1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонтажата на Александар отвора авиолинија Атина-Скопје?

1 март 2018

Промената на името на аеродромот и отстранување на сите симболи поврзани со претходното име, се очекува да финишираат со воведување авиолинија од Атина до Скопје. Таква најава имаше уште минатата есен.

Mazedonien Flughafen Alexander der Große in Skopje - Entfernung des Namens
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Од утрово е празно местото каде што до вчера стоеше споменикот на Александар Велики, висок 1,5 метри, во средишниот дел на аеродромската зграда, неодамна преименувана во „Меѓународен аеродром Скопје“. Синоќа по 20 часот започнале активности за негова демонтажа, а како што објавија некои медиуми, потоа тој бил дислоциран од аеродромската зграда од страна на фирмата за превоз и транспортни услуги „Дуо Транспорт“.

Споменикот беше поставен таму во 2011 година, како подарок за Македонија од Мурат Орнекол, оперативен директор на концесионерот „ТАВ“, кој од 2010 година управува со аеродромот во главниот град на Македонија. Фотографиите од синоќешното демонтирање на споменикот наидоа на различни коментари на социјалните мрежи - од одобрување до реакции, па и до најави за блокирање на аеродромот од страна на некои т.н. патриотски организации. 

Споменикот на Александар Велики беше подарок за Македонија од Мурат Орнекол, оперативен директор на концесионерот „ТАВ“Фотографија: Archiv der Agentur Makfa

Прв гостин Коѕијас?

Веста осамна и на насловните страници на грчките медиуми.

„БЈРМ: Статуата на Александар Македонски отстранета од аеродромот во Скопје“. Под овој наслов грчките медиуми речиси идентично ја објавија веста за дислоцирањето на споменикот од скопскиот аеродром, без дополнителни коментари. Само кусо нотираат дека овој потег следи по одлуката на македонската влада за преименување на аеродромот и автопатот, и неколку дена откако од аеродромската заграда е симнат натписот на старото име на аеродромот „Александар Велики“, како и по започнатото отстранување на сообраќајните табли од автопатот „Александар Македонски“, кој неодамна беше преименуван во „Пријателство“.

Промената на името на аеродромот и отстранувањето на сите симболи поврзани со претходното име, се очекува да го скршат мразот и наскоро да се реализира првиот лет од Атина до Скопје. Како што најавуваа грчките медиуми, прв гостин би бил грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, кој наскоро треба да пристигне со „предлог договор во седум точки“, кој Грција го предлага како можна основа за решавање на спорот за името. Според грчките медиуми, кои се повикуваат на владини извори, во тој нацрт биле вклучени предлог-решенија за сите специфични прашања за односот меѓу двете земји, како и за патот на Македонија кон меѓународните организации. Засега нема потврда кога Коѕијас би пристигнал во Скопје и дали ќе слета на „Меѓународниот аеродром Скопје“ или ќе пристигне по автопатот „Пријателство“. 

Фотографија: picture-alliance/dpa

Авиолинија Атина- Скопје

Но, идејата за обвновување на авиолинијата Атина-Скопје не е нова, и не е позврзана само со преименувањето на аеродромот, туку со потребите на граѓаните на двете земји и нивните бизнис- заедници.

Во 2003 година, постоеше редовна авио-линија меѓу Скопје и Атина пет пати седмично, но беше прекината. Бизнис заедниците од Македонија и Грција во 2016 година побараа таа одново да се воведе. Барањето од македонска страна беше образложено со аргументот дека Грција е една од петте најзначајни трговски партнери на Македонија со најголеми инвестиции во банкарството, нафтената индустрија, трговијата и текстилот, и со податок дека таа година двете земји оствариле трговска размена од 598 милиони евра, од кои 148 милиони извоз и 450 милиони увоз.

Повеќе:

Македонија почна да го растовара тешкиот багаж

Моќта на спомениците

Лани во октомври, раководството на водечкиот грчки авиопревозник „Еџиан ерлајнс“ („Aegean airlines“) на прес-конференција соопшти дека компанијата во 2018 ќе воведе нови авиолинии до 11 дестинации, меѓу кои и директен лет Атина-Скопје и обратно.

„Нашиот впечаток е дека е во интерес на Грција да има што повеќе поврзувања со сите земји, па дури и со оние земји со кои има проблематична историја што се однесува на односите, затоа што економско подобрување на односите на двете земји секогаш помага. Мислам дека и Министерството за надворешни работи се согласува со оваа тенденција, и затоа на почетокот реагираше позитивно на нашето расположение да летаме и таму“, изјави потпретседателот на „Еџиан ерлајнс“ Ефтихиос Василакис, во октомври минатата година.

Решавањето на ова прашање беше и дел од мерките за градење доверба, кои покрај другите нерешени прашања, беа посветени и на железничко и авио поврзување.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми