1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Депримирачки хаос во првата дебата меѓу Трамп и Бајден

Карла Блајкер
30 септември 2020

Првата дебата меѓу американскиот претседател и неговиот предизвикувач не беше размена на мислења, Трамп не му дозволи на Бајден да доврши скоро ниедна реченица. Од ваква дебата можете да се поштедите, смета Карла Блајкер

USA Präsidentschaftswahlen TV Debatte Trump Biden
Фотографија: Jonathan Ernst/Reuters

Што беше ова, по ѓаволите? Тоа е прашањето кое им остана на гледачите по првата дебата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот предизвикувач Џо Бајден. Она што беше замислено како размена на факти за на неодлучените избирачи да им се олесни изборот, веќе по неколку минути личеше на хаотична семејна кавга меѓу двајца постари чичковци, од кои едниот воопшто не се придржува на правилата, а другиот се смешка на сила и врти со глава за да не започне да вреска.

САД се наоѓаат во една од најтешките кризи – пандемијата на коронавирус, природната катастрофа поради климатските промени и сѐ поголемиот јаз меѓу црните и белите Американци ја потресуваат земјата. Но, во првиот директен ТВ-дуел меѓу двајцата кандидати на републиканците и демократите видовме претседател кој на својот противник не му дозволува до крај да изговори речиси ниедна реченица и кој не претстави речиси ниеден сопствен план за подобрување на ситуацијата.

Карла БлајкерФотографија: privat

Кога водителот Крис Валас го предупреди Трамп дека неговиот тим ги прифатил правилата на дебатата и дека претседателот со тоа потврдил дека ќе му допушти на Бајден две минути без прекинување да одговара на прашања, Бајден само суво изусти: „Тој никогаш не го одржува зборот". Но, беше депримирачки да се гледа како Трамп од дебатата направи хаос и што водителот не успеа да го запре.

Можете себе си да се поштедите од ваква дебата"

Но, и Бајден имаше свои испади, го нарече Трамп „кловн", што е целосно непримерно на подиум на политичка дебата. И одговорот на Бајден на темата кој и колку долго може да гласа по пошта, се развлече во километарска реченица „а ла Бајден" чиј крај немаше никаква врска со нејзиниот почеток.

Повеќе:

ТВ-дуел на Трамп и Бајден: Вжештена размена на вербални удари

„Скандалите на Трамп станаа нешто сосем вообичаено“

Трамп би можел навистина да ја добие битката

Бајден не е Трамп, но тоа не е доволно

Но, Трамп сепак беше тој кој концептот на претседателската дебата го доведе до апсурд. Водителот Валас не беше во ситуација да го контролира. А Бајден не можеше да се спротистави на неговото однесување. Тонот на Бајден само во еден момент беше жесток и за секунда ја запре лавината на прекинувања на Трамп: кога говореше за својот покоен син и неговата воена мисија во Ирак, а Трамп се обидуваше приказната да ја префрли на неговиот друг син и обвинувањата за корупција.

Ако не дојде воопшто до дискусија, поради тоа што еден кандидат 90 минути не му дозволува на другиот да зборува, тогаш можете да се поштедите себе си од сето тоа. Следната дебата е планирана за 7 октомври меѓу потпретседателот Мајк Пенс и кандидатката на Бајден, Камала Харис. Потоа треба да следат уште два телевизиски дуели меѓу Бајден и Трамп. Ако Бајден поради фрустрираност ја откаже дебатата, тоа нема да биде паметен политички потег. Зашто, во тој случај можат да го наречат кукавица која се откажува. Но, по ваква катастрофална „дебата", тоа секако би било разбирливо.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми