170709 Mandela 91. Geburtstag
18 јули 2009Во чест на носителот на Нобеловата награда за мир, неговиот роденден за прв пат треба да биде одбележан во целиот свет како „Ден на Мандела“.
Песната, која постарите ги потсетува на она што направи Нелсон Мандела за Јужноафриканците, денеска повторно ќе му биде исполнета на славеникот. За многумина, тој е модерен месија. 27 години помина во затворите на расистичкиот режим на апартхејд - и покрај тоа, се залага за помирување меѓу белците и црнците. За многумина тој е симбол на африканската гордост, на консеквентна борба за добра, вистинска идеја.
„Лесно е да се урива и разорува. Но, вистински херои се оние, кои создаваат и шират мир“, нагласува Мандела во ретките официјални настапи.
Овие убави зборови денеска, на Денот на Мандела, ќе бидат честопати повторувани. Јужноафриканската Република денес ќе слави со музика, танц, театарски и кабаретски претстави во населбите, градовите и гетата.
Земја на противречности
Луѓето барем за неколку часа ќе заборават дека нивната земја по победата на Мандела над расната поделба, сепак, поинаку се равиваше. Јужноафриканската Република е убава и креативна, но и насилна и неправедна. Весниците се полни со извештаи за убиства, измами, силувања и корупција, за неверојатната сиромаштија во многу населби и демонстрациите како реакција на ова.
Токму затоа Мандела ја поддржува идејата неговиот роденден во иднина да биде ден на кој секој човек ќе посвети 67 минути за да стори нешто за својата земја. Симболиката е во поврзување со 67-те години на политичка работа на Мандела за Јужноафриканската Република.
„Нашата борба за слобода и праведност беше заеднички напор. Тоа треба да важи и за Денот на Мандела. Во наши раце е да создадеме подобар свет“, вели Мандела.
Во знакот на славење и социјален ангажман
Во Јужноафриканската Република денеска некаде се дели храна, на друго место се чистат градовите, на трето се вршат поправки на болници и детски градинки.
„Мандела направи многу за мене, се бореше за мојата слобода. Поради тоа со задоволство сакам да славам заедно со другите луѓе“.
„Се’ уште има премногу неединство, омраза, конфликти, насилство, поделби. За сите нас централна задача ќе биде светот да го направиме подобар, за што сите ние толку страсно сонуваме“, велат сонародници на славеникот.
Автор: Штефен Штурн/ Зоран Јордановски
Редактор: Жана Ацеска