Десетици загинати во самоубиствени напади во Дамаск
ЕМФ /агенции
15 март 2017
Главниот град на Сирија денеска го потресоа два самоубиствени напада, со десетици жртви.
Реклама
Во самоубиствениот напад врз судската палата во центарот на Дамаск загинаа најмалку 39 лица, а повредени се најмалку 24-ца. Полицијата, како што јави сириската државна агенција Сана, соопшти дека бројот на жртвите најверојатно ќе се зголемува. Бомбашот самоубиец, како што јавуваат агенциите, се кренал во воздух во стариот дел на судската палата, каде што се сместени исламски верски трибунал, како и кривичен суд. Според изјава на еден обвинител во судот, напаѓачот се обидел да влезе во објектот, а кога полицијата сакала да го спречи, тој се втурнал во внатрешноста на комплексот и се кренал во воздух.
Напад денеска се случи и во квартот Рабва во Дамаск, каде напаѓачот активирал појас со експлозив во еден ресторан. Бројот на жртвите и повредените во овој напад сѐ уште не е соопштен.
Во двоен напад во Дамаск што се случи во саботата, загинаа 74 луѓе. Одговорноста ја презеде сунитскиот Фатех-ал-Шам Фронт, поранешен огранок на Ал Каеда во Сирија.
Двата напада се случуваат на шестгодишнината од почетокот на војната во Сирија. Конфликтот почна со мирни протести против владата на Башар ал-Асад. Но, со оглед на острите мерки кои беа преземени од страна на безбедносните сили, протестното движење се радикализираше. Во меѓувреме, граѓанската војна се претвори во интернационален конфликт преку посредници, во кој, според податоците на Сирската опсерваторија за човекови права, загинаа 320.000 луѓе.
Алепо: Уништувањето на раскошниот град
Алепо пред војната беше метропола полна со живот, омилена туристичка цел и економско срце на Сирија. Денес источниот дел на градот е разурнат. Фотографиите од пред војната и сега ги покажуваат размерите на уништувањето.
Џамијата Омејади пред војната
Ова е фотографија од 2010 година. Бунтовите во арапскиот свет тогаш не беа стигнати до Сирија и Алепо. Џамијата е изградена во 775 година и е дел од Светското културно наследство на УНЕСКО.
Фотографија: Reuters/K. Ashawi
Џамијата Омејади денес
Џамијата беше тешко оштетена во борбите во 2013 година. На 24 март 2013. се урна минарето изградено во 11. век. Денес џамијата наликува на напуштена руина.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Амамот Ел Нахасин пред војната
Во амамот во старото градско јадро на Алепо посетителите уживаат во мирот по направената бања. Фотографијата е направена есента 2010 година.
Фотографија: Reuters/K. Ashawi
Амамот Ел Нахасин сега
Шест години потоа амамот не зрачи со мир и спокојство. „Раните“ од војната му се видливи.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Цитаделата на Алепо пред војната
Цитаделата на Алепо е една од најстарите и најголемите тврдини на светот. Голем дел од објектот е изграден во 13. век.
Фотографија: Reuters/S. Auger
Цитаделата денес
Некогашната туристичка атракција е во голем дел уништена и денес како сениште се издига над градот.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Старото градско јадро некогаш
24. ноември 2008 година: Старото градско јадро на Алепо. Луѓе седат во кафулињата, сместени како во рамка од шарени светла.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Старото градско јадро денес
13 декември 2016: Старото градско јадро е престорено во прав и пепел.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Трговскиот центар Шахба пред војната
Божиќни подароци висат закачени на таванот на трговскиот центар Шахба во декември 2009 година. Петкатниот трговски центар беше отворен во 2008 година и се вбројуваше во најголемите во Сирија.
Фотографија: Reuters/K. Ashawi
Трговскиот центар Шахба денес
„Трајно затворен“ - оваа информација се појавува на Гугл кога се пребарува поимот „Shahba-Mall“ денес.Трговскиот центар беше тешко оштетен во воздушните напади во 2014 година.
Фотографија: Reuters/A. Ismail
Пазарот Ал Зараб пред војната
Влезот во пазарот Ал Зараб во 2008 година, облеан во топла светлина.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Пазарот Ал Зараб денес
Декември 2016: Влезот во пазарот е уништен речиси целосно.