Демонстрациите во Кетен минаа без насилство
10 септември 2018На градоначалникот на Кетен, Бернд Хаусшилд, по „маршот на тагата“ на десничарски групи, видливо му олесна поради тоа што овојпат,за разлика од Кемниц, не дојде до безредија. „Тоа е добро“, изјави политичарот на СПД за вториот канал на германската телевизија. Но, „за жал“ во градот дошле многу десничари од покраината Саксонија Анхалт, „кои направија обид да бидат слушнати“, констатираше Хаусшилд, кој рече и дека тој не планира акции против десничарите, но доколку нешто се случи, жителите на Кетен се подготвени.
На демонстрациите вчеравечер немаше насилство, но „се хушкаше“, рече градоначалникот. Она што се зборуваше беше „застрашувачко“, оцени Хаусшилд, кој додаде дека не може да каже зошто полицијата не презела мерки против тоа. По тивкиот почеток, атмосферата на собирот стануваше сѐ поагресивна: „Ова е ден на жалост, но тагата ќе ја претвориме во бес“, рече ден од говорниците вчеравечер во Кетен.
„Око за око“
„Отпор“, „Око за око“, „Заб за заб“ и „Ние сме народот“ одекнуваше од кругот на учесниците на маршот. Други скандираа: „Лажлив печат“. Со оглед на тоа што еден од говорниците зборувал и за „војна на раси“, се проверува дали се прекршени законите. Полицијата во Десау-Рослау соопшти дека меѓу другото станува збор и за обвинение за хушкање на народи.
„Нетрпелив сум да видам кој утре повторно ќе разубавува, ќе релативизира, кој ќе зборува за 'загрижени граѓани' наместо за 'десноекстремна толпа'“, напиша на Твитер премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет од ЦДУ.
Полицијата соопшти дека на „маршот на тагата“ учествувале околу 2500 лица. Поради искуствата од Кемниц, полицијата во Кетен повика и засилување од колегите од други германски покраини.
Кавга на игралиште
Полицијата од покраината Саксонија Анхалт и Обвинителството Десау-Рослау, врз основа на обдукцијата, соопштија дека на 22-годишното момче кое викендов почина во Кетен најверојатно му откажало срцето. Пред смртта, според медиумски извештаи, имало тепачка со Авганистанци. Против еден 18-годишен и еден 20-годишен државјанин на Авганистан се издадени налози за апсење поради сомневање за телесни повреди со смртни последици. Двајцата Авганистанци, кои според информации на ДПА ѝ биле „познати на полицијата“, се во истражен затвор.