Со просечни 43.000 гледачи по натпревар, Бундеслигата е најгледаното национално фудбалско првенство во Европа. Во склоп на тоа оди и заработувачката, но и растот – тој е десет пати побрз од целата германска економија
Реклама
Со оглед на тоа дека сите тренери во првата Бундеслига, освен еден, типуваат дека во мај следната година Баерн повторно ќе биде првак, минхенскиот клуб веќе слободно може да ги „трие рацете“. ФК Баерн е клуб со најмногу навивачи, најмногу фан клубови, а рекламите на овој клуб допираат до најголем број на луѓе. Поради тоа тој се смета за клуб со „најдлабоко ќесе“, а неговите фудбалери се едни од најдобро платените.
Но, и останатите фудбалски клубови не можат да се пожалат. Од година во година заработуваат сѐ повеќе пари. Во таа смисла, Кристијан Зајферт, директор на Германската фудбалска лига (ДФЛ), пред една година изјави: „Оној кој бележи десет пати побрз раст од целата германска економија се наоѓа во стабилна позиција“. И Карстен Холаш, раководител на Спорт-бизнис групата го потврдува истото. Тој во разговор со Дојче веле вели дека во оваа сфера веќе се развил „солиден и континуиран раст“.
Благодарение на големиот интерес на публиката, прволигашите собираат голема сума на пари од продажбата на влезниците. Холаш налгасува дека „Бундеслигата и тука забележува раст од 8%“. На натпреварите во Бундеслигата во просек доаѓаат 43.000 гледачи. „Бундеслигата едноставно е магнет за публиката“, вели Холаш.
Нема да има „голем тресок“
Сепак, медиумските права за пренос на натпреварите и понатаму остануваат најголем извор на средства за овој професионален спорт. Халаш нагласува дека за претстојната сезона 2016/2017 која почнува денеска (26.08) веќе е постигнат рекорд: „Добивката споредено со минатата сезона енормно порасна“.
Од прашањето кој клуб на крајот на своите навивачи ќе им го претстави победничкиот трофеј, можеби поинтригантно е прашањето дали се достигна лимитот на моменталните финансиски димензии во професионалниот фудбал? Можеби целата оваа работа е толку „надувана“, па на крајот би можела да заврши со „голем тресок“? Холаш е цврсто убеден дека не се работи за никаква пренадуваност, туку дека економскиот ефект на клубовите и понатаму расте.
Новите лица во Бундеслигата
Многу нови талентирани фудбалери ги засилија клубовите во Бундеслигата за сезоната 2016/17. Ви ги претставуваме најголемите засилувања, од кои повеќето се млади таленти.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.Fromme
Усмане Дембеле, Борусија Дортмунд
Дортмунд загуби неколку клучни играчи, но Дембеле можеби ќе успее брзо да ја врати довербата во тимот. Овој 18-годишник одигра само една полна сезона како професионалец за францускиот Рен, но таа му донесе големо меѓународно внимание. Сега е голема надеж на Борусија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.Fromme
Онджеј Дуда, Херта Берлин
Дуда го нема меѓународниот профил на другите играчи на листата, но Херта веќе заврши на седмото место во лигата без звучни имиња во тимот. Тој е еден од најголемите таленти на Словачка, а доби шанса да настапи и на Европското првенство и покрај тоа што има само 21 година. Би можел да му биде од голема помош на тренерот Пал Дардаи.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P.Zinken
Брил Емболо, Шалке
Новиот спортски директор Кристијан Хајдел го претпостави заминувањето на Лерој Сане и го ангажираше Емболо од Базел. Тинејџерот веќе има искуство во Лигата на Шампионите, како и 14 настапи за швајцарската репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.Fromme
Рафаел Гвереиро, Борусија Дортмунд
Португалија има нова генерација со неверојатни таленти, а Гвереиро е еден од нив. Стигна до финалето на Европското првенство до 21 година, а потоа и го освои првенството со сениорите летово. Откако неговиот Лориен испадна во втората француска лига, Гвереиро замина за Дортмунд.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G.Kirchner
Ален Халиловиќ, Хамбургер
Најавуван како новиот голем талент од Хрватска, 19-годишниот Халиловиќ минатата сезона ги одигра речиси сите мечеви за шпанскиот Спортинг Хихон. Но, матичната Барселона нема место за него во тимот. Шансата да стане следната хрватска суперзвезда ќе ја има во Хамбургер, кој веќе со години се мачи во лигата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Scholz
Наби Кеита, Лајпциг
Неговиот трансфер во Лајпциг беше обвиткан во контроверза- затоа што тој е веќе петти играч кој од Салзбург преминува во германскиот клуб. Заеднички им е сопственикот- Ред Бул. Но, неговиот талент е неспорен. Со неполни 19 години веќе постигна 14 гола за Салцбург минатата сезона, а настапуваше и за Гвинеја на Африканскиот куп.
Фотографија: picture-alliance/dpa/H.Neubauer
Ренато Санчез, Бајерн Минхен
Ренато Санчез беше една од ѕвездите на Европското првенство и ја освои наградата за најдобар млад играч. Бајерн го купи од Бенфика пред почетокот на турнирот, па веројатно ги чинеше далеку помалку. Можеби нема експресно да се наметне во Бундеслигата, но го поседува талентот за да биде идна ѕвезда.