Дебатата во Генералното собрание на ОН започна со апели за здружени напори во борбата против гладот, сиромаштијата и теророт
21 септември 2004Генералниот секретар на ОН Кофи Анан во говорот на отворањето на дебатата на Генералното собрание на ОН во Њујорк повика на поголеми напори за јакнење на системот на колективна безбедност. “Мораме да бидеме подобри, за да сковаме вистински глобално партнерство за развој и за борба против гладот, незнаењето, сиромаштијата и болестите”, рече Анан. На тие напори, според генералниот секретар, ништо не може повеќе да им наштети, отколку еден свет во раскол по религиозни, етнички или културни линии на поделба. Тој ја повика меѓународната заедница на јакнење на меѓународното право, укажувајќи дека во Ирак и во други земји во последно време не биле почитувани основните права. Како пример Анан го наведе малтретирањето на ирачките затвореници и нападите на терористите врз цивилно население.
Американскиот претседател Џорџ Буш побара позасилени заеднички напори од меѓународната заедница во сузбивањето на тероризмот. “Сите цивилизирани нации се наоѓаат во таа борба и сите мораат да се борат против убијците". Ниедна држава, според него, не може да добие безбедност со вртење на погледот, рече Буш денеска на почетокот на дебатата на Генералното собрание на светската организација. 21-от век бара нова дефиниција на безбедноста во што спаѓа пред се‘ почитувањето и поттикнувањето на човековите права, рече американскиот претседател, истовремено нагласувајќи ја неопходноста од сузбивање на сиромаштијата и неразвиеноста.
Заседанието на Генералното собрание на ОН започна со биење на камбана на мирот. Претставници на 191 земја-членка на ОН до крајот на наредната недела ќе расправаат за ситуацијата во Ирак и на Блискиот исток, како и за мерките во борбата против теророт. Натамошна тема е борбата против гладот и сиромаштијата во светот.
Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер, кој ќе зборува в четврток, во дебатата има намера да ги подвлече германските амбиции за добивање постојано место во Советот за безбедност.