Бројот на загинатите во катастрофалниот земјотрес во Албанија се зголемува. Во земјата е прогласен ден на жалост.
Реклама
Екипите за итна помош, кои во урнатините бараат преживеани, користат дронови, кучиња и тешка машинерија. Денеска во раните утрински часови се пронајдени уште три тела на загинати во катастрофалниот земјотрес, со што бројот на жртвите се зголеми на 25.
Во Тумана, поради страв од афтершокови,луѓето ноќта ја минаа на улиците. Адријан Муци вели дека шестмина негови роднини загинале при уривањето на две згради и дека неговата куќа е исто така пред уривање. „Имам и други братучеди и роднини, но не знам каде се или дали се мртви или не“, изјави тој за агенцијата Ројтерс, додавајќи: „Никогаш веќе нема да можам да живеам во мојата куќа.“
Катастрофалниот земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала ја погоди Албанија вчера, во раните утрински часови. Потоа следуваа околу 250 афтершокови, од кои два беа со јачина од пет сепени.
Денеска во Албанија е ден на жалост. Премиерот Еди Рама им се заблагодари на земјите кои испраќаат помош, велејќи дека е „добро чувството кога знаеш дека не си сам и благодарен сум им на сите наши пријатели“.
Албанија: Земјотресот донесе ужас
Западна Албанија беше погодена од тежок земјотрес. Десетици објекти се урнаа и поклопија многу луѓе. Потресите на земјата се чувствуваа во цел регион сѐ до Италија.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/H. Pustina
Ужас во раните утрински часови
Во раните утрински часови, во 03:54 часот, Албанија беше погодена од најтешкиот земјотрес во последните неколку децении. Се уриваа објекти, луѓето во паника се обидуваа да избегаат на улиците. Особено тешко е погоден градот Драч, кој се наоѓа на околу 30 километри западно од Тирана.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Загинати и повредени
Сѐ уште не е јасно колку луѓе го загубија животот во земјотресот. Албанската влада претпоставува дека има најмалку 25 загинати и околу 600 повредени. Според министерката за здравство Огерта Манастерлиу, само во болниците во Тирана и Драч со повреди се пренесени околу 150 лица.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/H. Pustina
Урнат хотел
При уривањето на хотелот „Вила Палма“ во Драч загинаа најмалку три лица. Во општина Курбин, пак, во моменти на паника и обид да се спаси, човек скокнал од зграда и го загубил животот, јави албанското Министерство за одбрана.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Помош од армијата
Министерството за одбрана испрати околу 300 војници во Драч и Тумана за да помогнат во акциите на спасување и расчистување на урнатините. Надлежните велат дека под урнатините сѐ уште има луѓе.
Фотографија: Reuters/F. Goga
Најстрашно досега
Ова е еден од најсилните земјотреси во Албанија откако е почнато со мерење. Институтот за геологија во Тирана и Германскиот геолошки истражувачки центар во Потсдам сметаат дека јачината на земјотресот била 6,3 степени. Албанија само пред три месеци беше погодена од серија земјотреси, но тие - со јачина од 4,4 до 5,8 степени според Рихтеровата скала - беа послаби од последниот потрес.
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Shkullaku
Се тресеше целиот регион
Големиот потрес овојпат се почувствува во целиот регион. Погодени беа сите соседни земји, па дури и јужниот дел на Италија. Средоземноморскиот регион е еден од најактивните земјотресни региони во Европа.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/H. Pustina
Помош од соседите
Земјите од регионот веќе испраќаат помош во Албанија. Портпаролот на албанската влада Ендри Фуга на Твитер напиша дека меѓународните тимови, во досега невиден израз на солидарност, ќе имаат и поддршка од доброволци.