1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонстрации за поддршка на Кобане

Томас Борман / Жана Ацеска2 ноември 2014

Во многу европски градови викендов се одржаа демонстрации во знак на солидарност со Курдите во Кобане, кој и натаму е опколен од терористичката милиција Исламска држава. И во Турција протестираа десетици илјади луѓе.

Фотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

Полицијата ги изнесе водените топови од центарот на Истанбул. Синоќа (1.11) тие не употребија ни капка вода. Турската влада овојпат не ги забрани демонстрациите за поддршка на Кобане, но предупреди: ако преминат во насилни, ќе има остар одговор од полицијата. На почетокот на октомври загинаа 30 лица, кога приврзениците на меѓусебно спротиставените политички групи во повеќе градови почнаа меѓусебна огнена престрелка.

Но, вчера беше мирно на сите демонстрации во Турција. Во Дијарбакир, најголемиот град во курдскиот југоисточен дел на Турција, беше организиран еден вид панаѓур, народен собир. На улиците излегоа 20.000 луѓе, тие пееја и танцуваа за борците во Кобане.

„Денеска во цел свет луѓето маршираат за Кобане. Кобане е во нашите срца, градот се бори веќе 48 дена, тоа е борба на целиот курдски народ“, емотивно објаснуваше еден од демонстрантите.

Полицијата во Дијарбакир беше присутна со оклопни возила на сите страни, но се држеше понастрана. Уште пред демонстрациите превентивно беа уапсени 28 лица, од страв дека можат да бидат насилни. Новиот закон за демонстрации на турската полиција и‘ дава такво право, можност за превентивно приведување сомнителни лица.

Прокурдска демонстрација во ИстанбулФотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

„Да живее Кобане“, извикуваа демонстрантите во Кизре, јужнотурскиот град во кој пред неколку дена беа бурно поздравувани пешмерга-борците на нивниот транзитен пат од северен Ирак низ Турција во правец на Кобане. 150-те пешмерга-борци вчера во зорите стигнаа во Кобане.

Турската влада всушност не го прифати курдското барање за отворање коридор преку кој ќе може да се пренесува оружје и да се повлекуваат бранителите од Кобане, но сепак дозволи курдските пешмерга-војници од северен Ирак да пропатуваат низ Турција во Кобане. Еден офицер на пешмерга-војниците вчера при пристигнувањето во Кобане изјави:

„Со божја помош ќе ја ослободиме околината на Кобане од милициите на Исламска држава и ќе је преземеме контролата над центарот на градот. Ќе настапуваме и напредуваме заеднички“.

Значи, во завојуваниот град владее оптимизам, а истовремено во Турција е присутно големо олеснување што протестите овојпат поминаа мирољубиво, што не дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми