето и изведбата не секогаш беа во иста рака, имаше смени на менаџментот, а се вградува техника, која досега никаде не била испробана. Главен проблем е системот за заштита од пожар - тој сѐ уште не е функционален.
Во аеродромскиот комплекс меѓутоа веќе се вселија некои кираџии - како на пример двајца заболекари. Констанце Шенберк вели: „Се разбира, не знаевме дека сето ова ќе се оддолжи со години. Првото одлагање за половина година добро ни дојде, оти бевме апсолутно под стрес. Но, кога дојде второто, се запрашавме ќе има ли трето или четврто. Тогаш одлучивме да се преселиме и сега мораме некако да живееме со последиците од таа наша одлука“.
Сега се вели 2016?
„Да, тоа е најдоброто што сум го чула досега“.
На што сметате?
„Во меѓувреме на никаков термин. Секогаш сметаме на најлошото и така досега многу добро се снајдовме“.
Во ординацијата на аеродромот инвестираа повеќе од 600.000 евра. Досега меѓутоа се исплатеа само две од четирите простории за пациенти. Заболекарот Ханс-Јоахим Шенберг подвлекува: „Од ден на ден ги има се повеќе. Доаѓаат сѐ повеќе соработници. Постојано се чудиме од каде доаѓаат сите тие. Но, не смее да се заборави - просторот е многу голем. На лице место веќе се сите важни институции: значи противпожарните служби, тие мора да бидат тука. И царината е тука, граничната полиција, тие само ќе бидат активирани кога ќе започне да функционира аеродромот.“
Независниот градежен експерт Франц-Јосеф Шлапка има искуства со големи проекти. Постојаното одлагање на термиот за отворање на аеродормот од негов аспект е бесмислица. „За жалење се претприемачите, кои тука инвестираа, и сега чекаат да се случи нешто, што не се случува. Мислам дека е ова срамно - и во однос на нив исто така: дека тука се играат политички игрички, тие се играат и натаму, ако добро следите. А воопшто не се води сметка за добробитта на граѓаните кои плаќаат данок.“
Секој месец одложување чини милиони евра - јавноста не сака веќе да слуша за оддложувањата од шефот на аеродромот Медорн. Но тоа не остава впечаток врз него. „Дозволете ми да појаснам некои работи во врска со мене: ме доведоа на аеродромот за да го завршам. Мојата улога е да бидам поттикнувач, да туркам нанапред под девизата: што може да биде завршено, ќе биде направено. И тоа колку што е можно побрзо“.
Билансот досега е дека трошоците искажани во милијарди експлодираа. А, отворање на аеродромот и натаму не е на повидок.