Денеска го славиме неговиот Ден, а идниот месец во Баку Комитетот за светско наследство ќе решава за статусот на Охридскиот регион, со предлог да се стави на листа на загрозено природно и културно наследство.
Реклама
Сечење на трската, негрижа за рибниот фонд која води кон бавно но сигурно исчезнување на охридската пастрмка и белвица, спорни планови за жичница, железница и пат во заштитено подрачје, „медитерански“ плажи и палми за езерото да личи на море (!), несанкционирано истекување на фекалии во водата, градежни интервенции во природата непосредно до езерскиот брег... Ова се само мал дел од големите „придонеси“ на човечката и институционална негрижа што ги доживеа македонскиот бисер - Охридското Езеро. Со години состојбата не се менува, и покрај бројните предупредувања за опасноста од загрозувањето на статусот на овој регион, кој од 1979 година е впишан во листата на природно и културно светско наследство на УНЕСКО.Езерото досега добиваше само ветувања кои личат на неговите бранови - доаѓаат и исчезнуваат. Нови ветувања ќе стигнат и денеска, на одбележувањето на 21-ви јуни, Ден на Охридското Езеро. На охридското пристаниште напладне со свои говори ќе се обратат градоначалниците на општините распослани крај неговиот брег - Охрид, Струга и Поградец од Албанија: Константин Георгиевски, Рамиз Мерко и Едуард Капри. Ќе следи културно-уметничка програма, изложба на подводни фотографии, презентација на нуркачка опрема и дефиле на спортските клубови на вода. Што потоа? Дали Мерко фокусиран на новите плажи повторно нема да ја види масовната сеча на трска во Струшко? Дали и тој, и Георгиевски, ќе ги толерираат пловните објекти со нееколошки мотори, наместо да го извадат од фиока проектот на екологистите „Смарт Охрид“ кој предвидува замена на спорната флота со пловни објекти кои не загадуваат?
Дивоградбите и УНЕСКО
01:06
Шанса за спас
Но, некој друг внимателно ја следи состојбата, потсетува пратеничката и екологист, Лилјана Поповска.
„Од 30-ти јуни до 10-ти јули во Баку, на сесијата на Комитетот за светско наследство ќе се одлучува за статусот на Охридскиот регион, со предлог да се стави на листа на загрозено природно и културно наследство. За Македонија тоа е голем срам, зашто сме го нагрдиле тој бајковит амбиент на раскошна природа и бесценети културни споменици. Од друга страна, ставањето на таа листа можеби е единствената шанса за спас на ова богатство, зашто под надзор од светски експерти би можеле со поголема извесност да го спречиме натамошното уништување. Да нема веќе дива урбанизација, загушеност на охридскиот брег и езерските води со туристи, вулгаризација на просторот со несоодветни објекти, звуци и мириси. Да се научиме на одржливо управување со регионот, преку еко, културен, селски, адреналински туризам“, апелира Поповска.
Охрид досега доживеа многу експерименти и понижувања - од планови изградба на елитна населба кај Студенчишко Блато и опасност од негово пресушување, па сѐ до промени на законската заштита на изворите кај Свети Наум од највисок на најнизок степен, само заради изградба на огромен туристички комплекс на индискиот бизнисмен Субрата Рој од Љубаништа до изворите на Свети Наум. Охрид се спаси од тој проект само затоа што Субрата Рој заврши во затвор во Индија, но сѐ уште е далеку од спас ако се има предвид ниската свест за значењето на неговото природно и културно наследство.
Охрид - рај за очите и спокој за душата
Расцутени дрвја, опоен мирис, сончеви зраци - сѐ заедно се капе во проѕирните езерски води. Охрид е убав секогаш, а во пролет посебно.
Фотографија: picture alliance/landov/Z. Yi
Варош - стар град
Поглед од пристаништето кон Варош, стариот дел на градот. Препознатлива архитектура која својот процут го доживеала во 19. век, кога и Охрид се чини е економски најмоќен. Тогашните видни трговци соработувале со Лајпциг и Виена. Многу охриѓани во тоа време учеле во Париз, на Сорбона, или пак во Атина. Во овој дел од Охрид, меѓу другите, живеел големиот поет и преродбеник Григор Прличев.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
„Охрид убав мил, ти за мене рај си бил...“
Куќите во стариот дел на Охрид, начичкани една до друга за да го „ѕирнат“ езерото, речиси и да немаат дворови. Еве како малиот слободен простор станува оаза на цвеќето. Ова е улицата која води кон Плаошник.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Плаошник
Познат религиозен локалитет од почетоците на христијанството. Пронајдени се неколку ранохристијански базилики и остатоци од црквата Свети Пантелејмон, изградена од Св. Климент Охридски, кој таму и живеел. На 11.08.2002 е осветен новоизградениот храм Св. Климент и Пантелејмон кој претставува реплика на Светиклиментовата црква. По 530 год., овде повторно се пренесени моштите на Св. Климент Охридски.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Антички театар
Современиот Охрид е наследник на античкиот Лихнид. Градот првпат се споменува 2.400 години пред новата ера. Класичниот театар бил изграден пред околу 2.000 години, или во доцниот македонски период, кратко по Римското освојување. На делумно откриениот и обновен антички театар од почетокот на 21. век секое лето на 12 јули се случува отворањето на фестивалот Охридско лето.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Плоштад
Централниот охридски плоштад е неодминливо место за жителите на Охид и за туристите. Некогаш овој просотр беше преполн со трендафили, а сега местото го зазеле новите видови цвеќиња и зелениот килим од трева. Во позадина е езерото и споменикот „Фаќач на крстот“ - симбол на празникот Богојавление-Водици, поставен во јули 2014 година.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Парк
Пролетта може да се „вдише“ во охридскиот парк. Тука е Рибниот ресторан, типичен репрезент на охридската староградска архитектура. Изграден во средината на седумдесеттите години од минатиот век. Сега е приватизиран, но ја има истата намена. Ќе ве пречека со богата понуда од македонски специјалитети, ама и чорба од охридска риба и староградска песна.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Колепка на словенската писменост
Споменикот на Св. Наум Охридски е дел од тријадата споменици во центарот на Охрид. Скулпторот Томе Серафимовски ги изработи и постави спомениците на Св. Кирил и Методиј, споменикот на Св. Климент Охридски и споменикот на Св. Наум. Така туристичките водичи на само стотина чекори од еден до друг споменик можат да ја раскажат историјата за создавањето на словенската писменост и нејзиниот развој.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Лебеди
Лебедите се бел украс на Охридското Езеро. Грациозни и дружељубиви кон оние кои сакаат да им подадат храна. Во Охрид се населиле кон средината на седумдесеттите години од минатиот век. Живеат во двојки и познато е: ако едниот угине, другиот не преживува – тагува, ја пее „Лебедовата песна“ и умира.Често кога луѓето сакаат да ја споредат верноста во љубовта ги земаат лебедите за пример.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Патека кон убавината
Новата пешачка патека во Охрид минува низ живописна природа со клупи и видиковци. Погледот на езерото е прекрасен. Ова е делот од Охрид, како што охриѓани велат: зад Калето од Канео преку Лабино до Грашница или обратно.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Св. Јован Богослов - Канео
Ова е се чини најпрепознатливиот и најсликан мотив од Охрид. За црквата не постојат сигурни историски податоци. Нејзиниот „живот“ може да се следи во општи историски рамки на развиток, почнувајќи од 13. век до денеска. Автор: Милчо Јованоски
Фотографија: DW/M. Jovanoski
10 фотографии1 | 10
„Македонскиот бисер не смее да се тркала во кал, не смее да се нуди како безвредна панаѓурска дрангулија на туристи што не му ја знаат и не му ја ценат вредноста! Одговорните луѓе во институциите треба да бидат први на браникот на нашата убавина, а не алчно загледани во 'муштериите' подготвени да платат за прекршување на законите и реализација на своите мегаломански бизнис-идеи. Борбата со корупцијата и невкусот мора да биде бескомпромисна, чесна и доследна, онака како што ја водат македонските екологисти!“, вели Поповска.
Таа објаснува дека во моментов се одвиваат спротиставени процеси. На локално ниво, продолжува узурпацијата на просторот со дивоградби и уништување на природата. На национално ниво, во трка со времето Владата го поминала новиот Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и го доставила до Собранието, а владини интерресорски работни групи го довршуваат планот за управување со зонирање, како и стратегиската оцена на влијание.
Владата ги засука ракавите
Со цел да се заштити езерото од загадување, Поповска потсетува дека е формирано Јавно претпријатие за колекторскиот систем и за негова санација.
„Техничката документација е одамна изготвена, но со години не се издвојуваат сериозни буџетски средства за таа намена. При носењето на последниот буџет ни беше одбиен амандманот за 11 милиони евра за обновување на колекторот, но, еве доаѓа ребалансот и може да се поправи пропустот. Само така ќе може да се обезбедат дополнителни средства од донатори, за секундарната мрежа и нова пречистителна станица, што е проценето на околу 50 милиони евра. Како и да е, Баку 'доаѓа', а загрижените и чесни претставници на државата имаат единствена можност да си подадат рака со екологистите и заеднички да му ја вратат аурата на Охридскиот регион“, вели таа.
Дека алармот е вклучен, сведочи и реакцијата на Владата. Таа соопшти дека на седницата одржана на 11 јуни ја усвоила информацијата за постапување по препораките на УНЕСКО, во насока на зачувување на статусот светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион. Вицепремиерот за економски прашања во соработка со Канцеларијата на премиерот е задолжен да формира работна група составена од функционерите на сите засегнати институции која ќе постапи по забелешките на УНЕСКО за анализа за алтернативна рута на железничката пруга долж Коридорот 8, како и рутата од автопатот А2 Требеништа - Струга, согласно наодите на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО. Предлог решенијата треба да бидат доставени до Владата најдоцна до 15-ти јануари 2020 година. Министерството за транспорт и врски е задолжено во соработка со Националниот парк Галичица и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи инвентар на нелегални градби во Регионот и истиот да го достави до Владата најдоцна до 1-ви септември годинава. Министерствата за животна средина и за култура се задолжени да изработат предлог План за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион, усогласен со Центарот за светско наследство на УНЕСКО, кој треба да биде доставен до Владата најдоцна до почетокот на декември годинава.
До реализацијата на овие цели, спокојно е само Охридското Езеро од течен метан, кое се наоѓа на најголемиот сателит на Сатурн, Титан. Името го доби во 2010 година од НАСА и од Меѓународниот астрономски сојуз во чест на нашето Охридско Езеро.
Магијата на Св. Јован Канео
Легендата вели: Охрид имал 365 цркви, по една за секој ден од годината. Ако денес се ѕирне над и под тлото, може да има и повеќе. Сите се со своја убавина, но Св. Јован Богослов е најмистичната и најфотогеничната.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Види го Канео и... уживај!
Ако не сте биле на Канео, како да не сте го посетиле Охрид, ќе ви речат локалните туристички водичи. Тоа е исто како да одите во Берлин, а да не ја видите Брандербуршката порта или во Париз да не се качите на Ајфеловата кула...
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Октоаголна црква посветена на Св. Јован Богослов
Еднокорабната октоаголна црква посветена на Св. Јован Богослов, изградена е на карпата над надводната пештерска црква посветена на Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста. Нејзината градба почнала во 1365 год., под покровителство и ктиторство на севастократорот Бранко Младен, прогласен за управител на градот Охрид од страна на српскиот цар Стефан Душан.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Дело на ерменски мајстори?
Св. Јован Богослов силно потсетува на црквите во Ерменија. Истражувањата водат до податокот дека во околината на Куманово во тоа време биле населени ерменски мајстори – градители кои оставиле траги и во Македонија.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Охрид- мост на европската уметност
Британскиот историчар на уметност сер Херберт Рид по посетата на Охрид и 30 цркви во 1961 г. запишал: „Помеѓу византиското црковно сликарство од Равена и Сицилија од една страна, италијанската ренесанса од друга страна не постои празнина, Охрид е значаен мост на европската уметност“.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Круна на езерото
„Што ако овде ја немаше црквата, би било празно, иако природно привлечно, без црквата круната не би била ставена“, вели клисарот Сашо Трајаноски кој петта година ја одржува црквата. До 15 век во црквата се одвивал и монашки живот. Со доаѓањето на Турците се рушат конаците, а монасите биле убиени, најголемиот дел од фреските биле искорнати, а црквата станала набљудувачница.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Охрид е најубавото место на Балканот
Един Огрешевиќ од Сараево често доаѓа во Македонија, а кога го најдовме кај црквата беше во друштво со две пријателки од Норвешка за кои рече дека биле шокирани од убавината. „За мене Охрид е најубавото место на Балканот. Многу сум пропатувал ама мене овде ми е најубаво. Посебни се црквите во византиски стил кои ги има и на други места ама во вакво окружување се реткост“.
Фотографија: DW/M. Jovanoski
Магијата на просторот
За охриѓанецот Стојан Стојановски Св. Јован – Канео е постојана инспирација. Неговите фотки одамна го обиколуваат светот. „Местоположбата на Канео е идеална за секојдневно фотографирање. Од која било страна да се наоѓаш, секогаш имаш фотографија со различна приказна и секако магија, особено на залезот на сонцето“, вели Стојановски.