1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поттик за економијата или за пандемијата?

Артур Саливан
19 јули 2021

Денешното укинување на речиси сите ковид-рестрикции во поголемиот дел од Велика Британија се очекува да донесе краткорочен економски бенефит, бидејќи сите бизниси повторно може да работат нормално. Но, има и загриженост.

England | Coronavirus | Cambridge
Фотографија: Joe Giddens/empics/picture alliance

Ова е моментот кој со нетрпение го очекуваат милиони Британци во изминативе 16 месеци – укинување на сите пандемиски рестрикции. Денешниот 19 јули е „Ден на слободата“ како што го нарекоа многу политичари од владејачката Конзервативна партија.

Но експертите за јавно здравје и натаму се многу загрижени. Според многумина прерано е да се укинат сите здравствени мерки, со оглед на ширењето на делта сојот низ земјата. Специјалната научна советодавна група на британската влада исто така предупреди од несакани последици.

Но за многу сопственици на бизниси вистинско олеснување е дека  повторно работат нормално. Нема повеќе рестрикции ниту за ноќните клубови, барови, театри а се укинува и лимитот на луѓе кои може да се соберат на едно место. Носењето маски и дистанцирањето е оставено на личен избор а не е задолжителна мерка.

Единствено во сила останува задолжителен карантин за оние што се тестирани позитивно на вирусот или имале контакт со заболен – времетраењето на изолацијата е во зависност од периодот, возраста и вакциналниот статус. 

Се поттикнуваат и организаторите на големи настани на затворено да воведат задолжителни сертификати за негативен тест или вакцинација. Но, сепак тоа останува нивна одлука и не е задолжително.

Фотографија: Alberto Pezzali/AP/picture alliance

Останува неизвесноста

Оптимизмот кај бизнис заедницата е ублажен поради вознемиреноста за тоа што може да се случи доколку здравствената ситуација стане повторно критична. Многумина повикаа на појасни насоки од владата.

„Ова е веста што фирмите ширум Англија ја чекаа со нетрпение и многумина воздивнаа со олеснување кога министерот за здравство даде конечно зелено светло за повторно отворање,“ вели во соопштение Клер Вокер помошник извршен директор на британска трговска комора. „Но, тие се уште ја немаат целосната слика која им е очајно потребна за соодветно планирање на реотворањето.“ И Здружението на мали бизниси има сличен став. По првичниот оптимизам и самата влада почна да ја нагласува потребата од претпазливост. „Денот на слободата“ беше првично најавен за почетокот од летово кога забрзаната вакцинација беше проследена со низок степен на заразени и починати од вирусот што беше причина за оптимизам.

Повеќе:

-„Ден на слободата“: славје и критика

-Фотографија на денот: Најавен крај на корона-мерките во Англија

-Англија: Турканици пред продавниците, фризерските салони и пабовите

Но делта сојот почна да се шири забрзано и само во изминатите денови достигна над 50.000 заразени. Новиот министер за здравство на Велика Британија, Саџид Џавид, кога ги потврди плановите за 19 јули призна дека стапката на заразени наскоро може да достигне и 100.000.

Владата е категорична дека вакцинацијата придонела да се намали бројот на заразени, хоспитализирани и починати. Сепак неизвесноста придонесе да се стиша реториката на владата, вкучително и од премиерот Борис Џонсон.

Фотографија: DANIEL LEAL-OLIVAS/AFP

Фразата „Ден на слободата“ е полуафирмирана во услови на премолчено прифаќање дека рестрикциите би можеле повторно да се воведат доколку ситуацијата излезе од контрола.

Тоа значи дека многумина кои работеа од дома ќе продолжат така и по 19 јули. „ Владата повеќе не препорачува доколку е можно луѓето да продолжат да работат од дома и ние очекуваме и препорачуваме постепено враќање во канцеларија во текот на летото,“ рече владиниот портпарол.

Економски скок

Но, економистите гледаат и светла страна со оглед на тоа што многумина предвидуваат дека  реотворањето ќе придонесе кон интензивирање на веќе започнатото силно опоравување.

„Очекуваме дека реотворањето ќе донесе нов интензитет во опоравувањето преку два канала“, вели Ендру Годвин, економист во Оксфорд Економикс за ДВ. „Прво, преку повторното отворање на бизниси кои се уште се затворени како ноќни клубови и организација на големи настани. И второ со укинување на правилата за социјална дистанца, што принудија многу угостителски да работат со намален капацитет. Се на се годинава очекуваме раст на БДП од 7,3% .“

Но, тој исто така гледа и голем економски ризик ако повторно ескалира здравствената ситуација. „Добро ни е познато од минатата година дека високи бројки на заразени од Ковид може да и наштетат на довербата на купувачите и да ја обесхрабрат социјалната потрошувачка,“ вели тој и додава „второ, колку повеќе се зголемуваат бројките на заразени толку е поголем и притисокот врз здравствениот систем што многу веројатно ќе доведе до повторно воведување на рестрикции.“

Новата нормалност

Иако денешниот 19 јули е најблиското нешто до враќање во нормала на британската економија од март 2020 година досега, сепак ситуацијата е значително различна споредена со времето пред пандемијата. Вирусот остави длабоки лузни. Најмалку 129.000 луѓе во Велика Британија починаа. Многу градски центри се невообичаено тивки во услови на голема промена со работење од дома. Се очекува од британскиот буџет до 2022 година де се вбризгаат околу 475 милијарди евра во економијата за трошоци поврзани со пандемијата. Економијата не била вака директно помогната од владата од далечната 1970.

Згора на се Велика Британија со почетокот на пандемијата во целост ја напушти заедничката пазарна и царинска унија со ЕУ бидејќи пост-Брегзит транзицијата заврши на 31 декември 2020. Според Годвин, економските последици од тоа допрва почнуваат, а пост-пандемскиот скок тешко дека ќе има големо влијание врз целосниот Брегзит ефект.

„Гледаме дека Ковид и Брегзит делуваат во различни временски периоди,“ вели тој. „Главните последици од пандемијата веројатно ќе бидат краткорочни додека штетата во однос на економскиот раст на Велика Британија од Брегзит ќе се почуствува на подолг период, во форма на ниски странски инвестиции, компании кои ќе отвораат свои европски хабови во ЕУ порадо отколку во Англија, и раст на населението поради ниската миграција.“

Засега „ослободување“ од вирусот отколку од ЕУ е она што Британците сега можат да го прослават.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми