1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Делавекурас: Скопје води пропагандна војна

25 август 2011

Портпаролот на грчкото МНР Григорис Делавекурас го обвинува македонскиот премиер дека ја кочи европската иднина на земјата. Македонската вицепремиерка Арифи вели: „Одговорноста не може да лежи само на едната страна“.

Фотографија: AP/DW Fotomontage

Портпаролот на грчкото министерство за надворешни работи ја обвини Македонија за водење негативна кампања против Грција, што, според него, негативно влијае на добрососедските односи, како еден од условите за натамошна евроатланска интеграција на земјата.

Во интервју за радио „ВИМА“, Григорис Делавекурас целокупната одговорност за надминување на спорот со името и деблокада на интеграцијата во ЕУ и НАТО ја препишува на македонскиот премиер Никола Груевски.

„Решението може да дојде веднаш, ако Владата на господинот Груевски конечно одлучи  да ја откочи европската иднина на земјата, која во моментов води политика насочена против Грција. Систематски имаме негативна пропаганда против Грција, која ја спречува соработка меѓу двете земји. Ние веруваме дека за доброто на двете земји е да имаат добрососедски односи, а тоа е предуслов за Поранешна Југословенска Република Македонија да стане членка на Европската унија и НАТО. Но, одговорноста јасно му припаѓа и на господинот Груевски. Ако господинот Груевски одлучи дека е дојдено времето во Скопје да направи чекор што го заслужува, тоа можеме да го постигнеме преку решение што ќе биде име со географска одредница за севкупна употреба“, вели Делавекурас.

Тој, исто така, во интервјуто го критикува поставувањето споменици во центарот на Скопје, кое, како што вели, ги надминало сите граници.

Арифи: Македонија очекува добра волја и од Грција

Македонската вицепремиерка Теута Арифи, по изјавите на Делавекурас, денеска во Скопје рече дека „одговорноста за ниту еден спор не може да лежи само на едната страна“:

„Јасно е дека се работи за билатерален проблем кој има меѓународна димензија. Ние сме покажале добра волја и така треба да продолжиме, но тоа треба исто така да го очекуваме и од другата страна“, изјави Арифи по денешната средба со нејзините претходници во Владата.

Арифи напомена дека Македонија очекува и партнерство од своите меѓународни пријатели кои треба да дадат, како што рече, олеснувачка нота на проблемот.
Вицепремиерката очекува претстојниот извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија да биде коректен и реално да ја прикаже состојбата во земјата.
 

Автор: БГ/ЕМФ/миа/макфакс

Редактор: Е. М. Фиданоска

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми