1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десет години финансиска криза- се научи ли нешто?

Андреас Бекер
4 јули 2017

Пред 10 години во САД започна нешто што подоцна прерасна во глобална финансиска криза. Што од целата катастрофа научија политиката и финансискиот сектор?

New York City Lehman Brothers Zentrale
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Altaffer

Отпосле, како што е познато, човек секогаш сѐ знае подобро. Кога во април 2007 година во САД најнапред банкротираше хипотекарната банка Њу Сенчури Фајненшл а потоа во јуни во незавидна позиција се најдоа два хеџ-фондови на инвестициската банка Беар Стернс, тоа најнапред ги интерсираше стручните кругови.

Но на крајот на jули Сабпрајм-кризата, бизнисот со високоризични американски кредити за недвижности стигна во Германија. Банката од Диселдорф ИКБ поради погрешни шпекулации западна во криза и мораше да биде спасувана со пари од даночните обврзници и државни гаранции.

„Тоа за Германија беше почеток на финансиската криза. Следуваа уште многу спасувачки акции“, се присетува Аксел Вебер, тогаш гувернер на германската централна банка- Бундесбанката, а денеска директор на големата швајцарска банка УБС.

Што научи финансискиот свет?

Кога во септември 2008 пак банкротираше инвестициската банка Лиман Брадрс, најнапред изгледаше како да со себе во   пропаст ќе го повлече целиот финансиски свет.

„Тогаш беше донесен најбрзо усвоениот закон во  историјата на Бундестагот-  Законот за стабилизирање на финансискиот пазар“, вели Вебер. „480 милијарди евра вкупна сума, од која 400 милијарди како гаранции и околу 80 милијарди како капитални инјекции за банките“

Аксел ВеберФотографија: Getty Images/AFP

Светот сѐ уште се нема сосема опоравено од последиците на финансиската криза. Но дали барем научи нешто од катастрофата? Тоа беше централното прашање на тркалезната маса на Франкфуртската школа за финансии.

Постабилно, но не и стабилно

„На прв поглед денес имаме постабилна ситуација во финансискиот сектор“, истакна Хернерт Ханс Гринткер, директор на покраинската банка Хесен Тирингија и претседател на сојузното здружение на јавни банки на Германија.

„Дали пак исто така е станато постабилно на втор или на трет поглед, за тоа има сомнеж. Впрочем тоа го покажува и погледот кон јужните делови на Европа во последниве недели“

На крајот на јуни италијанската влада објави дека ќе спасува две кризни но не и системски релевантни банки. Трошоците за италијанските даночни обврзници изнесуваат околу 17,4 милијарди евра. Исто така во јуни во молскавична акција беше продадена банката Банко Популар- за симболично едно евро, но барем без оптоварување за државната каса. Имено големата банка Сантандер се согласи да биде купувач на Банко Популар.

Кризата сѐ уште не е надмината

За шефот на УБС сето ова е доказ дека во финансискиот сектор уште ни оддалеку не е се во ред.  „Ние и натаму се наоѓаме во период на расплет на кризата, но сѐ уште не сме во период по кризата“, истакна Вебер. „Дури кога сите лоши капитални вредности во билансите ќе бидат отпишани и загубите реализирани, дури тогаш кризата е завршена“.

Уште колку долго ќе трае тоа е сѐ уште отворено. Европските банки страдаат од долготрајната политика на ниски камати на Европската централна банка, а економијата на континентот се ниша наваму-натаму.

Ако ништо повеќе сега барем има подобра регулација на банките. Меѓутоа бирократските процедури за банките се големи. Првиот меѓународен правилник за сопствени капитални побарувања за банките во 1988 година имаше само околу 30 страници, вели Вебер. Во 2013 година усвоениот правилник-наследник „Базел 3“ достигна  600 страници, а указот Дод-Френк во САД дури 30 илјади страници.

Фотографија: picture-alliance/ROPI

Ренационализација?

И покрај тоа, банките сека не смеат да бараат помалку регулација, изјави Мартин Цилке, претседател на Управниот одбор на германската банка Комерцбанк. Наместо тоа, различните правила треба подобро да бидат усогласени меѓу себе, и на интернационално ниво.

Меѓутоа во моментов нема сигнали за подобро усогласување, туку сосема спротивно: американскиот претседател Доналд Трамп планира повторно да ги олесни рестрикциите за банките. Цилке стравува од „ренационализација на регулаторните мерки“. „Да се надеваме дека нема да се јаде толку врело, колку што се готви“, дополнува Елке Кениг од Европскиот одбор за ликвидација на банки. „Во спротивно се вртиме во круг и повторно ќе се најдеме на појдовната точка“. Значи, онаму, каде што се беше пред кризата.

На самитот на Г20 на крајот од неделата во Хамбург можеби ќе може да се препознае како стојат работите со меѓународната комуникација. Во минатото самитите беа и форуми за справување со кризите. За првпат во 1999 година како реакција на азиската криза, а потоа во 2008 на големата финансиска криза.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми