1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Дедо“ Новески е незаменлив во Мајнц

Б. Георгиевски/сид8 август 2014

Германската спортска новинска агенција (СИД) објавува репортажа за поранешниот македонски репрезентативец Николче Новески, капитен на тимот на Мајнц и играч со најдолг стаж во овој клуб.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Каспер Хјулманд не мораше долго да размислува. Стариот-нов капитен на бундеслигашот Мајнц е и останува Николче Новески. Тоа го најави новиот тренер веднаш по стапувањето на должноста. „Дедото“ со капитенската лента ќе ја започне својата 11-та сезона во Мајнц- многу од младите играчи кои полека продираат во првиот тим се уште го чуваат дресот на Новески кој го купиле во детството.

„Минатата сезона имавме повеќе играчи на моја возраст во тимот, но сите си заминаа, само јас останав“, вели 35-годишникот: „Но со младите добро ми оди. Немам дистанца кон нив и им велам: јас сум професионалец кој игра веќе 20 години, земете ги моите копачки и донесете ми ги на тренинг-теренот“.

Навивачите на Мајнц не можат да си замислат иднина без интровертниот Новески. Веќе долго тој важи за вистинска институција во „карневалскиот“ тим. И не само затоа што важи за многу верен на клубот. Новески остана во Мајнц и во втората лига и покрај тоа што имаше подобри понуди на други места.

Македонскиот дефанзивец е играч со најдолг стаж во Мајнц. Тој е последниот од тимот кој во сезоната 2004-05 ја одигра премиерната сезона во Бундеслигата. Неговиот договор истекува во 2015 година. Што понатаму? „Не можам ништо да предвидам. Планирам од година за година“, вели Новески.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Притоа, професионалецот од Битола, кој претходно настапуваше и за Ханза Росток и Ерцгебирге Ауе, во овој клуб доживеа и тешки моменти. Во текот на својата кариера Новески постигна еден неславен рекорд, израмнувајќи го рекордот од 6 постигнати автоголови на Манфред Калц. Но за разлика од Калц кому за таквиот „рекорд“ му беа потребни 581 бундеслигашки настап, Новески тоа го постигна на само 173 натпревари.

Поранешниот менаџер на Мајнц, Кристијан Хајдел тоа еднаш го објасни на следниот начин: „Тој е секогаш таму каде што гори. Тоа е едноставно баксуз“.

Но, на 19 ноември 2005 година на Новески му успеа едно неверојатно постигнување. Во дербито против Ајнтрахт Франкфурт (2:2), Новески си постигна два автогола за точно 132 секунди. За среќа му успеа да постигне гол и на другата страна и да го спаси својот тим од пораз. „Сепак е тоа мојот единствен хет-трик“, вели низ насмевка Новески. Навивачите во секој случај се подготвени на Новески да му ја простат секоја грешка, се наведува во репортажата на СИД.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми