Во светот секоја година од последици од загадување на воздухот умираат седум милиони луѓе, се вели во најновата студија на СЗО.
Реклама
Секој деветти смртен случај во светот е поврзан со загадувањето на воздухот, а прогнозите не ветуваат ништо добро, зашто во многу региони, според Светската здравствена организација, квалитетот на воздухот станува сѐ полош. Најголемите фактори на ризик по здравјето, според студијата на СЗО објавена во Женева во вторникот (27.09), се издувните гасови од автомобилите, термоцентралите и уништувањето на шумите. Во светот 92% од населението дишат воздух со вредности на загадување над дозволните граници.
Дополнителен фактор на ризик е и „внатрешниот“ воздух, оцени СЗО. Тој се загадува пред сѐ со согорувањето на дрва и јаглен за готвење и затоплување, или пак од керозинските ламби.
Според наводите на Светската здравствена организација, околу три милиони смртни случаи годишно се поврзани со загаден воздух на отворено, а околу 3,5 милиони смртни случаи со загаден воздух во затворени простории. Со загадувањето на воздухот ширум светот во 2012 година биле поврзани 11,6% од смртните случаи.
Најзагадените места во светот
Загадена почва, хемиски отпад, електронски смет: според извештајот на фондацијата Зелен крст, 200 милиони луѓе во светот се директно соочени со загадена животна околина. Каде е најопасно?
Фотографија: Blacksmith Institute
Каде е животот најопасен?
Околу 200 милиони луѓе во светот се директно соочени со загаденост на животната околина. Тешки метали ја загадуваат почвата, хемиски остатоци во воздухот, или токсичен електронски смет во реките. Ова се само неколку примери од извештајот на фондацијата Зелен крст.
Фотографија: picture alliance/JOKER
Депонијата Агбогблоши во Гана
Тони сателитски антени и расипани телевизори се нафрлани во втората по големина депонија на електронски отпад во Западна Африка. Во извештајот оваа депонија е рангирана како едно од најзагадените места во светот. Палењето на жиците, со што се одвојува драгоцениот бакар од пластиката, го прави овој електронски смет особено опасен поради тоа што се ослободува олово во околината.
Фотографија: Blacksmith Institute
Реката Ситарум, Индонезија
Водата во реката Ситарум е околу илјада пати позагадена од вообичаената вода за пиење и содржи огромни количества на алуминиум и железо. Околу 2.000 фабрики ја користат реката како извор на вода и го фрлаат својот индустриски отпад во неа. Реката во истовреме е и извор на живот за милиони луѓе.
Фотографија: Adek Berry/AFP/Getty Images
Индустрискиот центар Џержинск, Русија
Џержинск е еден од најважните центри на руската хемиска индустрија. Меѓу 1930. и 1998. година, околу 300 илјади тони хемиски отпад не биле правилно отстранети. Хемиските супстанци ги загадиле подземните води и воздухот. Просечниот животен век на жените во регионот е 47, а на мажите 42 години.
Фотографија: Blacksmith Institute
Нуклеарната централа Чернобил, Украина
До денес, Чернобил важи за најголемата нуклеарна катастрофа во историјата. На 25 април 1986 година, тестовите во централата доведоа до фатални последици - до денес никој не живее во радиус од 30 километри. Почвата околу централата се‘ уште е загадена и го загрозува производството на храна. Многу луѓе околу Чернобил заболеа од леукемија.
Фотографија: Blacksmith Institute
Преработувачката на кожа во Хазарибах, Бангладеш
Хазарибах има повеќе фабрики за кожа отколку каде било во Бангладеш. Мнозинството од нив користат стари и неефективни методи поради што секојдневно се влеваат 22 илјади литри токсичен отпад во реката Буриганга- најважниот извор на вода за главниот град Дака. Многу луѓе страдаат од болести на кожата и на дишните патишта поради карценогените материјали.
Фотографија: Blacksmith Institute
Рудниците за олово во Кабве, Замбија
Во Кабве, вториот по големина град во Замбија, голем број деца страдаат од зголемено ниво на олово во крвта. Веќе цел век, рудниците за олово во воздухот ослободуваат тешки метали кои паѓаат на почвата во и околу градот.
Фотографија: Blacksmith Institute
Рудниците за злато во Калимантан, Индонезија
Калимантан му припаѓа на индонезискиот дел од островот Борнео и е особено познат по своите златни рудници. За да го прочистат златото многу рудници користат жива, со што се ослободуваат илјадници тони отровни материи во животната околина и во подземните води секоја година.
Околу 5.000 фабрики го исфрлаат својот отпад во реката Матанца-Риачуело. Хемиските производители можат да бидат обвинети за повеќе од една третина од загадувањето на водата. Водата содржи високи концентрации на цинк, олово, бакар, никел и други тешки метали. Во овој регион населението страда од цревни и белодробни заболувања.
Фотографија: Yanina Budkin/World Bank
Делтата на Нигер, Нигерија
Делтата на реката Нигер е густо населен регион во Нигерија и дом за околу 8 проценти од севкупното население. Но регионот е тешко загаден бидејќи нафтата и хидрокарбонатите ја трујат почвата и питката вода. Во просек, секоја година околу 240 илјади барели нафта се излеваат во делтата на Нигер поради несреќи и вооружени напади.
Фотографија: Terry Whalebone
Индустрискиот град Норилск, Русија
Во Норилск, руски индустриски град, околу 500 тони бакар и оксиди на никелот, како и 2 милиони тони оксидати на сулгфурот се испуштаат во воздухот. Загаденоста на воздухот е толку екстремна што просечниот животен век на работниците во фабриките е 10 години понизок од просекот во Русија.
Фотографија: Blacksmith Institute
11 фотографии1 | 11
Загадувањето на воздухот во посиромашните земји често е многу поголемо отколку во високоразвиените земји. Сепак, здравствени ризици од лошиот воздух има „практично во сите земји во светот и сите слоеви на општеството“, вели Марија Неира, раководителка на одделот на СЗО за јавно здравје и животна средина. Таа од владите бара ограничување на бројот на возила на улиците, подобрување на менаџирањето со отпадот и поттикнување на користењето на чисти согорливи материи за готвење.
Речиси 90 проценти од смртните случаи кои се поврзани со загадување на воздухот, се случуваат во земји со ниска и средна заработувачка, а две третини од нив се наоѓаат во Југоисточна Азија и Западниот Пацифик, се констатира во студијата на СЗО. Речиси сите смртни случаи се поради болести кои не се преносливи, како срцеви заболувања, мозочни удари, хронични заболувања на белите дробови или рак на бели дробови.
Опасна прашина
Според СЗО, дозволените граници за особено опасните честички ситна прашина постојано се пречекоруваат. Најситните честички кои лебдат во воздухот содржат штетни материи како сулфат, нитрати и саѓи. Со саѓите се сврзуваат различни токсични хемикалии, на пример полициклични ароматични јаглероводороди кои се познати како предизвикувачи на рак, како и токсични метали и неоргански соли. Тоа саѓите ги претвора во опасни хемикалии кои продираат длабоко во белите дробови и со тоа во крвта. Последиците по здравјето се движат од астма, преку срцеви заболувања, до рак на бели дробови.
СЗО се залага за преземање брзи и консеквентни мерки за да се редуцираат изворите на загадување на воздухот. „Соочени сме со една од најголемите еколошки и здравствени кризи во светот“, оценува Карлос Дора, координатор на одделот на СЗО за јавно здравје и животна средина. Според негова проценка, дел од мерките за заштита од загадување на воздухот кои се преземаат во моментов не се ефикасни. Како пример тој ги наведува дневните информации за квалитетот на воздухот во Пекинг, кои предупредуваат од екстерно загадување на воздухот. Да се остане дома во деновите кога воздухот е особено лош е од мала помош, а нема ниту „сигурни докази“ дека филтер-маските се ефикасна мерка за заштита на здравјето, вели Дора.
Загадувањето на воздухот, како што се вели во студијата на СЗО, би морало да се намали во изворите: колку порано заврши согорувањето на фосилни горива, толку подобро ќе биде за здравјето, гласи централниот заклучок на СЗО.