Деморализираните сириски бегалци се враќаат дома
28 ноември 2014Харод Јозеф тукушто се враќа од патрола низ христијанската област околу Камишли. Градот со 200.000 жители се наоѓа во североисточна Сирија, на границата кон Турција. 25-годишникот им се приклучил на сириските христијански безбедносни сили (Суторо) во Камишли, кои сакаат да го обезбедат центарот на три кантони, во кои доминираат Курдите.
Јозеф пред половина година се вратил од повеќемесечен престој во Ерменија и Либан. Своевремено, тој избегал од Сирија со големи очекувања: „Без загрижен за ситуацијата и сакав да го продолжам образованието. Од тие причини заминав во Ерменија“. Но, тамошниот живот го разочарал. Всушност, Јозеф сакал од странство да го поддржува финансиски своето семејство во Сирија, но наместо тоа, како невработен морал да позајмува пари од него. Конечно, тој нашол работа како мијач на чинии во еден ресторан, но со толку мала плата, што стигнувала само за плаќање на двособниот преполн апартман, што го делел со седум други бегалци од Сирија.
„Ние Сиријците добиваме вистински мали плати и само наједноставни работни места кои не бараат никакви квалификации и образование. Не постои срдечно добредојде, се чувствував како странец. Се разбира, тие се Ерменци, но и јас сум Ерменец, а сепак тоа е голема разлика“, вели тој.
Туѓа татковина
Бидејќи за него немало никаква перспектива за образование или за работа, Јозеф сакал преку Либан да се врати во родната Сирија. Младиот човек останал во Либан осум месеци, зашто границите и патувачките рути не биле безбедни. Кога по 16 месеци во странство се вратил во својата татковина, Јозеф веќе не го препознал Камишли.
„Во првите денови од револуцијата уште немаше воени пунктови и политички партии по улиците. Кога се вратив, градот беше целосно променет, дури и луѓето беа променети. Толку многу луѓе го напуштиле градот и толку многу бегалци дошле“, раскажува тој.
Харод Јозеф е среќен што сега може да го поддржува семејството, но се надева еден ден да го заврши своето образование во Европа.
„Ако уште еднаш го напуштам градот, нема да одам сам, туку ќе го земам своето семејство. Не сакам истата приказна да се повтори уште еднаш“.
Заедничка борба
Многумина во североисточна Сирија ги критикуваат оние кои се решаваат да заминат во Европа. Првенствено Курдите истакнуваат-должноста налага да се брани земјата и луѓето од нападите на Исламска држава. Така размислува и Абуд од сириските христијански безбедносни сили, кој не сака да го каже своето презиме.
„Ние сакаме да ја запреме миграцијата на Асирците (Сиријците-христијани, н.з.) кон Европа. Сакаме да го охрабриме секого да се врати дома и да се бори. Етничката и верската припадност притоа не треба да играат никаква улога. Ние заеднички ја водиме оваа војна“.
Џорџ, човек со густа сива брада и тркалезен стомак, е меѓу оние кои избегале. Тој и неговата жена Жаклин и четирите деца го напуштиле Декине, мал град во провинцијата Хасака. Гратчето останало навистина поштедено од грозотиите на воените злосторства, но семејството требало да се бори-против невработеноста, растечките цени на животните продукти, недостигот од струја и вода и општото чувство на нестабилност.
Надевајќи се на подобри перспективи, семејството избегало во Холандија. Џорџ работел како земјоделец, се трудел колку можел да го совлада јазикот. Семејството се обидувало да живее скромно со малата плата. Сите шестмина сместени во еднособен апартман, силен контраст кон нивниот дом во Сирија. Се чувствувале дискриминирани.
„Заклучив: ќе бидам ценет и третиран како човек само онаму од каде што доаѓам“, објаснува семејниот човек. Често бил навредуван зашто е Сириец.
„Јас сум христијанин. Дали тоа не значи дека имам права и во Холандија?“, прашува тој. По две години, семејството се вратило назад во Сирија.
„Смртта демне насекаде“
Меѓу повратниците во Дерике спаѓа и 86-годишниот ерменски свештеник Дајад Хагопиан. Тој постојано ја носи свештеничката мантија, иако само еднаш неделно одржува богослужба пред рака луѓе во ерменската православна црква. Некогаш овде живееле 450 Ерменци, но сега се останати само 200.
Дајад ја напуштил Сирија уште пред избувнувањето на војната, потиштен од тешката состојба на Ерменците. Тој четири години живеел во Германија, а потоа се вратил дома, му недостигала татковината.
„Луѓето ме прашуваат како беше во Германија, а јас им одговарам: мојата куќа имаше четири ѕида, како и вашата“, вели тој. Дополнува, не може да им советува на луѓето да останат тука, зашто три негови деца тукушто заминале во Европа.
„Господ рече дека ни го дава нашиот секојдневен леб, а ние и го добиваме. Можеби не добиваме многу, но имаме овошје, месо и леб, а тоа е се‘ што ни треба“, вели свештеникот. „Луѓето веруваат оти смртта е само во Сирија, но таа демне насекаде“.