Дел Германци ќе одат порано во пензија
23 мај 2014Иако претходната „широка коалиција“ на конзервативците и социјалдемократите во Германија, во 2007 година изгласа покачување на возраста за одење во пензија од 65 на 67 години, планот сега се менува и ќе се дозволи пензионирање и во помлада возраст.
Новиот закон со леснотија мина во Бундестагот каде коалицијата која ја предводи канцеларката Ангела Меркел има огромно мнозинство со 504 пратеници.
Пораното пензионирање беше едно од главните ветувања на социјалдемократите на изборите во 2013 година, иако економистите предупредуваат дека цената која ќе ја плати државата со оваа реформа, поради забрзаното стареење на населението, може да биде преголема.
Со новиот план, од јули годинава ќе биде дозволено пензионирање на лица со навршени 63 години, но под услов да имаат работен стаж од 45 години. Воведувањето на мерката ќе чини околу 900 милиони евра годинава, а трошоците ќе се искачат до 3,1 милијарди евра годишно до 2030 година.
Дополнително, бенефиции од државата ќе добијат и мајките и татковците чии деца се родени пред 1992 година. Таа мерка ќе чини 9,2 милијарди евра годишно, но ќе се финансира преку социјалните издатоци.
Германците го надминуваат европскиот просек кога е во прашање пензионирањето. Според Евростат, граѓаните на ЕУ во просек се пензионираат по 35 години работа, додека во Германија тој просек е 37,5 години стаж. Но, реформата ја прави Германија подложна на критики од другите земји, во кои таа се залагаше за воведување мерки за штедење и зголемување на границата за одење во пензија.