1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Ќе има ли екстрадиција за Грујевски и Бошковски?

5 јануари 2018

Доколку Судот одлучи двајцата да бидат екстрадирани, таа одлука не може веднаш да се спроведе, бидејќи Грујевски и Бошковски имаат право на жалба пред Врховниот суд во Атина.

Griechenland zwei Ex-Geheimdienstagenten aus Mazedonien vor Gericht in Thessaloniki
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Судот во Солун денеска ќе ја соопшти одлуката -  дали Грција ќе ги екстрадира уапсените екс-разузнавачи од Македонија,  Горан Грујевски и Никола Бошковски. Одлуката е веќе донесена, и ако е најден преведувач од грчки на македонски јазик, таа денеска треба дефинитивно да биде соопштена. Од адвокатскиот тим на Грујевски и Бошковски во Македонија велат дека не им е познато што решил Судот. Разговарале и со нивните грчки адвокати, но и тие до вчера немале информација за судската одлука.

Сепак, многу веројатно е дека грчкиот суд ќе донесе одлука двајцата да бидат екстрадирани во Македонија, бидејќи по сослушувањето на сите сведоци, таков предлог обвинителот дал до поротата. Но, и доколку Судот одлучил двајцата да бидат екстрадирани, таа одлука не може веднаш да се спроведе, бидејќи Грујевски и Бошковски имаат право на жалба пред Врховниот суд во Атина.

Три различни процеси во Грција против Грујевски и БошковскиФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Побараа азил

По барање на одбраната, нивното сослушување се одвиваше зад затворени врати. Според грчките медиуми кои се повикаа на извори од одбраната, на рочиштето и двајцата изјавиле дека не сакаат да бидат екстрадирани, бидејќи „се плашат за нивните животи“, дека „нема да добијат фер-судење во Македонија“ и дека ги негираат обвиненијата за кои се товарат, опишувајќи ги како нивен „политички прогон“. Во улога на сведоци на последното рочиште искази дадоа нивниот адвокат во Македонија, Петар Василев, и професорот Александар Даштевски. Одлуката на Судот требаше да биде соопштена на 22-ри декември, но тоа беше одложено поради недостиг на судски преведувач од грчки на македонски јазик. Судот во согласност со европските конвенции за човекови права, според кои обвинетите треба да добијат превод на нивниот мајчин јазик, го прифати барањето на одбраната рочиштето да биде прекинато и закажано за 5-ти јануари.

Но, со цел да се пролонгира можната одлука за екстрадиција, Грујевски и Бошковски на 29 ноември доставиле барање за добивање политички азил во Грција. Со тоа, двајцата во Грција имаат три различни процеси: еден за екстрадиција, друг за фалсификуваните пасоши со кои беа уапсени на солунскиот аеродром и трет - за барањето за азил. По три одложувања, судењето во Солун за фалсификуваните пасоши е закажно за 17 мај.

Повеќе на темата: 

Силна логистика за Грујевски и Бошковски

Почнува жешка недела во Кривичниот суд

Дома ги чека судење

Во меѓувреме, на поранешниот началник на Петтата управа на УБК, Горан Грујевски, скопскиот Кривичен суд му изрече затворска казна од една година и шест месеци за уништување на документи поврзани со прислушувањето. Тој, заедно со неговиот колега Бошкоски е обвинет и во предметот „Тврдина и таргет“ за незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од таа опрема. Македонското МВР за нив распиша меѓународна потерница во јули минатата година, откако не ги пронајде во нивните домови за да ја спроведе наредбата на судот за мерка притвор за предметот „Тврдина и таргет“. Крај на нивното тримесечно бегство стави грчката полиција која на 18-ти октомври 2017 година ги уапси на аеродромот во Солун, при обид да заминат за Будимпешта со лажни бугарски пасоши на име Христо Атанасов и Неџми Хасан.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми