Делото на Блаже Конески- јазичен патоказ, а не лингвистичко евангелие
4 мај 2014Дел од програмата за работа на Македонската академија на науки и уметности во 2014 година е и „Критичкото издание на севкупните дела на Блаже Конески“ со 12 томови. За годинава е планирано издавање на четвртиот том. Во ова издание треба да се опфатат поезијата, препевите, прозата, песните, дневниците, есеите и лингвистичкото творештво на овој автор. Кон крајот на 2011 година беа објавени првите две книги со поезија. Академикот Милан Ѓурчинов, писател, книжевен историчар и теоретичар, како иницијатор за ова „критичко издание“ и негов главен уредник, за ДВ нагласува: „Некои погрешно мислат дека со тоа сакаме да критикуваме некого. Целта е критички да се согледа контекстот на нападите врз личноста и творештвото на Конески и да се изврши ново, поцелосно вреднување на неговиот придонес кон стандардизирањето на македонскиот јазик. Го објавивме третиот том, а во подготовка е четвртиот: академик Ќулафкова работи на прозата на Конески. Се приближуваме кон половината на тој зафат. Доаѓаат на ред томовите од областа на јазикот.“
Зузана Тополињска, член на Полската и Македонската академија на науки и уметности и истакнат македонист, е најдиректно вклучена во реализацијата на проектот. Таа напоменува: „Ова критичко издание на севкупни дела е повеќе од оправдано и тоа им се подготвува на најеминентни починати автори. Пред се, Конески беше генијален поет, но и генијален научник. Покрај соодветните знаења, за вистинскиот креативен научник многу се важни интуицијата и харизмата. Конески ги имаше и неговата кодификација на македонскиот јазик го потврдува тоа. Тој јазик, македонски, од него кодификуван, се покажа како способен за живот и еволуира. Го прави сето она што се очекува од еден зацврстен, стандарден јазик.’
Горостасна личност
Ѓурчинов се надоврзува: „Конески е централна фигура на македонската култура, наука и книжевност во 20-тиот век. Се нафатив да го расветлам неговото книжевно дејствување: тој беше малку познат како поет, а повеќе како научник. Научната преокупација ги засенуваше некои импулси, кои кај него се јавуваат многу рано исклучиво на книжевен план. Не е многу познато дека Конески сакаше да стане писател и поет, а не научник. Историските и други околности придонесоа тој да се посвети со огромна енергија и огромен интерес на науката за македонскиот јазик.“
ДВ побара мислења и од други јазичари – познавачи на творештвото на Конески. Благица Петковска, експерт за методика на наставата по македонски јазик од државниот Педагошки факултет во Скопје, е категорична: „Тој е една од најгоростасните личности на македонската културна историја, која го одбележа не само 20-тиот век. Неговото дело е наша севременска придобивка. Природно е што ќе се навраќаме како нација кон него во различни поводи и во иднината.“
Веселинка Лабровска, научен советник од Институтот за македонски јазик, посочува: „Јас сум вклучена во делот на изданието за лингвистичкиот опус на Конески. Се надевам дека министерствата ќе обезбедат пари за оваа намена. Со објавување на критичкото издание ќе се обезбеди пристап до целосното дело на Конески и ќе се покажат и фазите на работата и изградувањето на ставовите, низ кои тој минал. Тоа е особено значајно за да се согледа поубаво и развојот на македонистиката во целина, затоа што токму тој е една од носечките фигури на тој развој.
Жива материја
Дали на Македонија се повеќе и недостасуваат лингвисти од рангот на Конески? Дали македонскиот јазик заостанува во својот развој?
Тополињска вака одговара на овие прашања: „Откако заминаа двајца големи јазичари, меѓународно почитувани – Конески и Божидар Видоески, се чувствува недостиг на лингвист од такво ниво, кој би можел да ги согледа приоритетите во науката за македонскиот јазик. Во МАНУ пред неколку години направивме голема конференција, каде што ги собравме сите лингвисти од сите генерации и изгледаше дека се усогласивме околу тоа дека имаме големи недостатоци. Оти тие недостатоци треба да бидат отстранети. Немаме пристојна голема дескриптивна граматика на стандардниот македонски јазик, немаме негова историска граматика ниту етимолошки речник. Немаме електронски корпус на македонскиот јазик. Покрај големите европски држави, сите наши соседи имаат такви изданија и постојано работат врз нови варијанти. Но, ние веќе имаме генерација добри лингвисти, ценети и признати во странство. Има кој да работи, потребна е организација. МАНУ од неодамна покрена иницијатива за потпишување меморандум за соработка со Институтот за македонски јазик и катедрата за македонски јазик на Универзитетот ’Светите Кирил и Методиј’. Се надевам дека е тоа на добар пат. За да се надминат барем најболните недостатоци.“
Ѓурчинов додава: „Блаже Конески никогаш не тврдел дека тоа што тој го поставил како темел е икона, или евангелие за сите времиња. Тој беше приврзаник на сфаќањето дека јазикот е жива материја, оти се менува. Првиот меѓународен собир, одржан во МАНУ, посветен на неговата личност и дело, по неговата смрт, имаше поднаслов: ’Достигнувања и перспективи’: кои се перспективите на натамошното усовршување на македонскиот јазик со научни сознанија? Перспективите се отворање процес, во кој треба да учествуваат сите нови лингвисти, но, ние заостанавме многу во разгрнувањето на тие перспективи. Каде – каде нашиот јазик можел да направи уште еден исчекор од она време и од оние достигнувања, кои што веќе ги остварил Конески! По него и по Видоески, немаме такви наши авторитети. Секоја и чест на Зузана Тополињска. Но, веќе имаме сјајни студенти по македонистика и треба максимално да ги користиме нивните потенцијали. Некои од нив не се никакви идолопоклоници на Конески: тие го почитуваат во огромна мера, но, размислуваат врз современа основа и свесни се оти мораме да одиме натаму! Иако го почитувам во огромна мера Рацин, не можам ни јас, како книжевен историчар, да застанам само на него и да кажам: не постои македонската поезија!“
Недостасуваат јазикотворци
Професорката Петковска е загрижена поради сегашната практика во македонскиот јазик: „Во него неселективно навлегуваат зборови надвор од неговиот дух. Конески уште на времето зборуваше за 'јазичната дембелаана'. Нашите претци умееја со своите јазични елементи да градат нови зборови за новите предмети и нивните именувања, а сега ние станавме многу мрзеливи со духот. Денес немаме јазикотворци: само регистрираме појави, не работиме врз изнаоѓање нови јазични решенија, а во времето на глобализацијата пристигнуваат многу предмети, многу нови именувања. Слушајќи ги термините во секојдневната употреба, постои чувство дека се оддалечуваме од македонскиот јазик. МАНУ, Институтот за македонски јазик и катедрите за македонски јазик треба да внимаваат на секој нов збор, на англицизмите, кои како груби заемки навлегуваат во македонскиот јазик. Имаме груби кршења во јазикот, кои се случуваат, пред се, во лексиката. Работите се во деликатна позиција. Каде се македонистите тука?“
Професорката Лабровска ја прави следнава споредба: „Не може денешниот момент да се споредува со времето во кое живеел и работел Конески, кога требало да се кодифицира јазикот: да се направат одеднаш азбука, правопис, граматика, историја на јазик... Ние сето тоа веќе го имаме и врз него ја градиме натаму лингвистиката. Денешните македонисти максимално професионално ги завршуваат обврските, кои стојат пред нив, за што има и резултати како што се проектите од Институтот за македонски јазик. Ќе има резултати и во иднина: сега се поттикнаа значајни проекти. Тие се во тек, или се во подготовка: правопис, граматика, етимолошки речник на македонскиот јазик, електронски корпус на македонскиот јазик... Потребни се повеќе лингвисти, кои ќе работат активно на сите полиња. Ние во овој институт сме малку на број и сите работиме на најмалку два проекта.“
Широка општествено-културна грижа за јазикот
Петковска заклучува: „Недостасуваат лингвисти од форматот на Конески и поради тоа што долги години Институтот за македонски јазик години нема обновување на кадарот. Таму се реализираа огромни проекти. Меѓутоа, сега финансирањето во тој институт е поинакво: ги нема оние големи проекти. Проектите се помали и расцепкани. Луѓето се осипани. Но, тоа не значи дека ние денес не работиме врз јазикот: објавени се ’Толковниот речник’, ’Генеративниот речник на македонските глаголи’, ’Речникот на презимињата’, излезени се од печат и ономастички речници, речници за нашата стара писменост, речници за старословенскиот и црковнословенскиот јазик ... И тоа се огромни потфати. Научните дела, обемните монографии, магистерските и докторските трудови го надополнуваат она што Конески ни го остави како наследство. Сега е потребна е и широка општествено – културна грижа за нашиот јазик.“
Во октомври, или во ноември годинава МАНУ пак ќе организира меѓународен научен собир за творештвото на Конески, како пригода за ново вреднување на неговата севкупна јазична оставнина, која задобива битно значење во одбраната на македонската јазична и национална самобитност наспроти негаторските тенденции и нападите кон таа самобитност.