1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Десет години по нуклеарната катастрофа во Фукушима

Мартин Фриц
11 март 2021

На 11 март 2011 година земјотрес предизвика седум метарски бранови крај брегот на Пацификот кај Јапонија. Цунамито ја уништи нуклеарката во Фукушима. Десет години подоцна, регионот ни од далеку не е вратен во нормала.

Erdbeben Japan Präfektur Fukushima | Atomkraftwerk Daiichi
Фотографија: Kyodo/REUTERS

Во земјотресот од 11 март 2011 година прво беа уништени електричните доводи за струја, а потоа цунамито ги поплави генераторите за итни случаи. Набрзо се прегреа горивото во три од шесте генератори во нуклеарната централа во Фукушима што предизвика топење на јадрото. Следеа неколку експлозии од водородниот гас кој се испуштил од реакторите. Светот до денес ги памети телевизиските снимки на кои се гледаат радиоактивни облаци и чад над нуклеарката. Над 1000 квадратни километри во околината беа контаминирани од радиоактивни честички, а 160.000 жители беа принудени да го напуштат регионот.

Десет години подоцна видливите знаци од катастрофата исчезнуваат. Насекаде во 20- километарската зона околу атомската централа со багери и кранови се уриваат многу згради и куќи во кои повеќе не може да се живее - уништени во земјотресот, напуштени или контаминирани. „Ридиштата“ отпад со остатоци од процесот на деконтаминација, кои со години дополнително го нагрдуваа просторот, во голема мерка се расчистени. На многу полиња и широчинки денес се поставени соларни панели. Гувернерот на Фукушима, Масао Учибори зборува за „светли точки и темна страна“ во билансот - десет години по катастрофата.

„Светла точка е тоа што нивото на радијација е намалено. Речиси се деконтаминиравме. Денес само уште 2,4% од префектурата е затворена,“ рече Учибори. „Темна страна останува тоа што 37.000 од овдешните поранешни жители сѐ уште се евакуирани.“

Фотографија: AP/picture alliance

340 квадрати се уште со високо ниво на радијација

Сите наредби за евакуација во 20-километарската зона сега се веќе укинати. Но, и понатаму големи делови од градовите и населби во директна близина на нуклераната централа сѐ уште се со високо ниво на радијација – вкупно 340 квадратни километри не може да бидат населени. Таму радијацијата е 50-кратно над дозволеното ниво. Досега во овие градови се формирани само мали деконтаминирани посебни економски зони кои треба да служат како преодна точка за населување на регионот во иднина.

Повеќе:

-Фукушима: Радиоактивноста е под контрола?

-Фукушима: Во зоната на смртта

-Жртвите од радијацијата во Фукушима ја земаат судбината во свои раце

Во градовите и населбите кои се повеќе оддалечени од атомската централа, од 30% до 60% од поранешните жители се веќе вратени. Но, меѓу нив има само неколку семејства со деца. Многумина се плашат од зрачењето поради што решиле да „пуштат корен“ на друго место.

Во најголем дел повратниците се постари лица како 68 годишната Томоко Кобајаши која со својот сопруг има пансион на 14 километри од централата. По катастрофата избегале кај синот во големиот град Нагоја, но многу бргу им се вратил копнежот по родното место. „Јадењата и намирниците во Нагоја не се толку вкусни како во Фукушима“, ни раскажува таа во пансионот. „Се вративме да видиме дали ќе може повторно да ја јадеме локалната храна,“ додава таа.

Оваа брачна двојка е дел од една група граѓани кои сами вршат мерење на радијацијата на почвата, воздухот и на намирниците. Според нивните податоци, конзумирањето на ориз и зеленчук, на пример, е безбедно.

Експлозија во нуклеарна централа во Франција

00:49

This browser does not support the video element.

Бавна обнова

Поврзаноста со неговата родна грутка го мотивираше и Семеи Сасаки да се врати овде. Неговото семејство со генерации живее во регионот, заработувајќи од давање под наем обработливо земјиште на земјоделци, како и од приносите од малата шума. Овој 95-годишник  си ја реновирал својата традиционална куќа со типичен заоблен кров. Нема илузии за иднината. „Посакувам обновата да се одвива побрзо, но ми се чини дека ќе бидат потребни 30, а можеби и 50 години додека се дојде на свое,“ вели тој. „Посакувам и што повеќе луѓе повторно да се занимаваат со земјоделие, но никој не доаѓа.“ Причина за ова е високата отштета. „Многу евакуирани луѓе со овие пари си купија куќи на друго место и повеќе не сакаат да се вратат,“ вели Сасаки.

Светли точки и темни страни има и на изворот на сето зло. Во атомската централа во Фукушима Дајчи ладењето на стопеното гориво функционира, а урнатините се отпорни на натамошни потреси. Но, расчистувањето се одвива побавно од планираното поради зрачењето. На просторот веќе се насобрани 1000 контејнери со 1,3 милиони кубни метри вода. Компанијата Тепко која раководи со централата сака водата да ја испушти во Тихиот океан, но владата засега не дозволува бидејќи таа содржи радиоактивен тритиум. И натаму не се знае каде точно се наоѓа стопеното гориво, а уште помалку како безбедно да се отстрани. Директорот на Тепко, Акира Оно, кој е задолжен за процесот на затворање на централата, не сака да дебатира на таа тема и додава дека ако прашате десет луѓе ќе добиете десет различни мислења.

Тежок земјотрес во Фукушима

01:16

This browser does not support the video element.

Нема откажување од нуклеарките

За разлика од Германија, нуклеарната катастрофа во Јапонија не предизвика промени во политиката во однос на употребата на атомска енергија. Повеќе од осум години во земјата е на власт десноконзервативна коалиција која и натаму стои зад нејзино користење. Заради потребното доопремување со техника за безбедност, само секоја шеста од првично 54 централи можеше повторно да започне со работа.

Анкетите покажуваат дека мнозинството Јапонци се против атомска енергија, но тоа не се одразува на изборните резултати, појаснува експертот за Јапонија, Кристина Ивата Вајкгенант од Универзитетот во Нагоја. „Освен во 60-тите и 70-тите Јапонија никогаш немала изразена протестна култура. Напротив дури, од тоа време наваму политичкиот активизам е предмет на силна стигматизација", вели експертот. Затоа политичката „затапеност” сега веќе е многу голема и надежите дека улични протести би довеле до промени се мали. „Со оглед на тоа не ме ни чуди што почетните протести против атомската енергија во најголем дел престанаа."

Сепак барем во Фукушима акцентот се става на еколошка електрична енергија. Уделот од денешните 40 проценти до 2041 година планирано е да се зголеми на полни 100 проценти струја од обновливи извори на енергија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми