1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Девет дена до влада или до деветиот круг?

20 јануари 2017

Клучот и натаму е во ДУИ, која сега е во фаза на играње симултанка. По средбата со Груевски, Ахмети се сретна и со Заев. Нема детали од разговорите, но има најава за нови средби.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Остануваат уште девет дена од истекот на законскиот рок, кој мандатарот Никола Груевски го има на располагање за да формира нова влада.

„Девет дена до влада или до деветиот круг?“ - е прашањето што ги изразува стравувањата во јавноста, дека 29 јануари можеби нема да донесе разрешница, туку нови сопки и заплети. Клучот и натаму е во ДУИ, која според четирите опции (влада со ВМРО-ДПМНЕ, влада со СДСМ, проширена влада или заминување во опозиција, односно нови избори), сега е во фаза на играње симултанка. По средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Ахмети вчера се сретна и со претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Иако во соопштението од завчерашната средба Груевски-Ахмети беше потенцирано дека разговорите биле посветени само на две точки - анализа на избори и анализа на актуелните состојби, Антонио Милошоски вчера изјави дека со таа средба почнале преговорите за формирање на нова влада. Од ВМРО-ДПМНЕ се уверени дека до 29 јануари има доволно време да се затворат сите отворени прашања. Но, Милошоски повтори дека ставовите на неговата партија се непроменети: не прифаќаат воведување двојазичност на целата територија на Македонија, ниту продолжување на мандатот на СЈО. А тоа се две од четирите цели на ДУИ, од кои партијата соопшти дека не отстапува, односно, дека нема да прифати договор за формирање влада без нивно реализирање. Според партиски извори, токму продолжувањето на мандатот на СЈО, односно опстанокот на таа институција, може да биде темата која најмногу ќе влијае во исходот од разговорите меѓу досегашните коалициски партнери.

Престана причината за постоење на СЈО“

ВМРО-ДПМНЕ, која подолг период жестоко го критикува работењето на СЈО, опишувајќи го како инструмент на опозицијата, целосно го отпиша неговото значење откако завчера ова обвинителство соопшти дека се откажува од обвинителниот акт за предметот „Пуч“. Како причина за таа одлука СЈО ја посочи фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт, која е во спротивност со доказите и наодите со кои располага СЈО во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“. Иако СЈО потенцираше дека со тоа не прејудицира дали некој е невин или виновен, и дека за целосно утврдување на фактичката состојба се потребни дополнителни докази кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа, од ВМРО-ДПМНЕ постапката ја оценија како „нова аболиција за Заев“.

„Веќе не постојат дилеми дека СЈО е целосно непрофесионално, партизирано и политизирано“, рече Антонио Милошоски на вчерашната прес-конференција.

„Првата и основна причина за формирањето и постоењето на СЈО беше да се расчисти криминалот на Заев и Верушевски, кои според признанието на вработениот во Управата за безбедност и контраразузнавање кој доби судска пресуда, ја злоупотребиле опремата за незаконско следење на комуникациите. Со ова одлука на Катица Јанева за аболиција на господинот Заев, престанува и главната причина за постоењето на СЈО. Затоа сметаме дека јавноста треба да биде свесна, дека СЈО веќе стана беспредметна институција“, порача Милошоски.

Фотографија: MIA

Во правосудни кругови сметаат дека со ова е отворена „сезоната за лов на СЈО“, односно испратена директна порака до Уставниот суд, пред кого е доставена иницијативата за оценување на уставноста на законот за СЈО.

Извори од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се надеваат дека со последната одлука на Специјалното обвинителство „ќе се намали и релативизира и заложбата на ДУИ да брани една таква институција“, па сметаат дека нејзиниот мандат во преговорите ќе отпадне како еден од клучните услови.

Прва средба

Извори од ДУИ, пак, велат дека раководството на партијата не смее и нема да ги игнорира заложбите на електоратот за достапност до правдата и вистината.

„Поддршката за СЈО останува недвосмислена. Ако неговите истраги докажат кој прислушувал, кој злоупотребувал државни ресурси за недемократски цели, не е важно дали предметот ќе се вика 'Пуч', 'Таргет' или 'Тврдина'. Важно е да се дознае вистината, докажана низ судска постапка. Нема отстапка по ова прашање“, велат од ДУИ. 

Како еден од доказите дека врз ДУИ немаат никакво влијание тезите за „аболицираниот Заев“, кои имаат за цел да го дискредитираат како политички соговрник, тие ја посочуваат вчерашната средба на лидерот на партијата Али Ахмети со претседателот на СДСМ. Иако по средбата не беа објавени никакви детали од разговорите, беше најавено дека се очекува оти и во следниот период ќе продолжат средбите помеѓу двете страни, за што јавноста навреме ќе биде информирана.

Фотографија: MAKFAX

„Ова е прва средба на лидерско ниво помеѓу претседателот на СДСМ, Заев и претседателот на ДУИ, Ахмети, по предвремените парламентарни избори на 11.12.2016 година. На средбата начелно се разговараше за позициите на двете страни коишто ги застапуваат во овој период, без навлегување во детали или разговори за одделни конкретни прашања“, соопштија идентично двете партии.

И покрај ваквата штурост во соопштението, извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „извесна зачуденост“ внесува нагласувањето дека „ова е прва средба на лидерско ниво помеѓу Ахмети и Заев по изборите“. Ова го доведуваат во контекст на бројните сомнежи кои ги имало во ВМРО-ДПМНЕ за наводни, заткулисни контакти меѓу СДСМ и ДУИ по изборите, најверојатно „преку посредници“. Сметаат дека тоа сигурно му било предочено на некој од соговорниците, штом во соопштението се нашол и таков податок.  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми