1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска клучното сведоштво за нападот врз Николa Саздовски

10 јули 2018

По смртта на младиот Саздовски, по денешното клучно сведочење, но и по резултатите од обдукцијата, Обвинителството најверојатно ќе отвори истрага со поинаква квалификација на делото од првично пријавената.

Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Денеска во Основното јавно обвинителство-Скопје се очекува да даде исказ клучен сведок кој бил присутен во моментот кога на 29-ти јуни брутално бил нападнат Никола Саздовски - Саздо (21), кој вчера почина од последиците на тешките повреди нанесени од насилниците. Од Обвинителство потенцираат дека по тој исказ, но и по резултатите што ќе ги добијат по издадената наредба за обдукција на телото, најверојатно ќе отворат истрага со поинаква правна квалификација на кривичното дело.

„За Обвинителството не е обврзувачка првичната квалификација на делото дадена со пријавата од МВР. Полицијата ги гони сторителите, но истрагата ја води Обвинителството. По прибирање на релевантниот доказен материјал, по денешниот исказ на клучен сведок на настанот, како и по резултатите од обдукцијата по смртните последици настанати од насилството, Обвинителството ќе донесе одлука, и најверојатно ќе отвори истрага за поинаква правна квалификација на кривично дело“, велат извори од ОЈО за Дојче веле.

Комитите“ ќе ја тераат правдата

Повредите што му биле нанесени на Саздовски биле толку големи, што десетдневната битка за неговиот живот од страна на лекарите од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), вчера заврши без успех.

„Момчето беше донесено во многу тешка состојба, со многу тешки повреди на мозокот. На неколку пати е враќано во живот, но за жал подлегна на повредите“, изјави раководителката на КАРИЛ, Мaja Мојсова.

Повеќе: 

МВР во пресметка со насилните навивачи

Имa ли во Македонија заеднички политички идентитет?

Двајца од напаѓачите пријавени за „насилство“ се во притвор, а полицијата трага по третиот. Во Кривичниот законик за делото „насилство со смртна последица“ е предвидена казна затвор од 3 до 10 години. Но, по смртта на Саздовски на социјалните мрежи се множат повици насилниците да се гонат за „убиство“. Обвинувања до надлежните институции доаѓаат од навивачката група „Комити“, чиј член бил Никола. Тие имаат веќе „завршена истрага“ за настанот.

„Саздо беше нападнат и убиен од луѓе кои само се нарекуваат навивачи, а во основа се криминалци, дилери, убијци и најважно од сѐ, заштитени се како никој друг во државава. Прости ни Саздо, не успеавме да те заштитиме од нашите душмани. Даваме заклетва дека ќе ја истераме правдата на кој било начин“, се вели во соопштението на навивачката група „Комити“.

Во исто време, на социјалните мрежи драматично расте говорот на омраза. На случајот му се дава етнички предзнак, со обиди вината за бруталноста на насилниците колективно да ѝ се припише на цела една етничка заедница. Социолози со кои разговараше ДВ, велат дека во недостиг на информации за мотивите не можат да ги коментираат аспектите на ова насилство. Но, за „индикативна“ ја сметаат заднината на настанот која се спомнува во јавниот дискурс: навивачи и навивачки групи. Според нив, тие сведочат за општ контекст на судир, ривалитет, латентна нетрпеливост кон другиот, повици за одмазда... Сметаат дека е неодговорно и опасно ако таквата атмосфера се прошири во целото општество, и дека сега се неопходни повици за разум од сите политички и општествени фактори.

Навивачката група „Комити“ ги обвинува институциите и ветува дека „ќе ја истера правдата на кој било начин“ (архивска фотографија, 2017)Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Партиски обвинувања

Токму на тој план работите стојат прилично лошо. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ веќе ја обвини владејачката СДСМ дека „се обидела да прикрие убиство“.

„Еден млад живот згасна благодарение на неспособноста на Спасовски и коалицијата на СДСМ со криминалот. Лицемерното изразување на сочувство нема да го врати младиот Никола Саздовски, ниту ќе помогне за подобрување на безбедноста. Сѐ додека Заев и Спасовски се на власт, пајаци ќе претепуваат полициски службеници, а инцидентите ќе остануваат нерасчистени. Сѐ додека Заев и Спасовски се на власт, млади како фудбалерот Мартин Јанушев ќе бидат брутално ликвидирани на улица, а по сторителите ќе се трага со месеци. Затоа не е време за лицемерие, туку за оставки“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Обидите за злоупотреба на вакви трагични настани ја покажува очајната состојба во ВМРО-ДПМНЕ“, одговорија социјалдемократите.

„Паничните обиди на ВМРО-ДПМНЕ, со лажни вести и сеење неосновани обвинувања да подгрева тензии, говори за немањето свест и совест во самиот врв на оваа партија. Како што е јавно познато, МВР го расчисти случајот и брзо ги пронајде осомничените. Лицата се во притвор и очекуваат соочување со одговорноста. Случајот и квалификацијата на кривичното дело е во рацете на надлежното Обвинителство. Очекуваме, низ транспарентна, законска и институционална постапка виновниците за овој чин да сносат одговорност согласно законите на Република Македонија“, се вели во соопштението на СДСМ.

Повеќе:

Браќа Балканци, дали сме навистина толкави бедници?

 Навивачите во Србија посилни од државата

Овој тежок случај на насилство со смртни последици во 2018 година, отскокнува од статистиките за 2017 година, објавени во годишниот извештај на МВР. Тогаш биле евидентирани 25 кривични дела „убиство“, од кои четири останале нерасветлени: убиствата на 35 и 24-годишно лице во општина Чаир, убиството на жител од село Велешта во Струга и убиство во прилепското село Канатларци. Според начинот на извршување, 12 од убиствата биле извршени со употреба на огнено оружје, 6 со нанесување удари со разни предмети, 5 со употреба на нож, едно со употреба на бензин и едно со употреба на физичка сила.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми