Ден на слободата на печатот
3 мај 2011Кога владите вршат угнетување на своите граѓани и се изземаат од секаков вид проверка, слободата на медиумите е едно од најважните средства за посочување на неправдите и овозможувањето на јавната доверба, смета генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун.
„Денес се случува драматична промена во глобалниот свет на медиумите. Новите медиуми и можности на единката и‘ нудат поголема моќ и ги осветлуваат затскриените активности на владите и индустријата. Но, остануваат и старите предизвици, како употребата на медиумите во функција на ширење омраза и насилство“, истакна Бан Ки Мун, издвојувајќи ги сајбер надгледувањето и цензурата во интернет.
Претседателот на ЕК Жозе Мануел Барозо и специјалниот ополномоштеник на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон денеска повикаа на заштита на новинарите. Слободата на печатот е една од темелните вредности во ЕУ, изјави Барозо, повикувајќи на итно ослободување на сите новинари кои се наоѓаат во затвор.
Македонија е на 96 место на листата на „Фридом хаус“
Инаку, во светот минатата година биле убиени 102 новинари, осум помалку отколку во 2009-та, наведе денеска Меѓународниот институт за медиуми, со седиште во Виена, во годишниот извештај за слободата на медиумите. Азија, каде се убиени 40 новинари, била најопасен регион за претставниците на медиумите, додека на второ место се наоѓа Латинска Америка со 32 загинати новинари.
Според рангирањето на „Фридом хаус“ под наслов „Слобода на печатот 2011: Глобална анкета за медиумите“ од 196 земји и територии оценувани во 2010, 68 односно 35 отсто се рангирани како слободни, 65 односно 33 отсто како делумно слободни, а 63 односно 32 отсто како неслободни.
Македонија и годинава е позиционирана во делумно слободните и на листата на „Фридом хаус“ го дели 96 место со БиХ. Од балканските земји Словенија е на 48. место, Грција е 65-та, Србија 72-та, Бугарија 77-ма,Црна Гора 80-та, а Хрватска 85-та. Албанија е позиционирана на 102 место, Косово на 104, а Турција на 112 место.
Најслободни се медиумите во Финска, Норвешка и Шведска, а новинарската слобода е најограничена во Бурма, Еритреја, Либија, Узбекистан, Туркменистан и Северна Кореја.
Автор: ЖАС/СН/дпа/афп/миа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска