1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демјанук: Осуден, но сепак слободен

12 мај 2011

Судот во Минхен го осуди Џон Демјанјук, поранешен чувар во концентрационот логор Собибор, на петгодишна затворска казна. Но, со оглед на тоа што Украинецот има 91 година, Судот одлучи тој да не биде затворен.

Фотографија: dapd

Според судот во Минхен, постојат доволно докази кои говорат дека 91-годишниот Демјанјук бил дел од нацистичкиот апарат и бил подготвен да учествува во масовното убиство на Евреите во логорот Собибор, денешна Полска. Тој работел во логорот во 1943 година и помогнал при масакрот на 28 илјади лица, претежно Евреи. Државната обвинителка Барбара Штокингер, за време на рочиштето истакна:

„Обвинетиот Демјанјук учествувал во убиството на Евреите како чувар во концентрациониот логор Собибор. Кога доаѓале возовите со нови Евреи, негова задача била без проблеми да ги спроведе до гасните комори“, нагласи Штокингер. Државното обвинителство бараше шест години затворска казна за Демјанјук.

Само извршител на наредби?

Пропусницата на Иван (Џон) Демјанук, од времето кога работел во СобиборФотографија: picture alliance/dpa

Во 1943 година, Демјанук имал 23 години. По нападот на Вермахтот врз Советскиот сојуз, тој паѓа во рацете на Германците. Младиот Украинец одлучува да соработува со нив, со цел да не го загуби животот. Кратко потоа е распределен во концентрационот логор Собибор. По Втората светска војна, се сели во САД, од каде подоцна е екстрадиран во Израел. Тамошниот суд му изрекува смртна казна, но таа никогаш не е извршена. Тој повторно се враќа во САД, каде живее се` до 2009 година, кога Германија бара негово израчување. Оттогаш Демјанук се наоѓа во притвор во Минхен.

Неговиот адвокат, пак, Улрих Буш, смета оти, како прво и основно, не може воопшто да се докаже дека Демјанјук навистина бил ангажиран во Собибор. Дури и да бил таму, смета Буш, нема докази дека учествувал во масовното убивање на Евреите. Според адвокатот, неговиот мандант бил, во најголема рака, само извршител на наредби, кој морал да ги спроведе, доколку не сакал и самиот да биде убиен.

Тешко се доаѓа до сведоци

Демјанук во меѓувреме има 91 година и е тешко подвиженФотографија: AP

Дури и оние малкумина, кои се` уште се живи, не можат да се сетат дека дошле во допир со Демјанук во Собибор. Меѓу нив е и Томас Блат, кој како момче бил еден од затворениците:

„Не можам да кажам дали е виновен или не. Тоа е работа на судот. Единствено што можам да кажам е дека ако навистина Демјанјук бил во Собибор во истиот период како и јас, тогаш дефинитивно е убиец.“

Според проценките на Централата за расветлување на нацистичките злосторства, со седиште во Лудвигсбург, во Германија и Австрија живеат околу двесте илјади лица, кои биле на некој начин вмешани во погромот над европските Евреи.

За време на судењето, тешко подвижниот Демјанук лежеше во кревет и не кажа ниту збор. Единствено за време на паузите се шегуваше со преведувачите и другите службеници. Вистината за она што навистина се случувало во Собибор, се чини, одлучил да ја однесе в гроб.

Автор: ТТ/АТ/дв, ројтерс

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми