Деменцијата не ги засега само старите луѓе
21 септември 2014„Против деменцијата секој може нешто да направи“ гласи мотото на овогодишниот Меѓународен ден на борба против Алцхајмер. Секој поединец треба да се информира за болеста на деменција и колку што може полесно да ја превенира. На тоа повикаа научници од различни организации, во заедничко соопштение објавено деновиве во Берлин.
Бројките растат
Од деменција само во Германија се погодени 1,5 милиони луѓе. Притоа, поимот деменција опфаќа различни заболувања, при кои откажуваат нервните ќелии во мозокот. Луѓето често неможат да се сетат на многу нешта, се влошуваат способноста за јазично комуницирање и моториката.
Според наводите на Германското здружение за Алцхајмер, околу 60 проценти од луѓето со деменција страдаат од Алцхајмер, а до 2050 година бројката ќе се удвои. Науката веќе со години работи со полна пареа на наоѓање помош.
„Досега не постои ниеден лек кој може да излечи Алцхајмер. Некогаш ќе постои ефикасна терапија, но кога точно, никој не знае“, истакнува професор Јирген Мелер, првиот човек на организацијата „Хирнлига“.
Колку побрзо, толку подобро
Деменцијата, а со тоа и Алцхајмер, се неизлечиви. Но, медицинарите се единствени: колку порано се дијагностицира болеста, толку повеќе може позитивно да се влијае врз нејзиниот тек и замаф, иако не може да се запре. За таа цел треба да се применува терапевтска комбинација од лекови, тераписки методи и мерки на нега, гласи ставот на научниците. Ако се забави процесот на напредување на Алцхајмер, засегнатите дотолку подолго можат да живеат самостојно и да ја одложат фазата кога стануваат зависни од туѓа нега. А од неа се најпогодени најблиските на заболените, зашто најчесто тие треба да се грижат за нив.
Самостојност и човечко достоинство
Дементните луѓе треба да бидат прифатени како членови на општеството, кое треба да ги акцептира нивните потреби како задолжителни обврски, се вели во соопштението. Но, здравствениот и социјалниот систем не се доволно приспособени на задачите.
На заболените од деменција им е потребна грижа и стручен персонал.
„Професијата на негувател денес располага со потребните компетенции, но потребен е натамошен развој“, истакнува Ханс Гуцман, претседател на Германското здружение на психијатри-геронтолози. Тој предупредува од укинување на професијата негувател на стари лица, планирано од сојузот и покраините.
Во однос на темата деменција и Алцхајмер, сите се повикани- политиката за да обезбеди подобри рамковни услови, јавноста-за да обезбеди поголемо разбирање за заболените, а медицината и науката- за да развијат нови лековии терапии.