Со меѓусебни апели за подготвеност за компрoмис, демохристијаните и социјалдемократите влегоа во последната рунда преговори за формирање на голема владина коалиција.
Реклама
Во Берлин денеска започна последната рунда од преговорите за формирање нова влада на Германија, односно се очекува да завршат маратонските преговори меѓу Социјалдемократската партија (СПД) од една и Христијанско-демократската (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) од друга страна за создавање голема владина коалиција, четири месеци по изборите за Бундестагот.
Лидерот на Социјалдемократската партија Мартин Шулц спроти почетокот на рундата говореше за „ден на одлука“ додека канцеларката Ангела Меркел, лидерка на Христијанско-демократската унија пак побара „болни компромиси“ од сите страни вклучени во преговорите.
Според Меркел несогласувања и натаму има околу суштински прашања. „Подготвена сум на компромис ако можеме да гарантираме дека на кајот ќе има повеќе корист отколку штета“, изјави Меркел спроти почетокот на последната рунда преговори.
Повеќе политичари од редовите на ЦДУ сметаат дека е возможно преговорите денеска да траат повеќе часови, па дури и до доцна во ноќта“. По повеќе одложувања на рокот за постигнување на конечен коалициски договор, јасно е дека оваа рунда ќе биде последна, па затоа некои политичари не ја исклучуваат можноста ниту на крајот преговорите и да пропаднат. Партиите имено и натаму не можат да постигнат согласност околу политиката на трудот и здравствената заштита.
По изборите на 24 декември минатата година минаа четири месеци во кои партиите во Германија не успеаја да формираат нова влада. Најнапред пропаднаа сондирачките преговори меѓу партиите на Унијата и Либералите и Зелените, а сега се одолговлекоа во маратон и преговорите за продолжување на големата коалиција, која владееше во земјата и пред изборите.
Битка за гласачите во Германија
Шарено, контроверзно, лично, со многу слогани- во Германија на секој чекор има предизборни плакати. Утре се изборите за следниот состав на Бундестагот. Како партиите се борат за довербата на граѓаните?
Фотографија: picture alliance/dpa/B.Pedersen
Чист патриотизам
Два основни мотиви, 22 илјади големи плакати и буџет од 20 милиони евра: тоа е кампањата на Демохристијаните (ЦДУ). Партијата се претставува патриотски и на плакатите се боите на германското знаме. „Ние сме земја на која и оди добро, можеме да бидеме горди на тоа“, вели генералниот секретар на ЦДУ Петер Таубер. Фокусот е на теми за безбедноста, работата и семејството.
Фотографија: picture alliance/dpa/B.Pedersen
Граѓаните во фокусот
Една кампања и три круга на мотиви. СПД се презентира на плакати на кои се гледаат граѓани среде слогани за теми како образование, семејство, пензии, инвестиции и праведни приходи. Дури во вториот „бран“ во фокусот е кандидатот за канцелар Мартин Шулц. Кампањата на партијата, како што тврдат, ќе чини 24 милиони евра.
Кампања- тоа е тој
Партијата на слободните демократи- ФДП (Либерали) во својата предизборна кампања вложи нешто повеќе од 5 милиони евра. Кампањата се сведува на рекламирање на еден човек- партискиот шеф Кристијан Линднер, кој е често прикажан во кошула, со засукани ракави и неизбричен. Тоа треба да ја сугерира неговата посветеност кон иднината на Германија. Покрај него се гледаат цели пасуси од програмата на ФДП.
„Затоа зелено“
Зелените многу претполагаат на големи текстови испишани со големи букви покрај некој симболичен мотив. Темите секако се заштита на животната средина или интеграција на странци. „Затоа зелено“ е мотото на кампањата. На сите плакати како лајт-мотив се појавува сончоглед.
Контроверзната АфД
Најмногу дискусии предизвика Алтернативата за Германија (АфД). Нејзиниот слоган гласи: „Одважи се, Германијо!“ Оваа десничарска партија сака да ги привлече гласачите со плакати со текстови од кои е јасно дека сака да го намали влијанието на исламот во Германија, да постави јасни граници за доселување, да го укине еврото и да го смени уредувањето на ЕУ.
Без лице
Бели букви, црвена боја која ја симболизира партијата Левица, тоа е стилот во кој се водеа и претходните кампањи. Со тоа што овој пат целосно се откажа од прикажување на лицата на своите главни политичари. Под мотото „Не сакаме понатаму вака“, тиа својата кампања ја концентрираа на темите како борба против високите кирии, праведни пензии и запирање на извозот на оружје.
Не баш сериозно
Платите на менаџерите да се прилагодат на големината на брусхалтерите, а треба да се воведе и граница за поскапување на пивото. Такви и слични барања изнесува партијата Партија, чија предизборна кампања е целосно сатирична- сосема во стилот на нејзините основачи, уредниците на сатиричниот магазин Титаник. Кандидат за канцелар е кабаретистот Сердар Сомунчу.