1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден на ОН: до каде се реформите?

24 октомври 2006

Повеќе од 60 години по основањето на ООН на сите им е јасно дека се неопходни реформи.

Заседание на Советот за безбедност на ОН
Заседание на Советот за безбедност на ОНФотографија: AP

Институционално тие не го следеа развојот на меѓународните односи и ситуацијата во светот, туку останаа “скроени“ за односите што владееа на крајот на Втората светска војна. По повод денешниот меѓународен ден на ОН, Клаус Даман се осврнува на актуелната состојба во реформите на Светсата организација.

38-катното здание на Ист Ривер од надвор делува сосема во ред. Но, од внатре го мачат лоша изолација, застарени водоводни и канализациони цевки. Не е ни чудо – изградено е кон крајот на 40-тите години од минатиот век. Затоа зградата наскоро ќе биде испразнета и од темел реновирана.

На генералниот секретар на заминување, Кофи Анан, не би му било ништо подраго, отколку истото тоа да се случи и со внатрешната организација на ОН. Зашто, важен дел од неговиот мандат мина во обидот да иницира темелна реформа на Светската организација. Анан дури свика и Комисија за таа цел, чии предлози беа објавени на јубилејното 60-то заседание на Генералното Собрание минатата година:

“За да ја исполнат нивната задача ОН мораат да и‘ се прилагодат на реалноста. Потребна ни е ефикасна Светската организација, која ќе им биде одговорна како на јавноста, така и на владите“ - појасни Анан.

Јадрото на целата реформа беше при тоа обновата на Советот за безбедност. Некои држави како Германија, Јапонија, Индија и Бразил сакаа да се стекнат со место на постојани членки, како веќе постојните пет, кои згора на тоа имаат и право на вето. Други земји, регионални ривали на претходните, како Мексико или Пакистан, сторија се‘ за да го спречат ваквото настојување. Потоа се создаде и трета фракција со земји од Африканската Унија, кои предлагаа место на постојана членка за одделни африкански држави. При волкава несогласност и спроставени интереси воопшто не беше нужно САД да интервенираат и да стават вето на посакуваните реформи.

Сепак не беше се‘ по пусто, барем дел од реформските предлози минаа и беа дури спроведени во дело. Така беше укината старата и често критикувана Комисија за човекови права, во која многу и доого се дебатираше, но која не можеше да донесе никакви санкции. Згора на тоа во неа често се бираа земји, кои самите ги кршеа правата на човекот и како членки на соодветното тело на ОН беа во состојба да спречат јавни осуди и какви и да е казнени мерки. Така старата Комисија беше укината, а на нејзино место беше создаден новиот Одбор за човекови права. Како најголем противник, колку парадоксално тоа и да звучи, се профилираа САД. На официјален Вашингтон прво му беа прениски критериумите за членство во новото тело, а освен тоа беше незадоволен што според новиот концепт не беше предвидено по едно постојано место за секоја членка на Советот за безбедност со право на вето. На крајот кога стануваше збор за избор на држави што ќе учествуваат во работата на новиот Одбор, САД воопшто не се ни пријавија. Наспроти сите критики, комесарката на ОН за човекови права Луиз Арбур, оцени:

“Секоја држава ќе биде проверувана, тоа мора да биде фер и транспарентно. Се‘ ќе биде подложено на проверка, граѓанското општество, медиумите, националните установи. Оваа сеопфатна проверка е единствената вистинска новина во овој меѓудржавен систем.“

Втората голема промена што произлезе од реформските настојувања на Кофи Анан е создавањето на Комисијата за консолидирање на мирот. Во неа се подготвуваат темелно сите мировни мисии, како на пример најновата во Либан. Но, тука е предвидено и да се слеваат сите искуства што Светската организација ги собира на полето на смирувањето кризни жаришта ширум светот. Анан тоа вака го опишува:

“Оваа нова творба маркира пресвртница во нашите напори да им помогнеме на државите да го совладеат тешкиот премин меѓу војна и мир.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми