1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Демони на историјата“

Зоран Јордановски4 мај 2015

Во печатот на германски јазик се анализира времето на Тито и политичките последици од него, 35 години по смртта на поранешниот партизански водач, југословенски претседател, а за некои аналитичари и диктатор.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Кога Колинда Грабар-Китаровиќ, претседателка на Хрватска, стапи на должност, ја отстрани бистата на Тито, велејќи дека одбива комунистичкиот диктатор да се идентификува со хрватскиот антифашизам“ - вака „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) го започнува текстот со наслов „Хрватска и Словенија веќе не го величаат ’херојскиот водач‘“. Авторот Карл-Петер Шварц напоменува дека претходните хрватски претседатели Фрањо Туѓман, Стјепан Месиќ и Иво Јосиповиќ не го ни забележале постоењето на бистата во претседателската палата. Додека поранешниот претседател Јосиповиќ отстранувањето на бистата го критикувал како „лош политички сигнал“, а социјалдемократскиот премиер Зоран Милановиќ зборува за „манипулирање“ на историјата, Грабар-Китаровиќ смета дека е „ време да се прекине со политичкото инструментализирање на минатото“, пишува ФАЦ.

Во написот се потсетува на 8. мај 1980. и „најголемиот погреб што светот било кога го доживеал“, за кој „допатуваа шефови на држави и влади од 128 земји. (...) Истокот, Западот и југот се поклонија пред гробот на еден од најголемите масовни убијци на 20-век“, констатира авторот, но во продолжение наведува:

„Кај германските левичари диктаторот уживаше висок углед. ’Тито ја води Југославија кон еден вистински демократски социјалистички поредок‘, тврдеше Гинтер Грас, а Карстен Фогт сонуваше за ’една социјалистичка Сојузна Република Германија во една социјалистичка западна Европа, според југословенски пример‘“. На Тито во 1974 година во Бон му беше врачено највисокото германско признание - Крстот за заслуги. Херта Милер пред три години залудно бараше да биде одземено таквото признание на Тито и на поранешниот романски диктатор Николае Чаушеску, потсетува авторот, па вели: „Денес никој веќе не го брани Чаушеску. Но митот за Тито ги надживеа крајот на Студената војна и крвавиот распад на Југославија. Долго време се превидуваше поврзаноста на Титовиот социјализам и битките за прераспределба меѓу републичките центри на моќ, кои прераснаа во национални конфликти, кога секна финансискиот прилив од странство. Експериментот со ’работничкото самоуправување‘, чии претпријатија постојано работеа со загуби, преживеа само со помош на западни кредити и испораки на суровини од Источниот блок. Титовите наследници се најдоа пред рид од долгови кој помеѓу 1971. и 1983. порасна од 4 на премку 20 милијарди долари. Благодарение на долговите во Југославија се живееше значително подобро отколку во било кој друг комунистички режим. (...) Во тој позлатен кафез израстеа елитите, кои се денес на власт во државите-наследнички на Југославија“, пишува, покрај другото, ФАЦ.

Бункерот на Тито

Уметничкото биенале во Босна и Херцеговина, кое се одржува од 2011 година и чија „основна идеја е обработката на Студената војна“, а повод за „Тагесцајтунг“ (ТАЦ) да се позанимава со Студената војна - и со бункерот на Тито, во кој годинава се одржува биеналето. „Основањето на НАТО во 1949. и како негова противтежа таканаречениот Варшавски пакт во 1955. година се’ повеќе ја затврднуваа ситуацијата и со текот на годините водеа кон ’рамнотежа на стравот‘ - една минимизирачка ознака за тоа дека обете страни постојано беа во состојба да ги уништат целиот живот на планетава. Титова Југославија во обата блока ја сметаа побргу за несигурен партнер. Посебно сомничаво Советскиот Сојуз во времето на Сталин гледаше на неговите постапки и на стремежот кон национален суверенитет“, пишува ТАЦ. Весникот информира дека во 1956 југословенската влада, со кредите од САД од 4,6 милијарди долари, во планинскиот регион на Бјелашница кај Коњиц, на половина пат до Сараево кон Мостар изградила антиатомски бункер за владата и генералштабот на армијата. „Бункерот се градел од 1953. до 1979. година. На површина од околу 6.500 квадратни метри, 280 метри длабоко во планината, во случај на атомски удар требало, освен за владата на Тито, неговата сопруга и генералштабот, за околу 350 луѓе да обезбеди за најмалку шест месеци опстанок и одбрана на земјата.

„Ризоми на омразата“

„Како некој отстрана немаш ни приближно поим како и зошто во 1992. година можеше да дојде до крвави сецесионистички војни во Југославија. Прво полека, а потоа незадржливо брзо се распадна државата на повеќе народи кои во 1945. година беа принудени да живеат во една заедница по хаотичните ’секој против секого‘ во Втората светска војна и триумфалистички егзекутираниот одмазднички мир на комунистичките партизани, која, и покрај сите утописки декларации, се одржа само со (српските) железни (цврсти, н.з.) стеги на социјализмот“, пишува „Ное цирхер цајтунг“. „Кога со смртта на Тито попуштија внатрешните кохезиони сили и со крајот на Студената војна олабавија надворешните притисоци, веќе неможеше да се запре стремежот за слобода на народите. Наскоро беа отворени и нерасчистените сметки. Силите на агресијата и деструкцијата особено ги шокираа оние, кои си замислуваа дека во цела Европа веќе завладеа бесконечно-разбирлив конструктивно-разумен поглед во стилот на Хабермасовиот универзум на мирот. Помалку беше изненаден оној, кој избрзаното помирување не го сметаше за реалполитички концепт и секогаш сметаше на демоните на историјата. Дотолку повеќе, оти на Балканот повеќеслојно се натрупуваа трауматски историски искуства - она што лежеше покриено под мразот на Студената војна, се закануваше повторнода се одмрзне на непријатен начин“, анализира „Ное цирхер цајтунг“ во текст кој е всушност осврт на делото „Татко“ на писателот од екс-југословенските простори Миљенко Јерговиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми