1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГлобално

Демонстрантите во Портланд им пркосат на специјалците

Јулија Манке
22 јули 2020

Во Портланд, во сојузната држава Орегон во САД, ескалира борбата за надмоќ меѓу властите и демонстрантите. Тие сѐ погласно бараат расформирање на полицијата, а присуството на специјалните единици на Трамп ништо не менува

USA Proteste in Portland | Menge vor dem Justice Center
Фотографија: AFP/N. Howard

Кратко по 21 часот, маса луѓе го исполнува Чепман Сквер, парк кој се протега преку два улични блока, по чии рабови се издигаат високи дрвја а под нив се наоѓаат клупи. „Тие треба да се плашат од нас, а не ние од нив", вели Џеф. Кога вели „тие", виткиот црн човек мисли на полицијата. Џеф повторно е дојде на демонстрација против полициското насилство во центарот на Портланд. Отприлика, ова му е триесетта демонстрација, вели тој.

Протестите во Портланд започнаа пред околу два месеци. Оттогаш секојдневно се одржуваат демонстрации за поддршка на црните жртви на полициско насилство во САД. Едно од главните барања на демонстрантите е кратење на буџетот за полицијата.

Оваа вечер нема присуство ниту на локалната полиција, ни пак на специјалните единици кои американскиот претседател Доналд Трамп ги испрати во Портланд. Но, не е прашање дали тие ќе се појават, туку – кога. Дали претходно преку мегафон ќе издадат наредба за растурање на собирот или ќе јурнат без предупредување. Од каде ќе стигнат полицајците, се чини е општо познато. Обично тие се во околните згради, вели една демонстрантка и покажува на два објекта спроти паркот, две судсски згради и Центарот на правдата, каде се сместени полициската управа и затворот.

„Треба да им приредиме непријатности на полицајците"

Додека преку илјада луѓе извикуваат постојано „И животите на црните се важни", Џеф раскажува дека работи како хаусмајстор во едно училиште, дека е член на АДОС, политичка организација на потомците на американските робови. АДОС бара расформирање на полицијата во нејзината сегашна форма и освен тоа исплата на репарации на црните Американци во САД, чии претци биле принудени да робуваат.

„Народот во САД досега бил премногу послушен. Не ја користиме моќта која ја имаме". Граѓанска непослушност, палење контејнери за смет, фрлање шишиња или растурање барикади од страна на демонстрантите е ефектно и нужно, смета Џеф. Секојдевната состојба на аларм во која е ставена полицијата, за црните е секојдневие. „Така се чувствуваат луѓето со црна боја на кожата цел свој живот. Мораме на полицијата да ѝ приредуваме непријатности, за да сфати дека мислиме сериозно."

„Џган" кој ја напаѓа Америка?

Графитите и оштетувањата се официјална причина поради која специјалните единици на американската федерална полиција се испратени во Портланд. Тие треба да ги штитат зградите и спомениците. Но, според извештаи, тие облечени во цивилна облека се мешаат меѓу демонстрантите, притвораат луѓе без официјална постапка, користат солзавец и гумени куршуми.

Повеќе:

Џунтинт - денот кога заврши ропството во САД

САД и расизмот: Помалку пари за полицијата?

Зошто полицијата во САД е толку моќна?

Протести во САД: „Луѓето се чувствуваат безнадежно и беспомошно“

Сликите на полициските акции одвратуваат многу од граѓаните на Портланд да се придружат кон протестите. Но оние кои одат таму, во меѓувреме се уигран тим. Сепак, тие не изгледаат како „џган" спремен на насилство, како што гласи описот даден од Чед Волф, кој привремено раководи со американското Министерство за татковината.

Доброволци навечер ги блокираат раскрсниците околу паркот, за возачи да не можат да влетуваат во демонстрантите. На еден агол се бели, брадести мотоциклисти, кои на своите мотоцикли имаат налепница со буквите БЛМ, ознака за Black Lives Matter, односно „и животите на црните се важни". На другиот ќош стојат две бели жени, кои своите велосипеди ги поставиле попречно преку улицата. Едната е учителка во основно училиште, другата пред пандемијата организирала велосипедски тури. „Не сум тип на човек кој радо се конфронтира со солзавец", вели учителката со насмевка. „Кога навечер ќе стигне полицијата со барањето за растурање на собирот, јас си заминувам дома, исто како и  мнозинство од другите". Колку поголема станува масата, толку полицијата го одложува својот настап. Младата жена има право, полицијата овојпат го расчистува паркот дури по полноќ.

Очила за пливање и велосипедски кациги против гумените куршуми

Но, напуштањето на собирот понекогаш не е едноставно, зашто полицијата ги блокира улиците и не пропушта никого, објаснува Кери, која е белец и мајка на две деца, од кое едното е на служба во армијата. „Тогаш сме повеќе или помалку заробени". И така почнуваат сцени, кои во раните утрински часови завршуваат во нераноправни улични битки.

Кери од пред неколку дена учествува во „Ѕидот на мајките". На почетокот биле 30, а сега се стотици мајки, во најголем дел со бела боја на кожата, од ноќ во ноќ стојат држејќи се рака во рака пред демонстрантите за да ги штитат од полицијата. „Вчера не блокиравме ни една улица, никој не пљачкаше, немаше нереди, а одеднаш стигна полициска единица во полна борбена опрема од зад аголот. Фрлаа чадни и бомби кои предизвикуваат бучава, а потоа и солзавец."

Солидарност со револтот во САД

01:27

This browser does not support the video element.

Тоа објаснува зошто многу од демонстрантите изгледаат како да се дел од армија играчки. За да се заштитат од полициските мерки, покрај задолжителните заштитни здравствени маски носат и велосипедски кациги, очила за пливање, тампони за уши, штитници на лактите и колената, но и рачно направени штитови од дрво, па дури и капаци од пластични садови.

Портланд нема да потоне во хаос

Подобро опремени, на пример со гас-маски, се членовите на Антифа, кои се мешаат меѓу демонстрантите. Самопрокламирана цел на антифашистичката група е документирање на активностите на неонацистите и заштита на другите демонстранти од деснорадикални напади. Децентрализираната и анонимно дејствувачка група во Орегон постои од 2007. година.

И покрај активистите на Антифа опремени со гас-маски, Портланд ни оддалеку не запаѓа во хаос, како што тоа го формулираат некои политичари. Протестите едноставно станаа секојдневие. Покрај редовните дневни демонстраци пред Центарот на правдата, во Портланд се одржуваат бројни други акции против полициско насилство и расизам: неделни авто-корза, акции со плакати,  уметнички изложби, собири во паркови или онлајн-читања. Во излозите на многу продавници, тетатарот, кафулињата или студија за јога висат плакати со поддршка на движењето „И животите на црните се важни".

А во парковите, на маргините на мирните собири, жителите и натаму шетаат со своите деца и кучиња.Така е и оваа вечер: само еден блок подалеку, гладните, без да обрнуваат внимание на гласната демонстрација, седат и вечераат во еден виетнамски ресторан.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми