1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Мирно лето само со масовно вакцинирање

8 јули 2021

Со почетокот на летните одмори расте стравот од ширењето на Делта сојот. Ниедна земја не може да се изолира - решението е во масовно вакцинирање, едногласни се експертите.

Nord Mazedonien Corona Impfung in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Делта сојот, чие присуство е утврдено кај десетина пациенти кои се лекуваат во македонски болници, предизвикува загриженост кај граѓаните. Но, стравувањата не се врзани само за домашен терен. Со оглед дека почна сезоната на летни одмори, во прашање е и избор на дестинации за летување. Според интересот, засега преференциите на македонските граѓани најмногу се однесуваат на летување во земјите од соседството и регионот - Албанија, Грција, Црна Гора, Хрватска... Фактот дека во дел од нив веќе е утврдено присуство на офанзивниот Делта сој, ги става во дилема: да воопшто да планираат летување?

Засега нема конкретни препораки од здравствените власти, а сите тековни информации се однесуваат на формалните процедури и неопходни документи за влез во одредена земја. Советите за патување во странство на веб-страницата на МНР се застарени и се однесуваат на состојби од октомври минатата година.

„Ниедна земја не може да се изолира - решението е во масовно вакцинирање“, едногласни се експертите.

Засега најмногу случаи на инфицирани со Делта сојот има во Грција, и најголем дел од прашањата што ги добиваат туристичките агенции се токму од граѓани кои резервирале за летување кај јужниот сосед или планираат да го направат тоа: колку е безбедно летувањето? 

Што треба да се знае за сојот Делта?

03:23

This browser does not support the video element.

Во Грцијавчера беа регистрирани 1.820 новозаразени (претходниот ден таа бројка изнесуваше 1.797, а еден ден пред тоа двојно помалку – 801), но нема податоци колку Делта сојот учествува во вкупната бројка на заразени. Во Бугарија, со секвенционирање вчера биле потврдени 43 случаи на Делта варијантата. Од анализирани 95 клинички примероци земени од пациенти со Ковид-19 во периодот од први до 25-ти јуни од 14 области во земјата, во 49 примероци бил утврден Алфа сојот (британскиот), во 43 случаи Делта (индискиот) и во 1 случај Бета (јужноафриканскиот), објави бугарското Министерството за здравство. Тројца од пациентите кај кои била утврдена Делта варијантата - починале. Од први јуни до вчера во Романија починале три лица (на 72, 62 и 35 години) како последица на инфекција со Делта сојот. Ниту едно од нив не било вакцинирано.

ПовеќеПретстои нова битка: со вакцини и рестрикции против Делта сојот?

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека во Србија расте бројот на новозаразени и мисли дека новиот бран ќе стигне уште во текот на летото. Таму од 8.520 тестирани, вчера биле утврдени 103 случаи на инфицирани.

„Се плашам дека пред есента ќе имаме влошување на ситуацијата. Растат бројките, што е лошо, затоа градиме болница во Нови Сад“ изјави Вучиќ.

Во албанскиот град Ѓирокастро вчера биле регистрани првите два случаи сомнителни на Делта сојот. И во двата случаи се работи за лица кои се вратиле од странство.

Заразата со Делта варијантата на коронавирусот се шири побрзо, и практично се удвојува на неделно нивоФотографија: Sascha Steinach/dpa/picture alliance

Ако има мерки, треба да бидат усогласени

Со оглед дека и во другите земји во соседството голем број од случаите се сметаат за „увезени“, дилемата дали да се патува надвор од Македонија или да се остане дома е ирелевантна, а ризикот подеднаков, ако не се предвидени контролни мерки за лицата кои влегуваат во земјата. Оливер Зафировски, член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на Центарот за белодробни заболувања, вчера ја повика Владата да ја остави суетата настрана и да бара негативен ПРЦ-тест за влез во земјата.

„На сите аеродроми во светот има заштитни механизми, пред сѐ, се бараат негативни ПЦР-тестови. Сосема е нејасно зошто и Македонија не воведе мерки за влез и тестови за тестирање на сите кои влегуваат на македонска територија, без разлика дали е тоа по некој од патните коридори или на аеродромите? Доколку се пропушти овој период, подоцна ќе биде многу потешко, особено ако се дозволи наесен да избие уште еден нов бран“, рече Зафировски.

Повеќе: Вакцини и мерки - алфа и омега против Делта!

Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека до крајот на неделава членовите на Комисијата за заразни болести ќе дискутираат дали сегашната состојба бара воведување некакви рестриктивни мерки.

„Можно е да се бара негативен ПЦР-тест или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени“ изјави Филипче, најави министерот.

Но, доколку се воведат такви мерки на границите, тие би важеле и за македонските државјани кои и на заминување и на враќање во земјата ќе мора да ги приложат потребните документи.

Во моментов фокусот е ставен на потребата од масовна вакцинација. Од понеделник ќе почне теренската вакцинација, а ќе се дозволи и вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на„Фајзер“.

„Очигледно е дека веќе летово ќе почне полека да расте бројот на случаите, но ако успешно се неутрализираат жариштата – идентификација и изолација на сите нивни контакти – нема да има нивно разгорување. Не верувам дека повторно ќе бидеме ризична земја. Во моментов сме меѓу ретките земји во светот во т.н. зелено подрачје. Тој статус уште долго ќе го имаме", вели епидемиологот Драган Даниловски за „Фактор“.

Од понеделник ќе почне теренската вакцинација, а ќе се дозволи и вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“Фотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

За една недела двојно повеќе

Според математички пресметки, заразата со Делта варијантата на коронавирусот се шири за 40 до 50 % побрзо, и практично се удвојува на неделно ниво. На пример, ако во тековната недела има 1.000 инфицирани со делта сојот, до крајот на втората ќе бидат 2.000, во третата 4.000 и до крајот на месецот 8.000.

Но математички пресметки речиси и не се потребни, бидејќи реалноста веќе го докажува тоа. Портпаролот на француската влада, Габриел Атал, го илустрираше тоа со бројката на потврдени случаи во Франција, каде „уделот“ на Делта сојот сега опфаќа околу 40 проценти од новите инфекции со Ковид-19 во Франција.

„Уделот на бројот на инфицирани од Делта варијантата двојно се зголемува секоја недела во изминатите три недели. Од 10 проценти инфекции пред три недели, стигна на 20 проценти минатата недела и 40 проценти оваа недела“, рече Атал, предупредувајќи дека четвртиот бран може да го загрози летото.

Голем дел од земјите кои важат за летни туристички дестинации, и покрај заканата од Делта сепак не планираат затворање или поголеми рестрикции, во надеж дека преку вакцинирање на населението ќе зачуваат и стабилна епидемиолошка ситуација, и туристичката сезона. Сепак, не се исклучени стравувања дека четвртиот бран може да стигне уште во почетокот на август.

Засега охрабрувачки вести доаѓаат од лидерот на тимот кој развива турска вакцина против Ковид-19 (на база на virus-like particles - VLP). Професорот Ихан Гурсел најави дека тимот наскоро ќе ја „адаптира“ вакцината за да се бори против Делта варијантата на коронавирусот. Тој за новинската агенција Анадолија објаснил дека вакцината VLP содржи четири структурни протеини на коронавирусот, што е важно за постигнување сеопфатен и долготраен имунитет и дека честичките слични на вирусот врз кои се темели вакцината во голема мера може да се препрограмираат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми