1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска лидерска средба, до крајот на јуни финален договор?

Катерина Блажевска19 јуни 2015

Дефиниран е предлог-датум до кој треба да постигнеме договор, како и рокови во кои ќе се движиме, соопшти синоќа претседателот на СДСМ, Зоран Заев во телевизиско интервју.

Фотографија: Amalia Oganjanyan

Средбите продолжуваат, ние сме пред финални разговори и до крајот на месецов очекуваме да биде постигнат договор, соопшти синоќа лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју на ТВ „24 вести“. Тој не откри детали околу позициите во преговорите, но од неговите изјави може да се извлече заклучок дека сите лидери се подготвени на одредени отстапки, со цел да помогнат земјата да излезе од длабоката политичка криза.

Ваквиот умерен оптимизам доаѓа по серијата средби што амбасадорите на САД и ЕУ во Скопје ги имаа со лидерите на четирите партии, но и по тежината на оценките за состојбите во Македонија вградени во Извештајот што го подготви експертски тим на Европската Комисија, предводен од поранешниот директор на Директоратот за Западен Балкан, Рајнхард Прибе.

Финален датум

Новата лидерска средба на четворката Груевски-Заев-Ахмети-Тачи во присуство на амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли, ќе се одржи денеска во 13.30 часот.

„Подготвувајќи ја таа средба, е дефиниран и предлог-датум до кој треба да го постигнеме договорот. Тој финален датум ќе биде објавен на средбата, а исто така дефиниравме и рокови во кои ќе се движиме“, рече претседателот на СДСМ.

Финалниот договор со точно прецизирани рокови за интервенции и реформи во одредени сфери, треба да биде постигнат до 30 јуни.

„Рокот е до крајот на месецов, затоа што наредниот месец ќе започне подготовката на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, со кој ќе се одлучи дали земјата ќе ја задржи или ќе ја изгуби препораката за почеток на преговори“, рече Заев.

Лидерот на СДСМ во текот на целиот разговор не го употреби терминот „преодна влада“, туку „организација на владата која ќе ги подготви и спроведе изборите во април 2016 година“. Запрашан дали опозициската коалиција и натаму останува на ставот дека не прифаќа каква и да е влада во која ќе биде и Груевски, Заев не одговори директно.

„Полека ги доближувме ставовите. Но, потребен е соодветен период врзан за оние принципи кои покажуваат зошто премиерот во одреден минимум период не смее да ја води таа влада. Еве кон што целиме: Не може премиерот, вака инволвиран по сите аудио-снимки што ги објавивме, да биде тој што ќе соопшти - 'да, сега е валиден избирачкиот список'. Не! Тоа мора заедно да го направиме, во влада во која нема да биде ни Груевски, ни Заев, за тоа да би тоа кредибилно и сите заедно да речеме - сега му веруваме на тој избирачки список. Ова е само еден пример“, рече лидерот на СДСМ, без да соопшти детали колкав е тој период за кој опозицијата ќе инсистира Груевски да не биде дел од Владата.

Фотографија: MIA

Остри критики

Лидерот на опозицијата вчера се осврна и на содржината на Извештајот на експертскиот тим на ЕК.

„Ако ние досега објавивме 38 бомби, овој извештај што вчера го добивме, сам по себе е 40 бомби заедно. Јас сум среќен што овој извештај ќе донесе промена на она што за нас значи автократски режим, диктатура“, рече Заев.

Во јавноста веќе протекоа клучните забелешки нотирани во него, а кои опозицијата ги смета за за силен ветер во нејзиниот грб и за потврда на нејзините долгогодишни забелешки.

„УБК изгледа дека работело надвор од своите овластувања во полза на Владата за да ги контролира највисоките претставници на јавната администрација, обвинители, судии и политички опоненти со консеквентно мешање во независноста на судството и други институции“, се вели наводно во Извештајот на експертската група ангажирана од Европската комисија.
Во него, наводно, се констатира дека снимките со прислушуваните материјали се со квалитет, обем и опсег што генерално може да се смета дека се правени во Службата за разузнавање. „Аферата откри масовно прекршување на фундаменталните права, вклучително и оние за слободата да се учествува во јавниот живот и да се гласа, еднаков пристап до јавните добра, правото на приватност и правото на независно и непристрасно судство, односно правото на пристап до правда. Директно инволвирање на владини и партиски високо рангирани функционери во нелегални активности, вклучително изборни измами, корупција, злоупотреба на власт, конфликт на интереси, уцени, изнудувања, тешки прекршувања во јавните набавки и непотизам. Корупцијата е најсериозниот проблем со којшто се соочува земјата, дури заслужува можеби и посебен извештај како проблем со оглед на тоа дека политичката корупција е присутна на многу нивоа. Основите на суштинските стандарди на демократско владеење треба допрва да бидат исполнети, се вели како заклучок во однос на демократските стандарди“ се вели во Извештајот на Европската комисија. Во Извештајот се препорачува Владата да го објави вкупниот број на јавна и државна администрација и да стави мораториум на претворање на привремени во трајни вработувања.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво ОравФотографија: MIA

Според партиски извори, се очекува тој извештај денеска да биде презентиран од амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми