1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Триесет години од деветтомартовските демонстрации во Белград

Драгослав Дедовиќ
9 март 2021

Деветтомартовскиот мит е избледен. Во изминатите три децении му ја испраа бунтовничката позлата. Многумина се наголтаа солзавец, многумина добија ќотек. Еден полицаец и еден ученик се убиени.

Serbien Oppositionsführer Vuk Draskovic Protest gegen Milosevic 1996
Фотографија: epa/dpa/picture-alliance

Тој деветти март 1991 година сонцето си играше со облаците над Белград. Водачот на тогаш најголемата опозициска партија, Српското движење за обнова (СПО), Вук Драшковиќ, повика на „Митинг против петокраката“. Таа петокрака, според неговото толкување, ја претставуваа Слободан Милошевиќ, човекот кој само три месеци претходно убедливо го победи на претседателските избори, и неговата сопруга Мира Марковиќ.

Масата народ која тој ден од рано утро се слеваше кон Плоштадот на Републиката никој не успеа точно да ја преброи. Според проценките, во Белград демонстрираа помеѓу 70 и 150 илјади луѓе. Сепак, се наметна тркалезна бројка од околу 100.000.

За редолседот на случувањата е познато главно се'. Милошевиќ одби да разговара со опозицијата во пресрет на 9 март. Митингот е забранет. Полицијата ги затвори приодите кон Белград, како и приодите кон центарот на градот. Демонстрантите, што мирно, што насила, како вода си пронаоѓаа свои патишта до центарот.

До плоштадот успеа да стигне и Вук Драшковиќ со врвот на СПО. Едни велат дека неговиот мегафон „кај Коњот“ бил преслаб за викањето на масата луѓе, други пак велат дека се скрил од полициското насилство во Народниот театар. Како и да е, од балконот на театарот тој ја изговори познатата команда: „Јуриш!“. Судирот на демонстрантите и полицијата траеше со часови. Вечерта беа уапсени Вук и Даница Драшковиќ, како и стотици други луѓе.

Повод

Во февруари партискиот весник на СПО, „Српска реч“, кој го уредуваше Даница Драшковиќ, објави карикатура на Мира Марковиќсо мустаќи во Сталинов стил и со зборовите: „Што прават генералите?“ Реакцијата на режимот беше резервирана за вториот дневник на државната телевизија (тогаш Радио-телевизија Белград, РТБ). Во коментарот кој го прочита Славко Будина, а го напишал некој пропагандист на Милошевиќ, СПО беше доведена во врска со „усташите“. Вук Драшковиќ, кој во егзалтираното српство се натпреваруваше со Милошевиќ, реагираше огорчено. Бараше оставки во телевизијата, а кога такво нешто не се случи, повика на демонстрации.

Тие ќе станат прв посериозен предизвик за силниот Милошевиќ, кој имаше контрола над половина од гласовите во Претседателството на Југоославија која беше на умирање, и чии социјалисти во Собранието на Србија имаа речиси четири петтини од пратеничките места. Власта прво покажа мускули со апсењето на Драшковиќ, вадејќи, со помош на Борислав Јовиќ, српски член на Претседателството на Југославија, армиски тенкови на белградските улици и насилно прекинувајќи го емитувањето на Студио Б и Б92. Тоа ги предизвика студентите на демонстрации кои се наречени „Кадифена револуција“. Показните вежби на отпорот траеја до 14 март.

Режимот на Слободан Милошевиќ тогаш им направи тактички отстапки на, како што Милошевиќ ги нарече демонстрантите во своето телевизиско обраќање, „силите на хаос и безумие“. По неколку дена ги пушти на слобода Вук и Даница Драшковиќ, како и останатите уапсени политички затвореници, го смени директорот на РТБ и министерот за полиција, и со тоа ги исполни барањата на демонстрантите. Иако тогашната опозиција тоа умееше да го нарекува победа, јасно е дека не може да стане збор за некаков триумф. Милошевиќ речиси неоштетен си продолжи по патот кон „светла“ иднина полна со гробови.

Светска и југословенска рамка

Бранот граѓански револуции започна да ги урива советските сателитски режими уште во 1989 година. Падот на Берлинскиот ѕид во октомври го најави епохалниот пресврт. Романската револуција во декември на Белград му беше многу поблиска, понасилна и покрвава. Со изборите во Хрватска, во мај 1990 година, веќе беше јасно дека иднината на југословенскиот простор нема да биде примарно демократска, туку првенствено националистичка.

Со појавата на Фрањо Туѓман, како неприкосновен политички водач на Хрватска, во Југославија ќе се воспостави систем на сврзани националистички садови меѓу Белград и Загреб. Исто како што Туѓман дебело политички профитираше од „антибирократската револуција“ на Милошевиќ, така и секој националистички испад направен во време на Туѓман му одеше на рака на Милошевиќ. Бранот на промени во источноевропските земји го ослободи шовинистичкиот, но не и демократскиот потенцијал во Југославија, земја којашто беше „нешто помеѓу“.

Српска рамка

Формацијата која ја предводеше Вук Драшковиќ, според иконографијата, беше четничко-ројалистичка, се потпираше врз силна антикомунистичка реторика, со национален наратив од речиси деветнаесеттиот век. Слободан Милошевиќ уште од својот не баш сакан, но, како што ќе се покаже, судбоносен престој на Косово во април 1987 година („Никој не смее да ве тепа“) до март 1991 година, стана неприкосновен политички авторитет меѓу Србите во Југославија.

Вук Драшковиќ влезе во националистички натпревар со таква фигура. Тој исто така имаше свои националистички референтни точки. Од романот „Нож“ од раните осумдесетти, преку јавното декларирање како фан на Дража Михаиловиќ и усвојувањето на рамногорската реторика и програма, до новопазарската закана дека секој што во „Рашка земја“ ќе крене „турски, усташки, албански“ барјак, ќе остане „и без барјак и без раце“, Драшковиќ не се стеснуваше од употреба на десетеречки метафори  и архаичен јазик. Сè во обид да допре до претпоставеното српско архетипско јадро. На негова голема жалост, тоа веќе беше маѓепсано од слоганот „Слобо, слободо!“

На демонстрации на 9 март повика политичар кој сметаше дека Книн се брани во Белград, а не во Хрватска. Впрочем, телевизиското обвинување на режимот дека СПО флертува со „усташите“, беше „чкрапало“ за протестите. Сонот за голема Србија, рамногорската реторика и антикомунизмот го претворија Драшковиќ - како „крал на плоштадите“- во идеален противник на  Слободан Милошевиќ, чиј национален социјализам нудеше илузија на континуитет и солидност во несигурни времиња.

Поуки

Ако значењето на тие демонстрации се разгледа од денешен аспект, тогаш тоа би требало да се бара во успешната прва гребатинка на сликата на апсолутниот консензус на Србите околу признавањето на Милошевиќевиот авторитет. Стотина илјади демонстранти се агрумент кој ќе се почитува и во иднина.

Исто така, целата опозиција - од ројалистичката до граѓанската - сфати дека Слободан Милошевиќ го разбира само јазикот на силата. Колку дивизии имаш, толку почит ќе заслужиш. Стравот од непознатото - исчезна. На демонстрациите во 1996 година се покажа дека тактичкото попуштање пред се' побројните дивизии демонстранти е трајна карактеристика на Милошевиќ.

Драшковиќ по 9 март доживеа неколку трансформации - од коалициски партнер на Милошевиќ, преку четнички пацифист, апологет на Западот и мета на убијците од тајните служби, до питом сателит на Вучиќ. Од великосрпски занес до Александрово југословенство. Драшковиќ главно го пропушташе вистинскиот момент. Кога ДОС трупаше народна енергија за да го симне Милошевиќ од власт, тој на избори излезе сам. Тоа беше почеток на крајот на политичката релевантност на неговото движење. Ќе се покаже дека таа политичка фигура својот врв го доживеа на самиот почеток од својот пат, тој 9 март 1991 година, и дека наспроти подоцнежното министерување, ќе остане далеку под потенцијалот кој му го ветуваше тој ден.

Некогаш и сега

Денешната опозиција веќе нема политички магнетизам за да собере стотина илјади луѓе на едно место со еден повод. Нејзе за наметнување на елементарни правила на демократски натпревар ќе и' биде потребно благонаклоно посредување од страна на европски парламентарци.

Ако се споредат тогашна и сегашна Србија, воочлива е единствено сличната безочна медиумска злоупотреба која ја спроведува најмоќниот човек во земјата. Србија, сепак, напредуваше, зашто сегашниот газда, за разлика од Слобо, со својата една, ама вредна, телевизија, има цела колекција ТВ-Бастилји.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми